1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите не се шега

Гордан Георгиев
19 ноември 2019

Кадешто се младите, таму е и шегата. Оваа изабена фраза, којашто сегашниве млади веројатно не ни ја помнат, е сепак само џоук. Младите не се шега, и не се шегуваат. Еве и зошто. Пишува Гордан Георгиев

Symbolbild Koffer Auswanderung Einwanderung Reise Immigration Migrant
Фотографија: Fotolia/Masson

На се’ уште необјавеното истражување, направено од страна на британската Фондација за демократија на Весминстер, на репрезентативен примерок на млади на возраст од 15 до 35 години, младите имаат што да кажат. И кажуваат, надевајќи се дека некој ќе ги слушне. Не, не, грешно разбравте. Тие не пекаат по секоја цена некој да ги слушне, туку предупредуваат дека токму со ваква младина, државата треба да се грижи за својата иднина. 63 проценти од испитуваните млади наши сограѓан(к)и не се задоволни од сопственото место во општеството, додека 58 проценти чувствуваат неизвесност за сопствената иднина во земјата. Дури 80 проценти тврдат дека државата не нуди перспектива за младите. 60 проценти од младите би се иселиле од државата. Во овие последни 60 проценти има уште една дополнителна драматика: само 20 проценти од членовите или поддржувачите на некоја политичка партија би се отселиле од државата, а останатите 40 проценти се непартиски определени млади. Тоа укажува дека „партиските“ млади се чувствуваат побезбедно во таборот отколку младите кои одбрале да останат на ветрометина, надвор од партиските прибежишта. 

Претходни колумни на авторот: 
- Поставувајте ги непријатните прашања

- Дали ВМРО-ДПМНЕ се достојни за власт? 
Конечно, анкетата на Фондацијата за демократија на Весминстер покажува дека 80 проценти од анкетираните млади имаат став дека државата не се грижи за нивните потреби и истиот процент сметаат дека не можат да влијаат врз работата и политиките на владата.

Министерство за (одлив на) млади

Паметна влада и одговорна опозиција знаат што треба да направат со овие бројки. Да седнат заедно на маса и да направат транспартиска, трансвременска (десетгодишна!) и трансгенерациска стратегија за младите и политиките кон младите. И да ги адресираат точно и прецизно кон младите. За почеток, да го извадат потценетиот сектор за млади од Агенцијата за млади и спорт и да направат ново министерство за млади (циниците би рекле „Министерство за спречување на одлив на млади“). Да ги прилагодат, стратифицираат и насочат буџетите за политиките кои се однесуваат на младите, со цел поголема видливост и препознатливост. Младите не ги интересира само вработување, се лажете ако мислите дека сите чекаат државата да ги вработи. Напротив, оние најдобрите и најнадарените (кои немаат проблем да си најдат работа) ги интересира и култура, и чист воздух, и квалитетно образование и препознатлива и признаена дилома. Со еден збор, сакаат извесност во очекувањата за квалитетен живот во државата во којашто живеат. Макар и почекале некоја година.
СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса, Беса...никоја од нив не може сама и парцијално да им се обраќа на младите. Или ќе го направат тоа заедно или ќе останат замандалени во рамките на „своите“ млади. Еве ги каде се изборите, имаат време „старите“ да размислат малку за младите. Владата и Агенцијата за млади и спорт имаат сет на мерки кои делуваат пристојно, верувам дека и претходните влади имале слични мерки. Но тие не се доволно искомуницирани, нема консензус за нив и никогаш нема доволно пари. Она што е најбитно, и тоа толку драматично го покажува истражувањето, младите немаат чувство дека возрасните т.е. оние коишто одлучуваат, се грижат за нив. Дури и ако ова е прашање на перцепција, тоа е сосема доволно за младите да размислуваат да заминат од овде.

Гордан ГеоргиевФотографија: privat

Инклузивен процес
СДСМ упорно го лоцира одливот на млади со владеењето на режимот на Груевски. Тоа е точно во голема мерка и е поврзано токму со она чувство на неизвесност за иднината и партизацијата на општеството. Но младите се’ уште се отселуваат, веројатно со исто темпо, и од исти или слични побуди. Нереалните очекувања дополнително долеваат на нивните интимни одлуки за гурбет. Младите немаат време за чекање, нетрпеливи се, старите имаат се’ помалку избор, и време за чекање.
Е сега, група на млади, исклучително релевантни (и по функција и по интелектуален габарит) седнале и седеле година ипол за да расправаат и да го подготвуваат Законот за младинско учество и младински политики. Групата е завидна и речиси вчудоневидувачка: партиски подмладоци, пратеници и пратенички од сите партии, претставници на Агенцијата за млади и спорт, претставници на Владата одговорни за младински политики, младински граѓански организации. Накусо, потенцијален рецепт за тотален дебакл. Но, не. Се карале и се смирувале, се сакале и мразеле, навечер веројатно се забавувале, дискутирале долго и нашироко, и после година ипол се договориле околу содржината на законот. Потоа, преку неколкуте пратеници (пратенички!) кои се млади и се идентификуваат како млади, го поднеле предлог законот во Собрание, а претходно го формирале Клубот за младински прашања и политики во Собранието на РСМ. Деновиве ќе се донесе законот и тоа веројатно со поддршка на 120 пратеници. Најважно од се’, поминале низ еден инклузивен процес за кој би можеле да им позавидат и во најразвиените демократии.

Младите се иселуваат, компаниите бараат работници

06:05

This browser does not support the video element.

Премостување на недовербата

Имав прилика со некои од нив посредно да се дружам, да ги набљудувам и анализирам. И ви велам, одлични се! Таква ерудиција, таков сенс за ислушување на другиот, таква аргументирана расправа, втопена во знаење и познавање на темите. Знам, можеби идеализирам од позиција на аутсајдер, но сепак не премногу.
Од исклучителна важност во целото ова „отварање“ е улогата на граѓанските младински организации. Тие се силни и одважни, акумулираат големо знаење и искуство, и секогаш сакаат повеќе и повеќе. Партиите имаат одреден степен на недоверба кон нив, но ако се премости таа недоверба сите ќе бидеме подобри. Граѓанските организации поприземни во барањата откако ќе бидат соочени со реалноста на партиското делување, а политичките партии поефикасни, подемократски и подобри во крајна линија. Дополнително, граѓанските организации се потенцијалниот мост или прозорец на политичките партии кон другите, „непартиски“ млади.
Што ќе се случи кога младите ќе ги собујат младинските патики и ќе ги обујат сениорските лакирани салонки? Ќе станат стари, или старо-мали. Ќе се претопат во сивилото на обезличената партиска политика, ќе учат од возрасните, ќе се мразат и ќе се трујат со дневни дози партиски отров. Може ли поинаку? Ако ги видите овие млади кои јас ги видов, ќе си вбризгнете доза на оптимизам во овие ненормално топли ноемвриски денови.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми