1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу нон-пејпери, неизвесна иднина

28 декември 2019

Дали со нон-пејпери може да се подобри демократската кондиција на овие општества ако се заострат и така острите услови? Тешко веројатно. Единствено може да ја прошират базата на авторитарни лидери. Пишува Љупчо Поповски

Deutschland Westbalkan-Gipfel Merkel und Macron
Фотографија: Reuters/M. Sohn

Претседателот Стево Пендаровски се потруди да биде искрен одговарајќи на прашањето на Назим Рашиди во емисијата на Алсат драматично спуштајќи ги очекувањата дека напролет (дали во март или во мај) конечно може да заврши голготата со датумот за преговори со ЕУ, велејќи дека во овој момент никој нема доволно информации како и кога би завршило внатрешното преиспитување во Унијата околу процесот за проширување. Ова објаснување можеби не соодветствува со вообичаените пораки за надеж што се кажуваат пред почетокот на новата година, но, за жал, тоа е реално. Одамна заврши приказната кога многу полесно можеше да се влезе во композицијата за проширувањето на ЕУ. Во таа приказна, ние имаме голем дел од вината, но значаен дел од одговорноста е и на ЕУ. Уште од крајот од 1990-тие кога Македонија не влезе во Агендата 2000, која најпосле заврши со прием на десет членки во 2004 година. Сега ЕУ ќе ги калибрира своите услови и методи кон најсиромашните и најфрагилните земји кои се опколени од сите страни со членки на Унијата.

Некогаш не можеш да избегаш од настаните кои речиси и да не можеш да ги контролираш. Така беше со спектакуларното вето на Емануел Макрон, така беше и со изборот на новиот еврокомесар за проширување, Унгарецот Оливер Вархеи, чија активност засега и никој не може да ја забележи. Можеби и затоа вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, по неговата запознавачка средба со Вархеи беше нагласено воздржан, за разлика од еуфоричните оценки пред октомврискиот самит на европските лидери. Пред тој самит, а и на него, европските лидери (вклучувајќи го и Макрон) изјавуваа дека Македонија ја заврши својата работа, но дека ЕУ потфрли и дека сега таа од нас бара повеќе време за себе. Османи сега вели дека одлуката за старт на преговори  би била изводлива на пролет доколку се донесе „критичниот закон“ за јавното овинителство, доколку изборите се одржат на беспрекорен начин и продолжи „да се води антикорупциска политика“.

Воздржаниот оптимизам на Османи има логика – и тој нема информации што ќе се случи во битката со нон-пејперите во Унијата и дали резултатите од утврдувањето на новата методологија ќе бидат познати на 20 јануари, како што беше најавено, или тој процес може да се одолговлечи и после мартовскиот самит на ЕУ. Францускиот нон-пејпер е доволно познат и објавен јавно. Неговата суштина е процесот за проширување кон шесте земји на Западен Балкан да се одвива во седум фази, тој да биде реверзибилен и на наредната фаза да се оди кога ќе биде завршена претходната. Со тоа што првата фаза е најтешката – таа ги опфаќа поглавјата 23 и 24, владеењето на правоте и слободите, па нејзиното затворање може да се одолговлечи со години, ако не и цела деценија. И втората е подеднакво тешка, затоа што во неа освен транспортот, образованието и енергијата е поместена и екологијата (рак-рана на сите западнобалкански земји). Тоа е најголемата замка во овој француски предлог. Османи тоа му го кажал на Вархеи. „Тоа може неограничено да го оддолжи процесот“, изјави вицепремиерот.

Пендаровски во интервјуто на Алсат изјави дека 11 земји поднеле амандмани на францускиот предлог за новата методологија, но целосно е нејасно што ќе стане со нив. Речиси и да нема никаква информација за тоа како оди премостувањето на разликите на амбасадорските состаноци во ЕУ. Дека работата ќе биде многу покомплицирана отколку што може да се претпостави се илустрира и со појавувањето на уште еден нон-пејпер во средината на декември. Четири земји – Австрија, Италија, Полска и Словенија – скицираа документ кој е одговор на францускиот обид за менување на процесот на проширување, и во него се тврди дека Македонија и Албанија треба да добијат зелено светло до март 2020, дури и ако правилата се во постапка на преразгледување. На оваа иницијатива на четирите земји се приклучија уште пет – Естонија, Чешка, Летонија, Литванија и Малта.

Понуда за компромис

Овој документ има три страници, но досега не е јавно објавен интегрално, иако некои новинари во Брисел имаа можност да го видат. Според пишувањето на оние што го виделе тоа е одговор на францускиот документ и јасен дипломатски потег дека овие земји не се согласуваат со барањата на Париз. Во него се наведува дека „засилениот пристап кон приклучувањето“ треба да биде „без предрасуди за одлуките за започнување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, кои треба да бидат донесени најдоцна до март 2020 година, за да се исполнат обврските на ЕУ“. Еден дипломат за „Политико“ изјави дека нон-пејперот „одговара на конструктивен начин на францускиот документ, но ги неутрализира најопасните елементи на тој предлог“.

Во документот насловен „Елементи за засилен процес на проширување и одржлива и забрзана интеграција на Западен Балкан“, деветте земји изјавуваат дека „внатрешната реформа на ЕУ не може да биде предуслов за проширување“. Друг дипломат за „Политико“ изјави дека тоа е обид да се понуди компромис со тоа што ќе има реформа на процесот на пристапување, но тоа нема да биде кочница за Скопје и Тирана да ги почнат преговорите. Но, барем од она што се знае јавно, засега нема одговор на Париз дали тие би се согласиле ревизијата на проширувањето и преговорите за пристап да одат паралелно.

Иако овој втор нон-пејпер изгледа како понуда за компромис, тој во голема мерка се разликува од францускиот предлог. Според документот на деветте земји преговарачките поглавја треба да бидат групирани од главните области, на пример, во рамките на осумте поткомитети на Договорот за стабилизација и асоцијација преку нивно заедничко отворање и затворање. „Меѓувладините конференции ќе станат политички релевантни“, се вели во документот.

Францускиот претседател Емануел Макрон и премиерот Зоран Заев во мај 2018 годинаФотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

Главната разлика од францускиот предлог и неговите последователни седум фази на преговори е во тоа што групите на поглавја можат да бидат паралелни, а не последователни. Документот предвидува годишни состаноци на Европскиот совет со лидерите на Западен Балкан, зголемено учество на претставници на Западен Балкан на селективни состаноци на Советот, како и на комитети на Советот и работни групи на Европската комисија. Потоа, деветте земји предлагаат државите од Западен Балкан да бидат вклучени во Конференцијата за иднината на Европа – големата идеја на Макрон (таа доби поддршка и од Германија) за реформи на Европската Унија, која се очекува да започне идната година и да трае до 2020. Според овој документ на оваа конференција една од поважните теми треба да биде и проширувањето кон Западен Балкан. Во овој нон-пејпер се наведува и дека земјите од регионот треба постепено да учествуваат во единствениот пазар на ЕУ и да се зголеми бројот на финансиските стимулуси.

Внатрешните преговори во ЕУ не се само за идеите, туку најчесто за интересите. Доколку не се најдат заедничките точки на овие два предлога целата работа околу проширувањето може да се одложи за некои незнајни времиња. Главниот советник на Макрон за Европа, Клемен Боне, неодамна вака го објасни ветото на францускиот претседател:

„Тоа изгледа така токму затоа што европските официјални претставници не се навикнати Париз да го преземе водството, откако помина една деценија држејќи низок профил на европската сцена. Очигледно, создавање лидерство значи и создавање на триење. Кога претседателот зборува гласно, неговата цел не е да ги промеша пердувите“.

Лажните митови

Многумина ќе речат дека ова зборување „гласно“ ги става настрана одговорностите и ветувањата на Унијата и довербата во неа. Еден друг, трет нон-пејпер, на Советодавната група за европска политика (БиЕПАГ) минатата недела се осврна на десет митови за проширувањето на ЕУ. Според првиот мит, ветото на Макрон не е поради недоволниот напредок на Македонија и Албанија  туку поради силните задршки кон претходните проширувања и долгогодишниот скептицизам на француските елити за овој процес и поради намалената улога на Париз во ЕУ. Во овој документ се нагласува и дека нема разбирлива логика зошто земјите мора да одат во група при проширувањето, а не да се достигнувањата да се оценуваат поединечно. „Нема добра причина зошто Северна Македонија да се движи побавно поради Албанија“, пишуваат истражувачите  на Советодавната група. (И во програмата на Хрватска за претседавањето со Унијата од 1 јануари се вели дека политиката на проширувањето треба да биде „водена од начелата на сопствените постигнувања“ а не од заедничките успеси на група земји.)

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Во овој нон-пејпер се побива и тезата дека повеќето граѓани на ЕУ биле против проширувањето, затоа што истражувањата покажуваат поинакви бројки – 46 отсто се „за“, а 42 отсто се „против“.  „Фактот дека некои од најголемите поддржувачи на проширувањето, како Австрија и Германија, и неговите најголеми критичари, како Франција и Холандија, имаат слично скептично население, посочува дека стратешката определба на елитите за проширување е помалку резултат на мислењето на граѓаните , туку дека скептицизмот кај гласачите се користи како оправдување “, е една од главните поенти на овој нон-пејпер.

И други издаваат нон-пејпери. Европската комисија пред десетина дена им испрати нон-пејпери на Србија и Црна Гора околу ситуацијата во преговорите за поглавјата 23 и 24. Оценката за Србија во најмала рака не е добра. Во овој извештај се наведува дека има сериозно доцнење околу реформите поврзани со владеењето на правото и антикоруптивната борба. Посебно се нагласени заканите, заплашувањата и насилството против новинарите, како и политичкото и економското влијание врз медиумите. Оваа година Србија отвори само две нови поглавја, што се нема случено уште од 2015 година, кога првите две беа отворени на стартот на преговарачкиот процес.

Претходни колумни од авторот: 

Тиранијата на малцинството во мнозинскиот модел

Има ли крај на паролите околу корупцијата?

Македонизмот како „хајнекен ефект“

Француска каша

Нон-пејперот за Црна Гора има слични забелешки за овие две поглавја. Клучната забелешка за Црна Гора е дека државата малку направила за промоција на медиумските слободи, дека тие се злоупотребени, дека започнала борба против корупцијата, но дека тоа е недоволно, како што е недоволна и имплементацијата на владеењето на правото. Црна Гора ги отвори поглавјата 23 и 24 уште во 2013 година и засега на хоризонтот нема најава кога би можеле да бидат завршени. Црна Гора за шест години има затворено само три од 32 отворени поглавја (вкупно 33), а Србија за четири години има затворено само две од 18-те отворени поглавја (вкупно 34).

Оваа состојба во преговорите на двете западнобалкански земји јасно покажуваат колку е мачен преговарачкиот процес. И колку земјите во регионот не можат да се приближат до стандардите на владеењето на правото. Дали со нон-пејпери може да се подобри демократската кондиција на овие општества со тоа што ќе се заострат и така острите услови? Тешко веројатно. Единствено може да ја прошират базата на авторитарните лидери со промовирање на приказната дека Европската Унија се откажа од Западниот Балкан. Се разбира дека е потребна промена на методот за напредокот на општествата од регионот на нивниот пат кон ЕУ за да се избегне меѓусебната размена на хипокризија – кога блокот се преправа дека сака да се прошири, а земјите од Западен Балкан се преправаат дека се реформираат. Но со вета и магливи документи преку кои речиси и не може да се стигне до целта европската идеја ќе биде погребана на овие простори. Ако тоа не е, всушност, и крајната цел на елитите во некои европски престолнини. Да останеме само соседство на ЕУ, иако сме во нејзиното срце. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми