Младите во БиХ: Авганистан или луксузен брод?
14 март 2013Не е новост дека младите се‘ почесто заминуваат од БиХ во потрага по парче леб. Нискиот стандард, малите плати и високата невработеност доведоа до тоа голем број млади да сакаат да ја напуштат земјата. Меѓутоа, ни тоа не е едноставно. Тешко се добива работна дозвола во странство, па многу луѓе приликата да заработат нешто и да пропатуваат по светот ја бараат на луксузните бродови за крстарење, странските авиокомпании или дури и во Авганистан. 28-годишниот Ненад Момиќ од Бања Лука првпат отишол на брод пред шест години и оттогаш тоа го прави постојано.
„Платата која ја заработував во Бања Лука не стигнуваше за покривање дури ни на најосновните потреби, да не зборуваме за летувања и зимувања. Имав 23 години и решив да пробам нешто ново. Размислував да заминам во Авганистан или на нафтена платформа, но на крај се решив за брод“, вели Ненад. Тој добро го знае англискиот јазик, што му овозможило место на шеф на персоналот на палуба и останатите отворени места на бродот.
„Месечно заработував околу 1.600 долари. Вработените во ресторант заработуваат околу 1.200, додека главните келнери кои послужуваат гости заработуваат и до четири илјади долари месечно. Разликите се големи, се‘ зависи од позицијата на која сте - собарките примаат околу 2.500 долари, а најмалку заработуваат чистачите, околу илјада долари“, објаснува соговорникот.
Ненад е побогат за едно големо животно искуство - пропатувал низ цела Европа и голем дел од светот - од Грција, Финска, Италија, до Бахами, Карибите, Калифорнија.
„Човек се заситува и од таков живот, но многумина се враќаат постојано поради кредитите. Кога шест месеци сте на брод, а три дома, сфаќате дека не живеете ни таму ни тука. Затоа оваа година решив да работам на речните бродови во Европа. Условите се подобри, поблиску сум до дома“.
Главата во торба, но се исплатува
Во потрага по работа младите одат и во Катар и Обединетите Арапски Емирати, каде работат за тамошните компании. Но, за многумина млади најатрактивна дестинација е Авганистан, посебно оние од Тузла. Оваа од војната погодена земја привлекува поради можностите за добра заработувачка во американските бази. Емир Аљукиќ и Анела Сејдин со години работеле во Кабул, на административни работи.
„Целта ми беше нешто да заработам, мислев дека ќе останам само една година. Се вратив, дипломирав, сега не знам што ќе биде. Ако не најдам работа, можеби повторно ќе заминам, иако парите таму не се заработуваат лесно“, вели Емир.
Тој го истакнува ризикот во Авганистан, на кој човек е постојано изложен.
„Се‘ зависи од кампот во кој работите. Во некои имате и базени и се‘ можен комфор, додека во други бази сите работници задолжително мораат да носат заштитни панцири и шлемови, зашто нападите и гранатирањата се секојдневни. Јас лично преживеав неколку напади врз базата. Не е ни малку пријатно додека околу паѓаат гранати. Факт е дека се заработуваат големи пари, а тоа е основниот мотив кои луѓето ги тера таму“, објаснува Емир.
И девојки одат во Авганистан
25-годишната Анела, пак, работела во администрација, а ако има можност повторно би отишла во Авганистан или во некоја африканска земја.
„Парите кои се заработуваат во Авганистан се големи во споредба со овдешните плати. За три месеци во Авганистан се заработува годишна плата од БиХ. Тука е и искуството, разните познанства, но кога ќе се вратите дома повеќе цените некои работи“.
Младинската информативна агенција на БиХ неодамна спроведе истражување меѓу младите во земјата, според кое 81 процент од нив изјавиле дека уште утре би ја напуштиле БиХ ако им се укаже поволна прилика. Лани е забележана најголемата невработеност во земјата - работа барале над половина милион луѓе.