Многу врева околу „Прајмарк“
2 август 2014
Неодамна „Прајмарк“ ја отвори својата 276-та европска филијала, која се наоѓа во Берлин. Тоа е 13-та филијала на синџирот модни продавници во Германија. За кратко време брендот се најде во фокусот на јавноста, откако на различни парчиња облека неколку купувачи најдоа сошиени етикети со повици за помош поради лошите работни услови.
За едни „Прајмарк“ е можност да се купува по екстремно ниски цени, а за други повод да се реагира на лошите услови за работа во многу текстилни фабрики во Бангладеш, Индија и на други места, каде што се одвива производството за „Прајмарк“. „Прајмарк“ нагласува дека од 2013 година спровел повеќе од 2.000 инспекции на фабрики. Тоа не ги спречува „Кампањата за чисти алишта“ и организацијата за заштита на животната средина „БУНД“ да протестираат против „Прајмарк“.
Тие сметаат дека работниците во текстилните фабрики се третирани како смет и им порачуваат на купувачите да разменуваат стара облека, наместо да купуваат нова во „Прајмарк“.
„Со нивниот бизнис-концепт тие имаат многу негативно влијание врз формирањето на цените. Тоа, пак, има негативно влијание врз производството. И преку краткорочните дополнителни нарачки и слично доаѓа до екстремен притисок кај оние кои ја произведуваат облеката“, вели Бернд Хинцман од „Кампања за чиста облека“.
Огромно е интересирањето кога „Прајмарк“ отвора нова филијала. Во Берлин, на пример, на отворањето специјално дојде и премиерот на Ирска. „Прајмарк“ е една од најпознатите марки од неговата земја.
Малкумина од купувачите размислуваат за тоа - под какви услови текстилните работници произведуваат евтина облека?
„Знаеме само дека таму работат деца“, вели едно девојче, а нејзината другарка дополнува: „Но, колку што знам, тие заработуваат пари. Не знам дали тоа е позитивно или негативно“.
„Во ’Томи Хилфигер’, моите деца купуваат и во тие скапи продавници, и за нив исто така облеката ја произведуваат вакви луѓе“, вели една повозрасна госпоѓа.
Неодамна повторно имаше нов скандал. На етикетите на џинс од „Прајмарк“ биле зашиени наводни повици за помош од работници од затвори, на кои станувало збор за нечовечки услови за работа. Но, „Прајмарк“ го испитал случајот и се брани од обвинувањата.
„Овие две парчиња облека се произведени во две различни фабрики на два различни континента - едното во Индија, а другото во Романија. За последен пат тие се произведени и продавани во 2013 година. А сошиените етикети имаат ист ракопис и се во исто место сошиени“, вели Волфганг Крогман, шеф на „Прајмарк“ во Германија.
Сеедно дали е уметничка акција, ПР-кампања на организациите за заштита на човековите права или вистина - најголем дел од муштериите се задоволни што со малку потрошени пари ги преполнуваат кесите.