1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Мијалков - од „стоп листа“ на бегалска листа?

22 февруари 2021

Ако Мијалков не биде пронајден за да се спроведе во куќен притвор, МВР за тоа треба да го информира Кривичниот суд, кој треба да донесе решение за распишување на потерница.

Nord-Mazedonien Justiz l Wahlmanipulation - Angeklagte Saso Mijalkov
Фотографија: Petr Stojanovski

Без резултати е засега потрагата на полицијата по Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, откако судот издаде решение тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина" на 26 февруари.

Тој вчера бил баран на неколку адреси во Скопје - неговата куќа на Водно, во стан во населбата Капиштец и во хотелот „Мериот“. Последен пат Мијалков бил виден вчера напладне во кафулето „Дистрикт“, покрај истиот хотел.

Според стандардни процедури, проверки биле извршени и на поширокото подрачје, односно влез/излез од градот. Полициски возила и претпладнево се присутни пред домот на Мијалков на Водно и околу хотелот „Мериот".

Фотографија: Petr Stojanovski

Ако не биде пронајден, МВР за тоа денеска треба да го информира Кривичниот суд, кој треба да донесе решение за распишување на потерница.

Повеќе:

-Случај „Таргет-Тврдина“: „Директорот“ Мијалков слушал разговори од канцеларија

-Тргни - застани, некој ќе застари

-Мијалков во судница ги оживеа „жолтите комбиња“

Засега не се знае дали и кога потрагата би се проширила на целата територија на земјата. Но едно е јасно: доколку Мијалков имал намера да избега надвор од земјата, тоа не може да го стори ниту на легален начин, ниту на легален премин.

Пасошот му е одземен, поради што тој повеќе години се наоѓа на таканрачената „стоп листа“ на сите гранични премини, што значи дека преку нив не може да ја напушти државата.

Мијалков е првообвинет меѓу 12-те лица обвинети во предметот „Таргет-Тврдина“. Обвинителката Ленче Ристеска во завршниот збор за него побара максимална казна, но не побара негово обезбедување до изрекувањето на првостепената пресудата. Неофицијално, барањето за куќен притвор било доставено отпосле, наводно откако биле добиени некакви сознанија за одредени намери на Мијалков.

Мијалков досега редовно присуствуваше на сите судски рочишта. Истото го правеше и неговиот братучед, Никола Груевски, кој избега од земјата откако пресудата за „Тенк“  стана правосилна, а тој доби упатен акт за издржување на затворска казна.

Мијалков на 26-ти февруари треба да ја слушне првостепената, неправосилна пресуда.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми