1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сомнежи и дилеми за „случајот Мијалков“

ДТЗ
24 февруари 2021

Сашо Мијалков трет ден по ред е во центарот на вниманието на македонската јавност. По вчерашниот бурен ден, се бараат одговори на многу прашања

Nord-Mazedonien Saso Mijalkov
Фотографија: P.Stojanovski/DW

Не стивнуваат реакциите во врска со случајот со поранешниот шеф на тајната полиција. Сашо Мијалков веќе трет ден по ред е во центарот на вниманието на јавноста, која по вчерашниот бурен политички ден, не престанува да бара одговори на многу прашања и дилеми кои се наметнаа по прес-конференциите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и на премиерот Зоран Заев, но и по ненадејното појавување на Мијалков во Обвинителството за борба против организиран криминал, додека полицијата го бараше „под секој камен“ и со национална и со меѓународна потерница. 

Откако тој вчера од Обвинителството го подигна решението за куќен притвор, коешто му беше изречено поради опасност од бегство, од синоќа со засилено полициско обезбедување се наоѓа во неговиот дом на Водно. Таму ќе остане се' до петок, кога треба да биде спроведен во судот за да ја слушне пресудата за предметот за незаконското прислушување наречен „Таргет - Тврдина“. 

Многу прашања - конфузни одговори

Дали Мијаков два дена бил болен и „горел“ со температура од 40 степени, или власта го осуетила неговиот план за бегство надвор од државата? Зошто „бегалецот“ во пресрет на петочната пресуда повторно заврши во куќен притвор, ако се обидел да избега? Каде се криел два дена и зошто полицијата не можела да го пронајде? Дали неговото ненадејно појавување во Обвинителството ќе биде земено како олеснителна околност во постапката или не? Кои се кртовите коишто му помогнале во неговиот план за бегство? Која е заднината на случајот - има ли некаков таен договор? 

-повеќе на темата: Заев: Мијалков немаше друг избор - мораше да се пријави  

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека јавноста не треба да се сомнева во евентуален скриен договор со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, бидејќи такво нешто не е возможно. Во гостување на „Утрински брифинг“, тој рече дека се борат против криминалните структури, а договор со нив не може да има. „Прво, ако Заев или кој било друг од СДСМ сакал да се пазари за што било со Мијалков, Груевски, со таа криминална структура во државата - ние тоа ќе го правевме во моментите кога започнавме една сериозна битка со нив, во однос на објавувањето на прислушуваните разговори. Но, ние во ниту еден момент не сакавме да преговараме, бидејќи сметавме дека се направени сериозен криминал и злодело за кои треба да се одговара. Можевме да преговараме и да видиме што ќе се случува и за 27 април, но ние не влеговме во никакви преговори. Одлучивме дека мора да се испочитува волјата на мнозинството во Собранието, дури и по цена на сопствените животи“, рече Спасовски.

 

Mногу прашања и дилеми се наметнаа по прес-конференциите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и на премиерот Зоран ЗаевФотографија: Petr Stojanovski/DW

Но, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека во заднина има некаков договор. Велат дека С. Македонија е единствената држава во светот каде еден бегалец од правдата, откако ќе фатен завршува во куќен притвор. „Системот за којшто самиот Оливер Спасовски говореше дека не функционира, всушност е нивната власт. Тоа е така затоа што власта на Заев целиот систем го впрегнала во заштита, компромис и пазарење со криминалот. Јавноста препознава договор со анекси. За да го пуштат, па анекс договор за да дојде. Поради силните и бурни реакции на граѓаните и надворешни фактори мораа да отстапат од планот“, порачаа од партијата.  

За првиот човек на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, вчерашните случувања потврдуваат сценарио за договор меѓу Мијалков и Заев и се потврда дека по 27 април, двете страни се во соработка. Од Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива поднесоа барање за гласање доверба за министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. „Една ноќ пред сето тоа неговите деца не знаат каде е татко им, а бил болен и изолиран. Најскандалозна е одлуката што Мијалков пак е во домашен притвор“, изјави Села.

Сомнежи

Ваквите сомнежи се подгреаја откако Обвинителството за организиран криминал и корупција во неделата бараше притвор за Мијалков. Но, Кривичниот суд се одлучи сепак да му изрече само куќен притвор. Откако полицијата не го пронајде Мијалков во неделата, Обвинителството поднесе жалба. Пред тој сам да се пријави, жалбата беше повлечена, по што екс-шефот на тајната полиција сам се појави за да го подигне решението за куќен притвор. Обвинителката Вилма Русковска изјави дека жалбата била повлечена непосредно пред Мијалков да се појави во Обвинителството. „Самиот претседател на судот побара жалбата да биде повлечена зашто решението дотогаш не беше спроведено“, рече вчера Русковска.

- повеќе на темата: Иди ми, дојди ми

И додека таа изрази задоволство што Мијалков сам се појавил во Обвинителството и најави дека тоа би можело да биде олеснителна околност, премиерот Зоран Заев претходно на прес-конференција го тврдеше спротивното: „Неговото пријавување во обвинителството не смее да се смета за олеснителна околност ниту за овој, ниту за никој друг случај“.

Вилма Русковска изрази задоволство што Мијалков сам се појавил во Обвинителството Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески за ТВ 24 вечерва изјави дека жалбата за притворот на Сашо Мијалков е повлечена кога полицијата го бараше, но оваа мерка може да се промени по изрекување на пресудата во случајот „Таргет-Тврдина“ во петок.

„Жалбата е повлечена оти во тој момент решението за куќен притвор не може да се ефектуира со оглед дека обвинетиот бил во бегство. Обвинителството досега нема побарано измена на мерката куќен притвор со потешка мерка, со оглед на тоа што се оценува дека и со оваа мерка се обезбедува присуство. Во петок е објавувањето на пресудата, ќе се разгледуваат мерките за присуство на обвинетиот“, најави Јовески.

Боледувал или бегал?

Изминатите два дена случувањата околу поранешниот шеф на УБК, на кој му се суди за повеќе кривични дела, се менуваа како на филмска лента. Се плетеа приказни од Прага преку Будимпешта, се лицитираше со бројни европски престолнини каде што тој наводно можел да замине и да побара азил, по примерот на бегалецот Никола Груевски, кој пред неколку години замина со билет во еден правец. И кога јавноста почна со обвинувања, жестоки барања за оставки и најави за протести, Мијалков ненадејно се појави во јавноста, со тенка црна блуза, маска и грст извинувања до сите за непријатноста којашто ја предизвикал. Тврдеше дека имал температура и заминал во изолација. Тој веќе имаше позитивен тест на Ковид-19 на 14 октомври минатата година. Министерот за здравство, Венко Филипче денеска немаше информации дали Мијалков бил контактиран од епидемиолози за неговата здравствена состојба.

-повеќе на темата: Мијалков се појави кај Русковска: Никогаш нема да побегнам

Додека Мијалков пред телевизиската камера тврдеше дека не бегал, ниту пак планира да бега, премиерот Заев е дециден дека екс-шефот на тајната полиција го планирал токму тоа. Како доказ го наведе тоа што ниту обезбедувањето ниту членови на семејството на Мијалков не знаеле каде е изминативе два дена. „Заврши криењето и бегањето на Сашо Мијалков. Тој немаше друг избор и го направи она што беше неопходно - да се пријави во Обвинителството за организиран криминал“, порача Заев, обелоденувајќи дека институциите го принудиле самиот да се пријави, откако постапиле против неговото семејство како негови помагачи во бегството, но и со закана за запленување на неговиот имот.

Мијалков тврди дека имал температура и заминал во изолацијаФотографија: P.Stojanovski/DW

Под будно око на странците

Случајот со Мијалков деновиве е под будно око и на други земји. Откако Стејт департментот пред неколку дена соопшти дека внимателно го следи расплетот, денеска порака испрати и британската амбасадорка во С. Македонија, Рејчел Галовеј. „Мислам дека треба да се почитува правото и треба да се има поголема доверба на граѓаните во институциите во земјата и затоа мислам дека е важно да се обрне посебно внимание на решавање на овој тип на случаи за граѓаните да стекнат поголема доверба во институциите“, вели таа. 

-повеќе на темата: Цената на бегањето и враќањето на Мијалков

На прашањето дали „случајот со Сашо Мијалков е слабост на институциите или како што изјави премиерот Зоран Заев дека системот покажал способност за решавање и на вакви случаи“, таа вели: .„Ќе продолжиме да работиме да видат граѓаните дека правдата треба да излезе на виделина и сите овие случаи да бидат решени. Мислам дека реформите коишто се направени и оние закони коишто се донесени сега, се во добра состојба. Меѓутоа, треба да се види како ќе бидат тие имплементирани“, изјави Галовеј при посетата на Штип.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми