1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицотакис: Скопје доби нешто што не смееше да го добие

БГ
20 јули 2018

За лидерот на грчката опозиција Мицотакис неприфатливо e признавањето на македонска нација и македонски јазик во договорот меѓу двете земји. Во интервју за Зидојче цајтунг вели дека референдумот во Македонија ќе успее.

Griechenland Kyriakos Mitsotakis
Фотографија: Reuters/M. Karagiannis

„Јасно кажав дека мене овој договор не ми се допаѓа. Но повторувам, ќе го почитувам договорот како обврска на државата, доколку биде ратификуван од грчкиот парламент“, вели во интервју за германскиот весник Зидојче цајтунг, лидерот на најголемата опозициска партија во Грција, Кирјакос Мицотакис. И повторува:

„Но мојата партија, Нова демократија, ќе гласа против него“.

Според анкетите, Мицотакис сѐ уште ужива комотна предност пред владејачката Сириза, во пресрет на сѐ поизвесните предвремени избори во Грција. Прашањето е дали тие избори ќе се случат пред или по ратификацијата на договорот за името со Македонија за што во грчкиот парламент е доволно и просто мнозинство. Владата на Алексис Ципрас во моментов поседува мнозинство од само два пратеници во парламентот поради што се зголемуваат стравувањата дека доколку го загуби истото би можел да пропадне и договорот.

На прашањето дали посакува новите избори во земјата да се случат по ратификацијата на договорот со Македонија, Мицотакис вели „не“ и додава „но доколку јас преговарав ќе барав поинакво решение“.

„Нашиот северен сосед од нас доби нешто, што ниту една грчка влада досега не беше подготвена да го даде: правото на македонска националност и македонски јазик, иако земјата ќе се нарекува Северна Македонија. Тоа е еден парадокс“.

Мицотакис смета дека премиерот Алексис Ципрас сака да ја подели неговата партијаФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

На забелешката на новинарот дека македонскиот јазик е признаен во документи на ОН уште во 1977 година, Мицотакис вели дека „тоа не е исто“.
„Мораме да бидеме многу внимателни за тоа. Мнозинството Грци го отфрлаат договорот. Особено во северна Грција многу луѓе се бесни. Стотици грчки фирми таму го користат името „Македонија“ за своите производи. Не ќе имав ништо против доколку речевме дека јазикот кој се зборува во Скопје е славо-македонски, но не македонски. Кај нашите соседи ќе има референдум и мислам дека договорот ќе биде одобрен. Кај нас таков референдум немаше да има никакви шанси. Јас не посакувам референдум, но надворешно-политичките прашања мора да ги решава парламентот. Тоа треба да не натера да размислиме. Господинот Ципрас не нѐ консултираше ни за овој случај. Тој сака да ја искористи темата за да ја подели мојата партија, но јас не ја играм неговата игра. Важно е за иднината на Грција, Нова демократија да остане обединета и да може да изгради силна проевропска влада“, вели Мицотакис во интервју за Зидојче цајтунг.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми