Без азил и без пасош
20 март 2016Во Германија е забележан еден нов тренд: сѐ поголем број на т.н. економски бегалци од Балканот се враќа дома. Со месеци во Германија, Албанците сочинуваа група бегалци која по бројност беше на второ место, веднаш по Сиријците. А сега и до 100 Албанци или Косовари секојдневно ја напуштаат Германија, најмногу од аеродромот во Франкфурт на Мајна. Повратниците на аеродромот во Франкфурт од полицијата ги земаат пасошите и еден многу важен документ, односно потврда дека доброволно ја напуштаат Германија. Со тоа лицата на кои им е одбиено барањето за азил избегнуваат депортација и печат во пасошот со кој им се забранува повторен влез во Шенген зоната во траење и до 5 години.
Новиот повратнички бран можеби е предизвикан од новите прописи за работниците од Балкан, кои стапија на сила на 1. јануари годинава, и со кои е олеснет пристапот на германскиот пазар на труд. Доброволното враќање така остава отворена врата за Германија. Повратниците повторно се појавуваат во германските амбасади во својата земја, ако пронашле работа во Германија. Германската амбасада во Тирана досега примила 170 барања.
Пасошот изгубен во бирократската џунгла
И додека стотици се враќаат дома, има и такви кои сакаат и мораат, ама не можат да ја напуштат Германија. И тоа поради феноменот кој во последно време во медиумите стана познат како „загуба на пасошот“. Всушност станува збор за „исчезнување“ на пасошите на доскорешните баратели на азил во бирократската џингла на неопределено време. Кога-тогаш, меѓутоа,, патниот документ сепак се „појавува“.
„За тоа време барателот на барањето за азил живее во неизвесност и не може да прави планови за иднината“, вели Анегрет Шпиц, комесар за повратниците во „Келнер Диакони“, социјална служба на протестанската црква за Келн и околината, потврдувајќи го постоењето на феноменот. Таа вели оти во минатата година кај неа на советување биле 640 лица, од кои една третина рекле дека пасошот им е загубен. Некои морале да чекаат неколку недели, некои со месеци - додека пасошот повторно не се појавел.
Значи ли тоа дека властите во Германија, се затрупани со барања за азил, оти веќе ја немаат ситуацијата под контрола? На прашањето на ДВ, Сојузниот завод за азил и миграција (БАМФ) го потврди проблемот. „Има случаи кога некој документ не може да се доведе во врска со конкретна постапка за азил. Причина за тоа е дека ние делумно ги добиваме пасошите од други канцеларии и тоа пред да биде поднесено барањето за азил. Штом ќе се поднесе барањето, пасошот се додава во документите на барателот и таму останува до завршувањето на процесот.“
Често се губат пасошите на Албанци
Анегрет Шпиц вели дека споменатите случаи се чести меѓу барателите на азил од Албанија или Косово. „Можеби тоа може да се објасни со фактот дека тие за време на регистрирањето кај себе имале пасоши, за разлика од барателите на азил од другите националности.“ Таа многу добро се сеќава на случајот на еден Албанец, кој морал долго да чека за да се врати дома. Неговиот пасош едноставно исчезнал. „Беше многу трпелив, често доаѓаше кај нас и ние му помогнавме така што се распрашувавме кај Сојузниот завод за азил и миграција." Пасошот на Албанецот, чие име Шпиц не го споменува, е пронајден по 5 месеца.
„Не само овој Албанец, туку и многу други не можеа да разберат како може нешто такво да се случи, им беше кажано дека мораат да ја напуштат Германија, ако некогаш во иднина сакаат да се вратат“, вели Шпиц и додава дека тие луѓе дошле со многу доверба во германските власти, но тие ги разочарале.
Овие проблеми наскоро би требало да исчезнат бидејќи е создадена централна база на податоци: „Во Сојузниот завод за бегалци од неодамна централно се регистрираат сите пасоши на лицата за кои не е започната процедура за добивање азил. Со тоа е осигурано дека секој сектор на заводот има постојан пристап до документите“, потврдија во БАМФ.