1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

EYOF 2019 - свирежи и овации во Сараево

Самир Хусеиновиќ
11 февруари 2019

35 години по Зимските олимписки игри во Сараево, во овој град е повторно запален олимпискиот оган. На свеченото отворање на EYOF се слушнаа и аплаузи и свирежи.

Bosnien und Herzegowina Sarajevo - Eröffnungszeremonie EYOF 2019
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Emric

Во Сараево сѐ потсетуваше на отворањето на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 1984 година - од атмосферата во градот, десетиците илјади граѓани на стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе“ (Кошево), сѐ до свеченото дефиле на младите спортисти кои под државните знамиња весело чекореа по атлетската патека. И Вучко беше тука, заедно со маскотата на Европскиот олимписки фестивал на млади ((EYOF). Имаше и трема при обраќањето до присутните, но на младите олимпијци никој не им го забележа тоа, исто како што никој не му забележа на Бојан Крижај во 1984 година, кога на момент го заборави својот текст на отворањето на ЗОИ.

Олимпискиот пламен, носен од рака до рака од босанско-херцеговските спортисти, на крајот стигна до најдобрата БХ-спортистка Лариса Цериќ, која 35 години по ЗОИ повторно го запали олимпискиот оган. За време на дефилето на младите спортисти немаше свирежи, граѓаните на Сараево ги поздравија со аплауз репрезентативците на Хрватска, Србија Македонија, Косово, Црна Гора, Словенија...

Но, кога водителот на програмата го најави доаѓањето на политичарите - претседавачот и членовите на претседателството на БиХ, Милорад Додик, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, присутните на стадионот не го криеја своето негодување. Додик и Џаферовиќ беа дочекани со громогласни свирежи, додека Комшиќ беше поштеден од таа непријатност.

Беше очигледно дека емоциите на присутните се помешани, исто како што се поделени и коментарите кои уште во текот на церемонијата и по отворањето на EYOF можеа да се прочитаат на социјалните мрежи. Преовладуваат оние со осуда на свирежите, тврдејќи дека за такви емоции, колку и да се оправдани, нема место на таков свечен момент, на смотра на млади олимпијци.

Фотографија: Imago/Xinhua/N. Grabovica

Новинарката и професорка по филозофија и социологија Борка Рудиќ за ДВ коментира:

„Свеченоста беше феноменална, богата, на моменти гламурозна, некако мотивирачка и конечно нешто убаво за нас овде во Сараево, во Источно Сараево и во цела БиХ. Посебно ме радува фактот што организацијата на EYOF е заедничка активност на двата града, двата ентитета, на целата држава БиХ... Целиот впечаток сосема го расипа хистеријата на свирежи при спомнувањето на Милорад Додик, на Република Српска, а свирежите продолжија и на спомнувањето на Шефик Џаферовиќ, па потоа и за време на говорот на Додик... Примитивен и бесмислен чин, без никаков ефект врз политиката на самиот Додик, а голема штета за имиџот на овој град и неговите луѓе, плукање по сѐ она што луѓето го работеа со години, за вечерва да можеме да го отвориме EYOF. Потполно незрел и политички бесмислен чин. Јас се срамев“, вели Борка Рудиќ.

Други, меѓутоа, забележуваат дека се живее во „деморкатија“ и дека луѓето имаат право да го изразат своето незадоволство во секоја пригода. „Зошто не би свиреле? Секаде во светот би му свиреле на политичар со којшто не се согласуваат, па зошто не и кај нас? Тоа е јавно место и идеален простор за јавноста да покаже што мисли. Впрочем, ракоплескаа кога требаше“, забележува една корисничка на Фејсбук. Некои пишуваа и „секому по заслуга“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми