1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу административци, малку столчиња за нив

ДТЗ /ДВ
6 јануари 2021

Вицепремиерот Артан Груби планира 1.357 административци да смести во 258 институции. Има ли потреба државата од толку гломазна администрација?  

Deutschland Mitarbeiter zur Ermittlung von Coronavirus-Kontaktpersonen
Фотографија: Britta Pedersen/dpa/picture-alliance

Администрацијата којашто со години се натрупува во државните институции ја прелеа чашата. Откако со години наназад има повеќе вработени во администрацијата, отколку столчиња и бироа на кои ќе можат да работат, вицепремиерот Артан Груби, само еден ден откако се всели во новата зграда на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, најави план со кој се опфатени 1.357 вработени, кои засновале работен однос заклучно со 31 декември 2019 година. Планот е доставен две недели пред крајниот рок којшто го даде Владата. 

Распределување

„Согласно член 4 став (1) од Законот за преземање на административни службеници вработени преку K5 програмата во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, вкупно 1357 административни службеници ќе бидат распределени во вкупно 258 институции на локална самоуправа и други државни органи основани во согласност со Уставот и законот“, соопшти надлежното министерство.

-повеќе на темата: А, со кафе и локум ќе ги понудите ли?

Оваа категорија вработени ќе бидат систематизирани во институции кои вршат активности од областа на образованието, науката, здравството, културата, социјалната заштита и заштитата на децата, спортот, како и други дејствија од јавен интерес утврдени со закон и организирани како јавни агенции, фондови, институции и претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општини, од Град Скопје, но исто така и од општини на град Скопје и државни акционерски агенции. „Согласно планот, вработениот ќе биде распореден во друга институција на работно место на исто ниво, за кое ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот за систематизација на работни места во институцијата во која се распоредува“, вели Груби.

Над 8 милиони евра годишно за рамковно вработените

По една деценија безуспешно барање решение, надлежните најавуваат дека конечно ќе се најде работа за над 1.300 административци. Над осум милиони евра државата издвојува секоја година за „армија“ вработени според Рамковниот договор кои воопшто не доаѓаат на работните места. Според некои проценки, во последните 10 години за оваа ставка биле издвоени околу 100 милиони евра од буџетот. По една деценија безуспешно барање решение за овој проблем, кој преставува сериозен товар за буџетот, надлежните најавуваат дека конечно ќе се најде работа за административцит. Тие ќе добијат две опции за да почнат да работат - доколку не прифатат ниту една, следат откази. 

-повеќе на темата: Над осум милиони евра годишно за „армијата“ рамковно вработени

Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири неодамна најави дека Министерството за политички систем и Министерството за информатичко општество и информатика ќе ги вкрстуваат податоците за да се увиди професионалната подготовка на сите кандидати, но ќе се земат во предвид и годишните планови за 2021 година. Согласно законот, државата мора да им понуди најмалку иста плата, но не и пониска од онаа која претходно ја земале. 
Според официјалните податоци, во Министерството за политички систем се вработени вкупно 1,500 лица. Во предлог буџетот за наредната година се предвидени 9,3 милиони евра за 1.430 вработени.

-повеќе на темата:Реално или декларативно: ДУИ ветува решение на проблемот „седи дома-земај плата“

За десетина години проценките се дека рамковните вработувања државата ја чинеле околу 100 милони евра. Артан Груби кој е надлежен министер за ова прашање, минатата година најави дека за рамковните вработени нема да се отвораат нови работни места, туку зависно од образованието ќе се пополнуваат празни места во државните институции. „Се предвидуваат неколку услови, прво местото на живеење, степенот на завршено образование, согласно годишните планови на сите тие институции под државната управа, согласно празните места“, изјави вицепремиерот и министер за политички систем. 

Иницијативи без завршница

Според податоците, во земјава има над 135 илјади административци. Изминативе година имаше повеќе предлози и иницијативи за решавање на овој проблем. На пример во 2018 година, Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор и Министерството за администрација, излегоа со план во рок од два месеца од вкупно 1.600 службеници, 958 да бидат систематизирани низ јавните институции.

-повеќе на темата: Администрацијата расте, професионалноста опаѓа

Останатите, пак, требаше да бидат распределени во нареднот период врз основа на образованието, искуството и местото на живеење. Последната иницијатива доаѓа од Владата која го усвои предлог-законот за преземање административни службеници, вработени преку Програмата за соодветна и правична застапеност.  Целта на ова законско решение е да се распоредат досега нераспоредените административци од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кое претходно беше Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор.
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми