1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Мијанмар обвинет за апартхејд

Родион Ебигхаузен
24 ноември 2017

Владата на Мијанмар врши систематски апартхејд над припадниците на муслиманското малцинство, Рохингите, тврди извештај на Амнести интернешнл.

Myanmar Polizist in Sittwe Stacheldraht
Фотографија: picture-alliance/dpa/Nyein Chan Naing

Од почетокот на политичкото отворање на Мијанмар во 2011. година, во повеќе наврати се случуваше насилство над муслиманите во земјата. Посебно на удар се припадниците на муслиманското малцинство Рохинга, кои живеат во северозападната покраина Ракхн (поранешен Аракан). Уште во 2012. година во немирите во тој регион настрадаа речиси 100 Рохинга-муслимани, беа разрушени 5.000 куќи и протерани 75.000 луѓе. До нова ескалација во судирите дојде во август годинава. Т.н. Војска на спасот на Рохингите Аракан (АРСА), ставена во служба на обезбедување на автономија за малцинството, нападна повеќе пунктови на мијанмарските безбедносни служби, и според владини податоци, уби 12 лица. Мијанмарската војска возврати многу остро. Последица беа 600.000 Рохинга-бегалци во соседен Бангладеш.  ОН тоа го нарекоа етничко чистење. Но, мијанмарската војска, во соопштението издадено на 13. ноември годинава, негираше било какво кршење на Женевската конвенција. Конвенциите се важен дел од меѓународното хуманитарно право и во случај на војна или оружен судир, со нив се дефинирани правилата за заштита на цивилното население. 

Организацијата за човекови права Амнести интернешнл овие настани ги искористи како повод за детален извештај за расветлување на заднината на кризата во Мијанмар. Објавениот извештај со наслов „Во кафез без покрив“ е базиран на податоци добиени при истражувањето водено од организацијата во периодот помеѓу ноември 2015. и септември 2017. година. АИ четири пати ја посетила покраината каде живеат Рохинги, извршила преку 200 интервјуа, ја анализирала правната и останата литература на оваа тема, како и обемен фотографски и видео материјал. Тежиштето било ставено на периодот по 2012. година. 

Систематско прогонување и уништување на селата на Рохингите Фотографија: Reuters/Soe Zeya Tun

Владата свесно градела режим на апартхејд

Најновиот извештај на АИ се повикува и на слични извештаи на организации за човекови права, како Хјуман рајтс воч или Фортифај рајтс. Мијанмарските сили за безбедност до август 2017. година се одговорни за смрт, мачења, силувања и спалување на цели села. Амнести нагласува дека во случајов станува збор за злосторства против човештвото. Како и сите досегашни извештаи, и овој е воглавно базиран врз сведочења на бегалци, со оглед што владата на Мијанмар не дозволи присуство на странски посматрачи во кризниот регион. 

Систематска дискриминација и ограничувања за Рохинга-муслиманите

Амнести детално го образложи обвинувањето. По немирите во 2012. година, сигурносните сили на Мијанмар ги раздвоиле будистичките и муслиманските жители. Десетици илјади муслимани биле сместени во бегалски логори. „Оттогаш речиси секој аспект на нивниот живот претрпува огромни ограничувања, а во текот на следните пет години е извршено повеќекратно кршење на нивните човекови права, меѓу кои и она на слобода на движење, на државјанство, право на адекватна здравствена заштита, образование, работа и исхрана.“

Сегрегацијата и дискриминацијата кон муслиманите се засновале на институционализираниот систем,  покажале истражувањата. „Во случајот на Рохингите, постои сериозен, распространет и систематски напад врз една популациска група, јасно поврзан со нејзиниот етнички идентитет, што со право мора да се нарече апартхејд“. 

Во извештајот натаму се наведува: „Режимот на апартхејд е создаден и зачуван врз основа на напишани закони, прописи и локални уредби, но и врз експлицитно формулирана пракса на власта.“ Целта на владата и војската била доминација над Рохинга-муслиманите. Свесното делување на власта и војската е важен столб во поткрепа на обвинувањето за апартхејд.

Ограничена образовна понуда за Рохинга-децатаФотографија: DW/L. Kafanov

Потребна е реинтеграција

Во меѓународното право апартхејдот е изричито забранет. Конвенцијата за борба против расизам од 1965. година, како Меѓународната конвенција за сузбивање и казнување на злосторства на апартхејд од 1973. година не оставаат никаков сомнеж во тоа. Иако Мијанмар нема потпишано ниедна од овие конвенции, тие се составен дел од меѓународното право и оттаму се применуваат и на случајот во Мијанмар.

Во завршниот дел од извештајот, Амнести интернешнл меѓу другото повикува на спроведување на предлогот на бившиот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, кој ја предводи Комисијата за Рохинга-муслиманите. Извештајот заклучоците ги наведува како исклучително важни, во нив стои дека „реинтеграцијата, а не сегрегацијата е најдобар пат за долгорочна стабилност и развој во покраината во која живеат Рохингите.“  

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми