1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу административци, малку квалитетни услуги

Катерина Блажевска28 септември 2015

Иако бројката на вработени во јавниот сектор е двојно зголемена од 2006 година до денес, граѓаните не чувствуваат дека услугите се подобрени и дека кванитетот го следи и квалитет.

Фотографија: DW/N. Velickovic

Долго чуваната тајна постепено го пробива превезот на тајноста. Информацијата дека властите му признале на еврокомесарот Хан оти бројката на вработени во администрацијата во Македонија е околу 185.000 и тоа без вработните во јавните претпријатија, иако брзо беше демантирана, на површина изнесе конкретен податок.

„Не се 185.000, туку 128.253 лица во вкупно 1.354 институции, вклучително и во јавните претпријатија и тоа е далеку помалку од бројката со која лажно се шпекулира во јавноста“, соопшти Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Довербата во ваквите податоци се уште е мала, со оглед дека МИОА со години не ја објавуваше вкупната бројка, презентирајќи само сегментирани податоци според дејности, од кои пак, некои беа сосема изземени, поради што беше тешко да се направи целосна пресметка.

Ако се има предвид дека во 2006 година, пред доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, бројката на вработени во јавниот сектор изнесувала 65.000, податокот на МИОА покажува дека за девет години таа е двојно зголемена. И покрај тоа, граѓаните не чувствуваат дека услугите се подобрени или дека кванитетот го следи и квалитет во администрацијата.

„Еве сега излегувам од една институција. Никој не ми кажува каде да одам за да решам административен проблем, кој е настанат токму по грешка на администрацијата. Сите креваат раменици. Па за што земаат плата? Колку што се сеќавам, Владата имаше една реклама, 'нема погрешна врата'. Демек, на која врата и да чукнеш, ќе те упатат каде да се обратиш. Во мојов случај, излегува дека сите врати се погрешни. Никаде ја нема вистинската“, се жали пензионерка од Скопје.

Темелна реформа

Но, и покрај тоа што доминира ставот дека бројката на вработени во јавниот сектор е преголема, дел од експертите не се согласуваат со таквиот став.

Споредено со земјите од регионот, вработеноста во јавниот сектор во Македонија не е висока“, вели Бранимир Јовановиќ, економски истражувач. Според него, бројката 128.253 е околу 19% од вкупниот број на вработени, и е значајно пониска од податокот кој важеше за најверодостоен претходно, објавен во еден извештај на Европската Комисија, според кој, бројот на вработени во јавниот сектор е околу 25% од вкупниот број вработени. Како компаративна илустрација за неговото тврдење, ги посочува податоците за неколку други земји: Србија има околу 780.000 вработени во јавниот сектор, што е околу 30 отсто од вкупниот број на вработени, Словенија околу 236.000 (24 отсто од вработените), Чешка околу 1,7 милиони (34 отсто), а Словачка, 505.000 (21 отсто од вработените).

„За мене не е чудно што се чини дека Македонија има релативно ниска вработеност во јавниот сектор. Доволно е да се погледне квалитетот на јавните добра и услуги за да се заклучи ова. Нема доволно градинки, нема доволно медицински персонал, нема доволно чистачи и слично. Дополнително, Македонија приватизираше многу повеќе од јавните претпријатија од останатите земји во регионот. Но, тоа што немаме голема вработеност во јавниот сектор не значи дека немаме превработеност во јавната администрација. Иако нема веродостојни податоци за вработените во јавната администрација, бројните анегдоти за административците кои само седат в канцеларија а немаат ни бироа, ни компјутери, или за они кои не доаѓаат на работа иако се на платниот список, говорат за тоа дека имаме превработеност во администрацијата. Затоа е неопходна темелна реформа на македонскиот јавен сектор. Таа би вклучила ширење на јавниот сектор во оние области кои се сега запоставени, но и намалување на бројот на вработени во оние сегменти во кои има превработеност“, сугерира Јовановиќ.

Политичка манипулација

Во буџетот за 2016 година, за плати на администрацијата се предвидени над 420 милиони евра. Оваа сума не ги опфаќа личните приходи на вработените во општините и јавните претпријатија во нивна надлежност.

Фотографија: DW/N. Velickovic

„Буџетот станува социјална категорија, а вработувања кои не се реализирани според мерит систем - не се одржливи“, предупредуваат економистите. Но, она што ги загрижува социолозите и политиколозите, не е само економската одржливост на оваа бројка, туку и опасноста од политичката манипулација со неа. Партиите на власт во изминатите години станаа најголеми работодавачи и создадоа типичен клинтелистички однос, преку кој, вработувања во јавната администрација им се возвраќаат со гласови на изборите, што во голема мера го загрозува и принципот за фер избори. Последиците од таквиот тренд освен партиски послушна, се непрофесионална, нестручна и нефункционална администрација. Не случајно, една од клучните реформи која Европската комисија ја бара од Македонија, е деполитизација и професионализација на администрацијата. Наместо тоа, бројката на вработувања постојано расте, особено во пресрет на избори, без јасни лимити за нивото на апсорпција на вакви вработувања.

Од МИОА потесетуваат дека со новиот Закон за вработени за јавен сектор, кој стапи на сила во февруари годинава, Министерството доби надлежност почнувајќи од февруари 2016 година, да воспостави и води Регистар на вработени во јавниот сектор и соодветно да објавува годишни извештаи.

„Се до целосното воспоставување на Регистарот и подготовката на првиот Годишен извештај утврден со новиот закон, Министерството користи податоци добиени преку вкрстување на базите на повеќе релевантни институции“, велат од МИОА.

Колку е точна бројката од 128.253 вработувања, добиена преку вкрстени податоци, ќе се знае во наредната година. Но, извесно е дека уште долго нема да престане битката за вработување во „администрацискиот рај“. Според економистите, проблемот може да се реши само тогаш кога приватниот сектор ќе стане поатрактивен од јавниот. Во македонскиот случај, тоа не е извесно во блиска иднина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми