1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мијалков во центарот на кавгите во ВМРО-ДПМНЕ

22 октомври 2018

Членови на ВМРО-ДПМНЕ зборуваат за две сценарија: според едно, партијата размислува да го исклучи од членство Сашо Мијалков, според друго „ крилото на Мијалков“ ќе барало оставка од Мицкоски

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Фотографија: DW/P. Stojanov

Членови на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи пласираат разни „сценарија“ што би можеле да се случат на седница на партискиот Централен Комитет, која како што најавуваат, била закажана за вечерва во 19 часот. Размената на ставови покажува дека постои огромна поделност меѓу членството и дека главната дебата е фокусирана на Сашо Мијалков, поранешниот долгогодишен директор на УБК и братучед на бившиот премиер Никола Груевски (двајцата на насловната фотографија).

Кои се сценаријата?

Според едни, партијата размислувала да го исклучи од членство Сашо Мијалков, според други „крилото на Мијалков“ ќе барало оставка од партискиот претседател Христијан Мицкоски. Во реакциите кои ја бранат политиката на Мицкоски, Мијалков е идентификуван како главен виновник за исходот од гласањето за предлогот за пристапување кон уставни измени, односно „оркестратор на црниот петок“. Најчестите обвинувања се дека „тој директно влијаел на исходот кој се случил во Собранието и дека преку седумте пратеници се спасувал исклучиво себеси и своите бизниси, а на штета на Македонија“.

Притоа, партиски членови предупредуваат дека за да се сокрие „неговото шурување со СДСМ“, ќе се предизвикало сценарио за барање оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и за закажување вонреден конгрес за избор на нов партиски претседател“.

Фотографија: Petr Stojanovski

Други, пак, реплицираат дека „исходот во Собранието е резултат токму на фактот што Мицкоски не успеал да ги тргне настрана криминалните структури во партијата, и дека токму тој дозволил да биде раководен од Груевски, Мијалков и Мартин Протогер“.

Повеќе:

-Притворените за 27-ми април го обвинуваат Мицкоски за предавство

-Пратениците решија- обезбедено двотретинско мнозинство за уставни измени

-Витезот на темнината

Оние кои не се вклучени во оваа дебата на социјалните мрежи, а се упатени во состојбите во партијата, тврдат дека тоа што го читаат не се разни сценарија, туку „едно договорено сценарио“, за кое членството и не е свесно.

„Што и да се случи, се ќе биде резултат на договорено сценарио. Напорот сега е насочен само кон градење силна перцепција кај членството за некаква непопустливост на лидерот, за патриотизам до крај, за зајакнување на партијата, за наводни напори за чистење на партијата од компромитирани структури итн. Ова е епизода во која треба секој да го верификува како добиено тоа што го барал - кој позиција, кој спокојство“, велат нашите извори. 

Поддршка од САД на Договорот од Преспа

Ваквите тензии и обвинувања во опозициската партија ги фрлија во сенка другите настани. Денес почнува да тече рокот од 30 дена, во кој Собранието треба да почне формирање на собраниско тело кое ќе изготви план за национално помирување. Тоа го предложи групата опозициски пратеници кои поддржаа уставни измени, а паламентарното мнозинство го прифати откако и премиерот Заев повика на простување и помирување за настаните од 27-ми април.

Денеска во Скопје пристигнува Метју Палмер, заменик-помошникот државен секретар на САД.

„Палмер ќе пристигне во Македонија за да разговара за поддршката на САД за преспанскиот договор и важноста на напредокот на македонската реформска агенда”, соопшти амбасадата на САД во Македонија.

Палмер во Македонија доаѓа по посетата на Србија, каде што учествуваше на Белградскиот безбедносен форум. Предвидено е тој се сретне со министерот за надворешни работи Никола Димитров, а во 18 часот, по средбата со премиерот Зоран Заев, заедно ќе одржат конференција во Владата.

Ова е негова втора посета на Македонија оваа година. Палмер на средби со македонскиот државен врв беше и во август годинава.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми