Уште колку обвинети и осудени за тешки кривични дела треба да избегаат за да профункционира одговорноста за попречување на правдата. Пишува Ерол Ризаов.
Реклама
Сашо Мијалков дури и да се појави во судот на денот на пресудата, или претходно да биде притворен, ја покажа целата трулост на правосудниот систем на државата. Тој си донесе самиот непречено ослободителна пресуда. Трајно, или привремено, сеедно. Скандалот со бегството има гротескна димензија на криминална и коруптивна пандемија еднакво опасна со корона вирусот. Уште колку обвинети и осудени за тешки кривични дела треба да избегаат за да профункционира одговорноста за попречување на правдата. На ова прашање треба експресно да даде одговор владата и премиерот Зоран Заев.
Доколку во наредните 24 часа не паднат повеќе оставки и разрешувања, но и покренување на истраги за кривични дела на одговорни носители на високи функции во надлежните институции на релацијата обвинителство , кривичен суд, полиција и агенциите за разузнавање, тоа ќе биде доказ за вмешаност на политиката во бегството на Сашо Мијалков. Се очекуваат и оставки од морални причини.
Овојпат не важат приказните за тоа до каде се надлежностите кои завршуваат со тоа дека никој не е надлежен, или за законски недоречености чија одговорност до каде допира во стилот: тие се виновни, овие се виновни и на крај никој не е крив. Правните замрсености и лавиринти кој за што е одговорен веќе не можат да бидат оправдување и да служат за замајување на јавноста бидејќи ова не е прв случај на бегство од правдата. .
Правдата се претвори во фарса
Имаше доволно време, цели четири години, сите овие недоречености и надлежности прецизно да се регулираат како треба по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, но и по бегството на луѓето што ја уништија опремата за прислушување заедно со доказите за тоа кои се извршители на најголемото злодело во Македонија кога над 20.000 граѓани, јавни личности, политичари, министри, новинари, дипломати, беа држeни под надзор и следени нивните комуникации со години.
Тие злодела само во еден мал дел ги слушна целата домашна и меѓународна јавност. Веќе подзаборавени од должината и растегливоста на судските постапки правдата се претвори во фарса. И конечно кога требаше да ги стаса казната делот од пониските ешалони на нарачателите од ова злосторничко и криминално здружение кои не избегаа од државата и тие еден по еден почнаа да исчезнуваат и да добиваат азил во други држави.
Тоа се трагичните последици од победата на криминалците над институциите на системот и над законите бидејќи целата постапка за инсталирање на владеење на правото по падот на режимот на Никола Груевски беше наопаку поставена. Прво, ни се случи неказнетото попречување на функционирање на правниот поредок и на судската власт оневозможувајќи го владеењето на правото кое мораше да тргне и да заврши со расчистување на аферата со повеќегодишно незаконско прислушување и со заслужените затворски казни за големите криминали и висока корупција.
.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.-P. Strobel
14 фотографии1 | 14
Законот имаше рокови до кога треба да се завршат работите. И наместо концентрацијата во судската постапка да се насочи кон разоткривање и пресуди на нарачателите на незаконското прислушкување и тоа што произлегува од разговорите како најтешки нарушувања на човековите права и слободи, целата работа се разводени расплинувајќи се на стотина предмети што со вешти попречувања и одлагања ги проби сите рокови и се претвори во судска папазјанија.
Ова срамно попречување на правдата прв го започна тогашниот претседател на државата Ѓорге Иванов со своите аболиции и пишман аболиции, потоа рецидивите во обвинителството и во судството, а по нив и актуелната нова власт чија примарна задача по падот на заробената држава и на режимот на Груевски и ВМРО ДПМНЕ беше да создаде непречени услови за праведно судење. Работите толку се разводенија што јавноста веќе не ги разликува старите и новите јавно емитувани прислушкувани разговори кои се уште се во оптек со непознат датум на производство.
Мијалков од синоним на режимот камен околу вратот на Заев
И редовното јавно обвинителство и Специјалното јавно обвинителство формирано затоа што не функционира редовното, како и целиот правосуден систем влегоа во морски судски постапки на сметка на најтешкото кривично дело. Првиот тежок удар стаса со аферата „Рекет“ што ја поткопа целата надеж дека конечно во Македонија почнува ерата на владеење на правото.
Со вмешаноста во коруптивен скандал на специјалната обвинителка Катица Јанева паднаа и надежите за правна држава без оглед што предметите и специјалните обвинители се префрлија во редовното јавно обвинителство. Во Македонија веќе никој не верува дека правдата е достижна и за недопирливите иако паднаа повеќе судски пресуди со затворски казни вклучувајќи ја и Катица Јанева.
Бегствата на обвинети и осудени отворија широк фронт и на политичка партиска пресметка со вклучување на меѓународниот фактор како учесник и олеснувач на бегалците од правдата.
Се пласира тезата дека сето ова е однапред договорено да се урне Никола Груевски за да се направат отстапки кон Грција и кон Бугарија со промена на името на државата, со губење на националниот идентитет, јазикот и историското минато. Демек целата оваа работа со прислушувањето е организирана од големите сили да дојде на власт СДСМ и Зоран Заев кој ќе ги распродадат националните интереси. Овие манипулации станаа идеално тло за теориите на завери и за намножени домашни предавници и непријатели кои се пласираат не само како партиско политичка пресметка, туку и од научни институции, но тоа е посебна тема за друга прилика.
Никола Груевски: како реформаторот стана бегалец
Од надежен реформатор, преку корумпиран автократ до бегалец од правдата. Поминаа 20 години од стапнувањето на политичката сцена до бегството во Унгарија. Политичката кариера на Никола Груевски низ фотографии.
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff
Референдумска битка
Кариерата на Груевски во политиката започна во првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски, во 1998. како министер за трговија, а продолжи како министер за финансии. Но искачувањето до врвот на македонската политика, Груевски го започна во 2004., по неуспешниот референдум против територијалната поделба, откако претходно успешно го одбрани партискиот престол во хотелот Панорама.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Ilic
Преродбата во 100 чекори
На парламентарните избори во 2006 ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски извојува убедлива победа. Младиот технократ ветуваше економска преродба на земјата и брзо членство во ЕУ и НАТО. Граѓаните му ја дадоа довербата на гласањето на 5 јули, но ретко кој очекуваше дека Груевски неограничено ќе владее и во следните 10 години.
Фотографија: AP
Поддршка од Западот
Младиот премиер во првите години уживаше голема поддршка од меѓународната заедница и особено од сестринските партии во Европа. Веќе во октомври 2006. беше пречекан во Берлин од канцеларката Ангела Меркел со воени почести. Западните политичари во него гледаа надеж за земјата и за регионот и пресврт од дотогашната националистичка политика.
Фотографија: AP
На крилата на поразот од Букурешт
Преродбата на Груевски продолжи на изборите во 2008 година кои ги доби со огромно мнозинство благодарение пред сѐ на националистичката кампања која во прв план го имаше фијаското на Самитот на НАТО во Букурешт и паролата „името не го даваме“. Оттогаш започна и непреченото владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: AP
Скопје 2014
На крилата на големата изборна победа, Груевски го стави во погон проектот „Скопје 2014“. Целта беше да „се зајакне“ идентитетот на народот и да му се покаже на светот дека Македонците не се дрво без корен. Исходот: потрошени речиси 600 милиони евра народни пари на споменици и неокласични објекти кои завршуваа во џебовите на фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Партнерот во сенка
На претседателските избори во 2009 година победата на Ѓорге Иванов ја заокружи комплетната контрола на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Иванов ќе биде реизбран во 2014 година и до денес ќе остане верен следбеник на својот политички ментор- Груевски. На поддршката ќе возвраќа повеќепати, прво со општата аболиција во 2016 година, а потоа и со одбивањето да му го даде мандатот на Заев во 2017.
Кога во февруари 2015. Заев започна да ги објавува прислушуваните материјали, Груевски беше на зенитот на својата моќ - неприкосновен во партијата и државата. Серијата протести таа година го потресоа, но не го загрозија посериозно. Дури откако се вмеша и меѓународната заедница, а Иванов мораше да интервенира со аболиција, граѓаните масовно почнаа да излегуваат на улиците во Шарената револуција.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Новата ера (не) започна
Тешкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2017, значеше и крај за Груевски на чело на партијата. Новата ера која ја најавуваше, не се случи. Она што од денешен аспект е интересно, е средбата со Орбан во септември 2017 во Охрид, на која наводно и паднала понудата за азил од страна на унгарскиот премиер. По неколку месеци на чело на партијата Груевски беше заменет од Христијан Мицкоски.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Лице од потерница
Откако пресудата за двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО стана правосилна, се очекуваше Груевски да се јави на издржување на казната. Но, тој се јави на Фејсбук од Будимпешта од каде порача дека „ќе остане верен на каузата на Македонија“. МВР, веројатно задоцнето, одлучи да трага по експремиерот со потерница.
Фотографија: Innenministerium der Republik Mazedonien
Наследството на Груевски
Дали Никола Груевски ќе биде испорачан назад во Македонија каде се соочува со уште четири судски процеси, во моментов може само да се шпекулира. Зад себе остава долго досие на злоупотреби и криминал, и држава која во последните години од неговото владеење се најде во изолација и беше предмет на жестоки критики и потсмев во демократскиот свет.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
10 фотографии1 | 10
Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ повторно ги мијат рацете со тоа што го исклучија од партијата Сашо Мијалков прогласувајќи го партискиот врв за чист и неизвалкан, притоа премолчувајќи ги гревовите без грам осуда на главните нарачатели и на прислушувањето и на организираниот криминал и корупција кои се уште се во партискиот врв. Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ никогаш јасно и гласно не се оградија, ниту пак покренаа некакви постапки во партијата против носителите на најголемите злодела во државата од прогласување на независноста. За нив незаконското прислушкување е сценарио за уривање на најуспешната македонска влада и премиер за да се обезличи македонскиот народ и држава. Ова јасно докажува дека доколку на последните парламентарни избори победеше ВМРО ДПМНЕ целосно ќе беа попречени сите судски постапки што се водат против поранешните и актуелни партиски функционери, а нарачателите на прислушувањата и носителите на организираниот криминал кои избегаа веќе од поодамна ќе беа вратени во земјата како спасители и невино прогонети.
Во владата на СДСМ и ДУИ, кај премиерот Зоран Заев и коалициониот партнер Али Ахмети и по четири години поседувајќи ги сите механизми на функционирање на власта се уште не е доволно јасно видлива определбата за решителна пресметка со причините поради кои дојдоа на власт, ниту со расчистување на последиците од ерата на груевизмот.
Да потсетиме, причините беа големата доверба во јавноста за расчистување со незаконското прислушување, ослободување на заробената држава, пресметка со организираниот криминал и високата корупција и враќање во државната каса на она што е ограбено во периодот од 11 годишно неконтролирано владеење. Трагичните последици требаше да се заменат со нови вредности и стандарди на современо европско општество, а пред се со темелна реформа и прочистување на правосудниот систем и непречено функционирање на тоа што се нарекува владеење на правото. Тие очекувања не се остварени и покрај одреден напредок кој е констатиран во извештаите на ЕУ. Обезвреднувањето на тие резултати е пред се поради и натаму високата корупција и организираниот криминал, незадоволството на граѓаните од бавноста и нерешителноста на владата и на институциите на системот во искоренувањето на ова зло што ја подрива државата и ги осиромашува граѓаните.
Непопречените бегства од државата на обвинети пред да падне пресудата е потврда на недозволени и сомнителни спреги кои секогаш завршуваат лошо. Па така и случајот со Мијалков од синоним на режимот на Груевски завршува како камен на вратот на Заев.