1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Театар со инфилтратори за дефокус од предавството

6 јули 2022

Денеска се очекува прва средба на работните групи за утврдување на забелешки за преговарачката рамка. Има ли провокатори на протестите и наменска „магла“ за проодност на францускиот предлог?

Nordmazedonien | Skopje | Proteste EU Beitritt
Мицкоски на протест против францускиот предлог

Власта го прифати предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се формираат работни групи во парламентот, кои ќе работат на предлог-забелешки за измени на спорни точки во  францускиот предлог.  Првата средба начелно била договрена за денеска во 13 часот. Партискиот претседател Христијан Мицкоски очекува да надвладее разумот.

„Предлогот за  работни групи  го дадовме со цел нашите забелешки да ги преточиме во конкретни дела во однос на документите и преговарачката рамка, која е предмет на дискусија. Нашите забелешки се однесуваат пред се за исфрлање на сите спорни делови кои предизвикаа контраверза во однос на постојниот предлог, а со кој се прави отворена штета за  државните и национални интереси.  Измените на текстот се однесуваат на тргање на делот за уставни измени со кој би се обврзала државата, како и отфрлање на можноста за измена на учебници, историски факти како и ризиците кои постојат за негирање на македонскиот јазик“, вели Мицкоски за ДВ. 

Работните групи се составени од двајца членови на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, по еден од Алијанса за Албанците и ДУИ, како и од помалите парламентарни партии. Но, во моментов, не постои јасен впечаток дека власта и опозицијата се залагаат за истото: од власта тврдат дека со забелешки не може да се измени предлогот, а единствено што може е да се донесат заклучоци во Собранието, кои би биле обврзувачки само за македонската влада.

Мицкоски смета дека ова е шанса сите партии да застанат зад една позиција.

„Со оваа рамка таква каква што е предложена, не се штитат интересите, туку бугаризацијата на општеството станува  услов за влез во Унијата.  Еве шанса да застанеме околу единствена позиција за ова круцијално прашање. Иако, гледајќи ги досегашните чекори не сум оптимист дека ќе надвладее разумот, но останува да видиме“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Четврти ден од протестите проследен со насилствоФотографија: Arbnora Memeti/DW

Протестен биланс

Разумот не надвладеа на  вчерашниот протест во Скопје.  МВР соопшти дека за време на протестот од страна на полицијата не биле употребени ни пиротехнички ни хемиски средства за разбивање на толпата, а билансот е: приведени 11 лица, повредени 47 полициски службеници (11 со потешки, а двајца со сериозни повреди) оштетени прозорци и фасади на зградата на Владата, МНР и Собранието, искршени 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, оштетена полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.

„Што се однесува до протестите, ние остануваме со народот заеднички да го изразуваме незадоволството и револтот“, вели Мицкоски.

„Исто така, сакам да посочам дека инцидентите кои се случија, а потоа и  бруталноста  која се демонстрираше на дел од учесниците, се резултат на инсталациите на Спасовски и Ковачевски кои транспарентно го најавуваа сценариото кое го применија. Таквиот театар каде ќе упаднат инфилтратори пратени од полицијата, а потоа ќе се апсат луѓе - е за дефокус на вниманието од предавството кое го прават и најдобар начин да се задуши народниот отпор. За среќа народот е мудар и добро препознава кои се уфрлени насилници и нема да наседне на провокации“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Има уфрлени насилници на протестите, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Arbnora Memeti/DW

Малку магла

Клучното прашање во моментот е дали македонските граѓани имаат релевантни и точни, а не замаглени информации за содржината на преговарачката рамка? Бугарскиот историчар Стефан Дечев, кој е член на Клубот за бугарско-македонско пријателство, има интересен одговор на тоа прашање.

Запрашан за пораките што се испраќаат од протестите во Скопје, во разговор за БНР тој изјави дека „тие не се изненадувачки, бидејќи националисти има и во Бугарија и во Македонија“.

„Но и покрај сѐ, во последните два дена ние имаме некои позитивни сигнали како од премиерот Димитар Ковачевски, така и од министерот за европски прашања Маричиќ, од министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и од претставници на албанските партии - и онаа во владата и оние во опозиција, кои се искажуваат позитивно кон она што треба да го восприемат како модифицирана или  втора верзија на европскиот, француски предлог.  Мислам дека поскоро се оди кон негово прифаќање“, посочува Дечев.

Историчарот нотира дека некои детали намерно со чуваат „во магла“ за предлогот да биде прифатен во двете земји.

Фотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

„Ако треба да бидам отворен до крај, мислам дека има некои мали детали кои намерно се чуваат во магла како пред бугарското, така и пред македонското општество, за да можат едноставно да се прифатат - како во Софија така и во Скопје“, изјави тој.

Запрашан за деталите, Дечев ги посочи „основните прашања“.

„На пример, тоа се оние поврзани со сите основни прашања - македонскиот јазик, вклучувањето на Бугарите во Уставот и историските прашања. Според првичната верзија, историските прашања влегуваа во билатералниот протокол кој требаше да биде потпишан од Бугарија и Македонија, додека сега, историските прашања повторно влегуваат, но во Годишните прегледи од меѓувладините конференции. Во некаква смисла, пак се задоволуваат барањата на Бугарија (...) бидејќи Договорот од Преспа со Грција и Договорот со Бугарија се изрично спомнати во преговарачката рамка. Од една страна, Владата во Скопје спокојно во моментов го убедува македонското општество дека историските прашања не се директно дел од преговарачката рамка. Но бидејќи историските прашања се важен дел од Договорот со Бугарија а тој е изрично спомнат во преговарачката рамка, во Софија спокојно може да сметаме дека тие се дел од преговарачката рамка“, изјави Дечев за БНР.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми