Многу боксови и малку визии во интервјуто на Груевски
11 декември 2015Бројни реакции и анализи предизвика вчерашното интервју на премиерот Никола Груевски за порталот „Прес24“. Оние кои очекуваа дека во него можеби ќе прочитаат волја за спроведување на обврските од Договорот од Пржино, останаа без текст. Други, кои ни претходно немале илузии дека се сменила матрицата на премиерското однесување, ги констатираат претходно посочените оценки: дека ништо не се сменило во однесувањето на премиерот.
Најиндикативно е што Груевски во интервјуто воопшто не ја спомна политичката криза во земјата. Според неговата „дијагноза“, станува збор за „напад на една темпирана и однапред осмислена кампања за лична дискредитација, за кампања која имаше цел да го урне Никола Груевски од позицијата премиер, да ги дестабилизира институциите на државата, да внесе немир, силна поделба, омраза, набој во македонското општество, посебно во делот меѓу етничките Македонци“.
„Напаѓачите на Македонија и изгубија една и пол година на нашата држава. Толкав период живееме во заложништво, но народот е бедемот на нашата Татковина, и тој го зададе најсилниот удар, кој својот вистински ефект ќе го има на следните избори“, оцени Груевски.
Притоа најави победнички излез од ситуацијата, преку илустрација со бокс- мечот меѓу Мохамед Али (Касиус Клеј) и Џорџ Форман.
„Форман на почетокот удираше и удираше, а Али го допушташе тоа, рунда по рунда. Али пушташе Форман да удира. Роуп а доуп (rope a dope) ја нарекоа неговата стратегија. И се случи Форман во осмата рунда да се умори, а Али тогаш почна. И ми се чини дека заврши со нокаут, Форман беше декласиран. Е сега, сите се прашуваа во првите осум рунди, зошто Али така боксува, мислеа дека е наместен мечот, мислеа дека Али е ослабен, но вистината беше дека Али имаше стратегија и се однесуваше различно од тоа што неговиот противник го профилирал за него. Осмата рунда за Заев допрва доаѓа, а финалниот удар ќе дојде на 24 април“, рече Груевски.
Го немаше во рингот
Аналитичарите не препознаа сериозен „штоф“ во долгото интервју на премиерот.
„Ова е интервју во која најбитна информација е дека премиерот има проблеми со синусите и дека се замислува како Мохамед Али, но е толку 'храбар', што во текот на десет години владеење ни еднаш не се осмели да излезе на тв-дуел со кој било лидер на опозицијата, дури и кога ривалот е жена, простете ми на сексизмот“, вели аналитичарот Арсим Зеколи.
Тој издвојува два битни моменти од ова, според тонот, предвидливо интервју.
„Груевски ја напушта улогата на агресивен напаѓач и ја презема улогата на 'бранител' на народот, на државата од домашните зли и темни сили, што е сосема во согласност со политичката траекторија на секој автократ. Доволно е да се потсетиме на примерот како се менуваше реториката на Слободан Милошевиќ, кој од освојувач со редица изгубени војни, полека ја преземаше аурата на бранител на Србија од 'силите на безумието и мракот'. Тоа е идентичен ментален склоп низ кој се согледува процесот на падот на моќта на Груевски и на груевизмот“, анализира Зеколи. Според него, вториот момент дополнително го разјаснува овој феномен.
„Ова е можеби прво интервју во кое Груевски не само што не ја префрла вината врз Западот, туку ја презема улогата на негов бранител, полн со пофалби за тоа колку сакаат да помогнат, фокусирајќи се само на 'домашните предавници' и на Ванхауте, кој е ставен во функција на, 'нека виси Педро' за забава на јавноста. Сметам дека ова е директна последица на притискот кој се одвиваше по Кумановскиот инцидент кога Груевски беше принуден да се определи помеѓу флертувањето со Русија и јасна, ексклузивна и безалтернативна определба за соработка со САД, ЕУ и НАТО. Прорускиот момент на Груевски е сега сведен единствено на медиумски дрдорења од грст новинари-платеници. Но во реалноста Груевски и Ахмети знаат дека периодот на играње неутралност е завршен и сега се оставени на милост на Западот, кој конечно ги поврати механизмите за контрола, награда и казна на дуетот Груевски-Ахмети“, оценува Зеколи.
Поради „доминантно дефанзивниот дух кој провејува низ интервјуто“, Зеколи смета дека епохата на апсолутистичко владеење на Груевски и Ахмети е завршена, во смисла на нивно дејствување „без усул и неказнливост“: „Тие секако можат и грчевито ќе се борат да ја добијат оваа за нив последна изборна победа. Верувам и дека ќе ја добијат со помош на кредитите од Запад. Но тоа ќе биде повеќе лебедова песна, отколку гаранција за долготраен опстанок на сцената!“
Нема веќе говор на омраза!
Премиерот по втор пат за десет дена, својата критика ја насочи кон посредникот во преговорите, Питер Ванхауте.
„Тој човек, како што веќе еднаш кажав, тука е да помогне а не да одмага. Ако впечатокот е дека одмага, тогаш не ја гледам поентата од него да биде тука. Генерално мој став е дека внатрешните прашања мора да ги решаваме самите. Така ќе покажеме и зрелост која се очекува од нас, и така ќе спречиме и вакви работи да се случуваат, потценување на државата, народот и институциите“, рече Груевски. Според него, државата е во грч, но тој смета дека има надеж и одлична иднина за Македонија.
„Ќе правиме максимум за да биде попредвидливо, порелаксирано на секој план. Свесни сме дека општеството е контаминирано од политика. Тоа не е добро. И тука и ние имаме свои грешки. Свесни сме дека мора да се престане со говорот на омраза и сите кои ни мислат добро како на партија а се наши подржувачи да се држат до ова... Говорот на омраза, гневот и заканите да се тргнат настрана, да не постојат. Тие се злото кое не труе сите. Тоа мора да престане. И тука сите ние имаме своја одговорност“, потенцира Груевски.
Интервјуто на премиерот е типично за него и не донесува ништо ново, освен познатите фрази, вели аналитичарот Сефер Тахири.
„За мене единствена новост е фактот дека тој лично бара да се запре со говорот на омраза, што значи дека истото можел да го направи и порано. Индикативно е дека тој презема одговорност за ширењето на ваквиот говор, кој е присутен веќе подолго време во јавниот дискурс во земјата, факт кој се поткрепува со податокот дека дел од новинарите кои јавно шират негативен говор, гнев и закани, кои го трујат општеството, биле и се поддржуваат од јавни пари доделени од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. За разлика од порано, Груевски сега се префрла од напади и фалбаџиство кон оправдување и аргументирањето на неговите политички чекори, како што е 'Скопје 2014' и други постапки на неговата Влада“, вели Тахири.
Сите најавуваат нокаут
Форсирањето на победничкиот дух провејува од почетокот до крајот на интервјуто.
„И да се вратам на аналогијата за борбата на Мохамед Али. Ми се чини дека веќе противниците ја гледаат нашата тупаница како се спрема да ја донесе следната победа на партијата. Тоа ги плаши и затоа е можно во очајот да бараат очајни мерки“, рече премиерот.
Неговите политички опоненти ги отфрлаат тезите изнесени од премиерот. „Очигледно е дека интервјуто е дадено од поранешен нокаутиран боксер“, велат од СДСМ.
„Трагично е што Груевски се уште не може да разбере дека Македонија е во длабока политичка и економска криза и со длабоко поделено општество, што е резултат на неговото десетгодишно владееење. Не успева да разбере дека кога со восхит зборува за 'Скопје 2014', зборува за нереализирана гасификација и неизградена основна инфраструктура. Кога зборува за економските достигнувања на неговата Влада и за нови работни места, зборува за 600.000 иселени од Македонија во изминатите 10 години. Кога зборува за изградба на автопатишта зборува за сопствените провизии. Кога зборува за социјални станови, зборува за своите парцели на Водно“, коментираат од СДСМ.
Според партијата, јасно се потврдува дека Груевски не живее во реалноста, туку во сопствен виртуелен свет кој го гради и одржува со строга контрола врз медиумите.
„Груевски и ДПМНЕ не можат да сфатат една работа: дека договорите и законите постојат не за да останат на хартија, туку нивната содржина да заживее во секојдневниот живот. Во стилот 'држете го крадецот' Груевски и ДПМНЕ се тие кои ја оневозможуваат имплементацијата на Договорот од Пржино во повеќе сегменти. Затоа, не не зачудува тоа што кога зборува за избори, зборува дека некој друг фалсификувал лични карти, очигледно свесен дека изборните циклуси од 2011 година биле крадени. Нокаутот следува на 24 април. Збогум Никола“, порачаа социјаледемократите.
Одговор стигна и од градоначалникот на општината Центар, Андреј Жерновски, за кого на премиерот му раскажале дека „бил толку мрзлив, што купувал обувки без врвки, само за да не се наведнува да ги врзува“. Жерновски шеговито одговори на неговиот твитер-профил: објави фотографија од неговите обувки. Сепак, носел модел со врвки!