1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Младите ќе седнат на улица против увозот на отпад!

Костадин Делимитов
31 јануари 2020

Битката против увозот на отпад добива на жестина, а ќе се радикализира ако не помине законот за управување со отпад. Пратениците пред свршен чин - да гласаат за еколошки, или за политичко-бизнис интереси.

Deponie Rusino bei Gostivar in Mazedonien
Фотографија: DW/S. Toevski

Граѓаните протестираат, партиите тактизираат. Ќе има или не законска забрана за увоз на отпад? Законскиот предлог, кој е заглавен во парламентот, ги вади на улица младите кои бараат итно да се донесе забрана за увозот на отпад во земјата. Во знак на револт од одолговлекувањето, денеска најавија протестен собир пред парламентот, каде ќе чекаат народните избраници да се „смилуваат“ и да стават крај на фарсата околу предлог законот.

„Протестниот собир ќе има централен перформанс – симболично седнување на улица, кое ќе ја претставува чекалницата во која се наоѓаат граѓаните додека се донесе решение за секојдневното труење од согорување отпад. Ќе седиме, но не со скрстени раце, затоа што долгата битка, која минатата есен ја нарековме зелена револуција, продолжува во 2020“, порачаа од Младинското движење за климатска правда „Петоци за иднината Скопје“.

Неисполнети барања

Револтот кулминира поради игнорантскиот однос на надлежните кон најголем дел од барањата на т.н. „Зелена револуција“, која уште лани испорача дузина приоритети за заштита на животната средина. Младите активисти се бесни што наместо за животната средина, народните избраници повеќе се грижат за интересите на крупниот капитал:  

„Во ситуација кога аерозагадувањето руши светски рекорди, ова прашање треба да е прво на дневен ред, затоа што се работи за криза без преседан која ќе осакати цели генерации. Младите заминуваат од овде меѓу другото и затоа што не сакаат да дишат буквално канцер во гасовита агрегатна состојба. А кога сите индикации и мерења укажуваат на тоа дека согорувањето на отпадот како гориво во индустриските капацитети има огромен придонес за оваа состојба, немањето волја за тоа да се спречи укажува или на целосна отсеченост од граѓаните чии интереси треба да ги претставуваат, или на вмешаност во целата операција со увозот на отпад. Најверојатно и двете истовремено“, предупредува Иво Босилков, активист во движењето „Петоци за иднината Скопје“.

Во државата не се депонирал отпад забранет со закон, уверуваат надлежните Фотографија: picture alliance/Uwe Zucchi

Политиканство и коруптивни шеми

Активистите ќе инсистираат на средба со спикерот Талат Џафери, од кого ќе бараат објаснување зошто точката за законот за отпад е симната од дневен ред. Официјалното образложение е дека се потребни дополнителни консултации пред таа да биде ставена на пленарна седница. Ваквото тактизирање, според активистите, само потврдува дека целата операција има за цел штитење на одредени бизнис интереси:

„Нема друго објаснување. За нас, екологијата е политика, затоа што политиката во основа не е ништо друго освен механизам за остварување на интересите на граѓаните. Кога регулирање на отпадот е општ интерес, а партиите си свиркаат, тогаш веќе не се работи за политика, туку за политикантство и коруптивни шеми. За тие кои ги носат одлуките разумно е да се максимизира профитот и системот да не доживее никакви потреси за да продолжи како и досега. Меѓутоа во некој момент доаѓаме до точка во која едноставно не може така повеќе, опасноста по здравјето е преголема. Тоа може да го увиди обичниот граѓанин, затоа што не е заслепен од можноста да извлече некаква добивка од целата шема како политичарите. Полека граѓаните стануваат свесни за ова, и доаѓаме до таа точка. Тоа е зелената револуција за која говориме - демократско отфрлање на досегашните политички практики и нивна замена со политичка и институционална структура која го поставува односот со животната средина како основен столб на општеството“, предупредува Босилков.   

Загадувачот „Дрисла“

00:49

This browser does not support the video element.

Засилена контрола наместо забрана

Надлежните уверуваат дека увозот е безбеден и во државата не се депонирал отпад забранет со закон. Тоа го покажувале и постојаните контроли кои деновиве вонредно се спроведуваат на граничните премини. Од надлежното министерство тврдат дека се дозволува само увоз на отпад кој може да се обработи, рециклира и да му се даде додадена вредност:

„Во нашата држава повеќе се извезува, отколку што се увезува отпад. Има процедури со кои секој отпад кој се увезува се контролира. Процедурата потпаѓа под таа Базелска конвенција каде сме потписници. Компанијата од државата од која извезува аплицира во нивното Министерство за животна средина и аплицира во сите министерства на државите во кои треба да помине, а компанијата која увезува аплицира во нашето Министерство“, коментира Јани Макрадули, заменик министер за животна средина.

Јани Макрадули, заменик министер за животна срединаФотографија: Petr Stojanovski

Тој е против идејата за целосна забрана за увозот на отпад:

„Работите не може да ги решите само со забрана, туку со мониторирање, регулирање. Токму на овој начин се гради довербата на институциите спрема граѓаните, со законско регулирање и мониторирање, со користење на најдобри практики и технологии. Само на тој начин може да се развива нашата држава“, смета Макрадули.

Ваквите ставови, според активистите за животна средина, се неиздржани:

„Апсолутно не држат, нашите сојузници од „О2 иницијативата“ кристално јасно го деконструираа ова тврдење на властите. Јани Макрадули тврди дека ако Македонија го запре увозот на опасен отпад ќе ја прекршела Базелската конвенција на која е потписничка, но тоа е обична манипулација. Ние имаме право да забраниме увоз на опасен отпад, како што тоа го имаат направено повеќе други земји потписнички, ако немаме услови да го третираме, а очигледно немаме. На крајот на краиштата, ова не е прашање само на увозот. Ако на големите индустрии им се забрани користење на отпад како извор на енергија, тогаш тие нема да имаат избор освен да престанат со увоз“, реагира Босилков.  

Почвата мора да се прочисти од линданот од ОХИС

01:30

This browser does not support the video element.

Едно на власт друго во опозиција

Она што е интересно во целиот случај е односот на политичките партии. Посебно на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во чие владеење беше донесено законското решение за дозвола за увоз на отпад. Сега, од позиција на опозиција. ВМРО-ДПМНЕ се залага за носење на законот и ја критикува власта дека не направила ништо околу контролата за увозот на отпадот во земјата. Таа пак тврди дека за првпат постои план за справување со загадувањето.

Наместо препукувања и префрлања вина, активистите бараат вистинска акција и конкретни резултати. Во спротивно, предупредуваат од радикализација на делувањето:

Регионални депонии за спас од натрупаното ѓубре

16:28

This browser does not support the video element.

„Неизбежна е радикализацијата ако се продолжи на овој начин. Премногу луѓе ги гледаат своите блиски како се разболуваат, премногу луѓе се директно засегнати од проблемот. Бројот на луѓе кои протестираат на улица во континуитет расте, граѓанските организации се обединуваат и покрај сите разлики во пристапот. Но кога зборуваме за радикален отпор, зборуваме за мирен отпор, форми на граѓанска непослушност, институционален бојкот, блокирање на работата. Тој е единствениот начин кој е легитимен и праведен“, предупредува Босилков.

Бизнисот на „Блацион“ го вклучи алармот

Дека работите смрдат во бизнисот со увозот на отпад алармираше случајот во соседна Бугарија, каде неодамна беше откриен увезен отпад од Италија за согорување во термоцентралата Бобов дол. Станува збор за отпад кој е увезен од фирмата „Блацион“, во која сопственички удел има и Горан Ангелов, македонски државјанин кој до неодамна беше директор на депонијата Дрисла. По откривањето на аферата, тој беше разрешен од функцијата, а во исто време Град Скопје го врати под своја капа управувањето со депонијата.

Повеќе:Гори во Софија, чади во Скопје

Бугарските медиуми синоќа објавија дека во пристаништето во Варна биле откриени 102 контејнери со отпад од Италија, а примач повторно била компанијата „Блацион“. Бугарските инспекциски служби извршиле контрола. Доставувач на отпадот како што објави бугарската агенција БГНЕС е италијанската компанија „Дентиче пантелоне“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми