Младите Германци - најдобри во фудбал во Европа!
30 јуни 2009Германците го одбранија имиџот на репрезентација која игра добро на европски и светски првенста. Во последните осум меѓусебни дуели со Англија, Германија ниту еднаш не победи. Но, токму во финалето на европското првенство во Шведска ставен и‘ е крај на оваа негативна серија, и сега Германија е европски шампион.
Заслужено. Зашто, по почетните тешкотии, младата репрезентација на Германија играше борбено и постојано напаѓаше. Во 23 минута Гонзало Кастро го постигна првиот гол, по кој Германците играа многу посамоуверено и ја диктираа играта. Вториот гол падна непосредно по паузата на полувремето. Најдобриот германски играч, Месут Озил го даде својот прв гол на турнирот. Но, наместо да се повлечат во дефанзива и да го бранат резултатот, Германците и натаму работеа на создавање шанса за гол. Напаѓачот Сандро Вагнер ја зголеми предноста на 3 спрема 0, а непосредно по третиот гол го даде и четвртиот за својот тим.
„Се залагавме многу на првенството. Првите три натпревари, со исклучок на Шпанија, не беа многу добри. Од полуфиналето почна да станува добро и сега мора да се каже - покажаа што можат“, изјави гордо по натпреварот тренерот Хорст Хрубеш. Играчот од одбраната, Матс Хумелс, среќно додава: „Толку бевме возбудени пред натпреварот, секој му даваше поддршка секому. Се поттикнувавме меѓусебно и беше едноставно невозможно да не се победи. Заслуживме добра прослава вечерва“.
Автор: Сара Фаупел / Елизабета Милошевска - Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска