Политичката револуција на Сандерс
9 февруари 2016 Мелиса Рубио ја загубила својата мајка поради рак.
Две недели подоцна, нејзиниот татко добил отказ од работното место во градежништво во Чикаго. Наскоро и банката им го одзела домот.
Рубио имала 15 години кога трагедијата го погодила нејзиното семејство. Била лута, но премлада за да го сфати она што се случило во поширок социјален контекст. За време на студиите на Универзитет ДеПол, Рубио се активирала во прогресивните студентски организации.
„Ги спасувавме банките, но не ги спасувавме луѓето кои беа злоупотребени“, вели Рубио за ДВ.
Откако дипломирала со студентски долг од 60 илјади долари, и се придружила на кампањата на Вил Гузарди, прогресивен политичар од Илиној. На 25 години, Рубио денес е негов политички директор. Од штабот на Гузарди, таа организира поддршка за Берни Сандерс, социјалистот- претседателски кандидат кој за малку ја победи фаворитката на естаблишментот Хилари Клинтон во Ајова. Сандерс повикува на „политичка револуција“ против „класата на милијардери“.
„Се работи за бришење на моќта на корпорациите, кои имаат голема врска со она што денес се случува во локалните заедници“, вели Рубио.
Младите доцнат
Шест нови волонтери се појавуваа во канцеларијата на Рубио во Чикаго. Добиваат задача да работат на телефоните за да ги убедуваат гласачите да му ја дадат довербата на Сандерс или да помагаат со податоците. Речиси сите се „милениумци“, млади луѓе под 30 години, и сите имаат финансиски проблеми по завршувањето на колеџот. Џори Мур е 28-годишна предучилишна учителка. Покрај студентскиот долг и ратата за куќата, не може да си го дозволи здравственото осигурување.
„Татко ми се уште ми го плаќа здравственото осигурување. Го мразам тоа“, вели Мур.
Џејми Корлис, 23, дипломирала на Колумбија колеџот. Невработена е и има долг од 22 илјади долари. „Бидејќи сум невработена, не можам да почнам да го отплаќам. А тој се зголемува секој ден“, вели Корлис.
Ветувањето на Сандерс за бесплатни јавни универзитети и замена на приватното здравствено осигурување со јавен систем, звучи примамливо за многу „милениумци“.
На 74 години, Сандерс би можел да биде најстариот претседател во историјата на САД. Но, сенаторот од Вермонт освои 84 отсто од демократските гласови на лица помлади од 30 години на минатонеделните избори во Ајова.
„Нема дилема дека без поддршката од гласачите под 30 години, Сандерс ќе ја загубеше трката“, вели Захари Кук, професор на Универзитетот ДеПол.
Клинтон беше попопуларна кај постарите гласачи во Ајова, иако разликите беа мали. Најголема поддршка добила од гласачите над 65 години.
Поделена партија
Сега кога партијата се врти кон изборите во Њу Хемпшир, младите повторно можат да имаат одлучувачко влијание врз исходот. На списокот има 129 илјади нови гласачи кои немаа право на глас во 2008.
„Во моментов, внатрепартиската поделба во однос на возраста е реалност“, вели Кук. „Прашањето е дали по овие избори, без разлика кој ќе победи, партијата ќе може повторно да се обедини“.
За Рубио, Клинтон е „корпоративен демократ“. Според Вашингтон Пост, финансискиот сектор досега обезбедил 21 милиони долари за кампањата на Клинтон, и околу 75 илјади за Сандерс.
Рубио вели дека би гласала за Клинтон покрај било кој Републиканец, но без голем ентузијазам. „Не би работела на терен за неа толку“, вели таа.