Мицотакис: Ципрас не смееше да признае македонска нација
Јанис Пападимитриу
10 ноември 2018
Во интервју за Дојче веле, грчкиот опозициски лидер и претседател на Неа Демократија Кирјакос Мицотакис ја критикува владата на Алексис Ципрас поради признавањето на македонска нација
Реклама
Лидерот на Неа Демократија, Кирјакос Мицотакис вели дека за него и неговата партија останува неприфатливо признавањето на македонската нација и македонскиот јазик со Договорот од Преспа. Во разговор за ДВ, Мицотакис предупредува дека доколку актуелната грчка влада не успее да го ратификува договорот во актуелниот парламентарен состав во Атина, тоа нема да се случи со евентуален нов состав по избори.
Најголемиот проблем за Мицотакис е „македонскиот иредентизам“.
„Нашиот голем проблем со овој договор е што поврзувањето на сите негови елементи го зајакнува ткн. 'македонски' иредентизам“, вели Мицотакис.
„Јас тука не мислам само на името. Мислам во прва линија на прашањата како јазикот и една македонска нација, кои преку овој договор- за првпат во историјата на преговорите со соседната земја- се признаваат. Во тој поглед господинот Ципрас го премина Рубикон. И признавањето на една македонска нација, како што се предвидува со овој договор, за нас е многу проблематично“, оценува грчкиот опозициски лидер.
Тој уште еднаш повтори дека неговата партија нема да гласа за Договорот од Преспа во грчкиот парламент.
„Неа Демократија нема да го ратификува овој договор кога тој ќе дојде пред парламентот. И ние тој договор нема да го ратификуваме доколку, од било која причина, падне владата и договорот биде претставен дури по новите избори“, изјави Мицотакис за ДВ.
Кои држави имаат проблем за името?
Македонија и Грција потпишаа договор за решавање на спорот за името. Името на државата се јавува како проблем и во односите на други држави во светот. Еве неколку примери:
Фотографија: picture-alliance/Kyodo/MAXPPP
Договор меѓу Македонија и Грција
Грција и Македонија со децении имаат проблем во односите поради името. По распадот на Југославија, Македонија прогласи независност и стана самостојна држава Република Македонија. Грција со тоа има проблем, нагласувајќи дека Македонија се вика нејзиниот северен регион. Двете земји во јуни годинава потпишаа Договор за решавање на спорот за името.
Фотографија: Reuters/A. Avramidis
Република Ирска и Северна Ирска
Ирците долго имаа проблем во односите со Обединетото Кралство. Ирска со векови беше дел од Обединетото Кралство. Со Англо-ирскиот договор од 1921 година на Ирска ѝ беше дадена независност, но со посебна клаузула на Северна Ирска ѝ беше дозволено да остане во рамките на Обединетото Кралство.
Фотографија: picture-alliance/empics/N. Carson
Острови за кои се водеше војна
Островите во јужниот Атлантик имаат француски, британски, шпански и аргентински населби. Велика Британија во архипелагот кој го нарече Фолкландски Острови воспостави своја управа во 1833. Аргентина ги нарекува островите - Малвински Острови и ги сметаше за дел од својата територија. Во 1982. Аргентина изврши инвазија на островите, но британските сили ја вратија територијата во свои раце.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Сенкаку или Диаоју?
Малата група острови под јапонска контрола во Источнокинеското Море долго беше спорна тема меѓу Јапонија и Кина. Кина тврди дека ги открила островите Диаоју во 14 век. По Втората светска војна со островите управувале САД, но ѝ ја вратиле контролата над островите на Јапонија во 1972. Со откривањето на нафтени резерви на островите кои Јапонија ги нарекува Сенкаку, спорот повторно е разгорен.