1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу нули во учинокот на пратениците од дијспората

Катерина Блажевска25 септември 2015

Статистиката во публикацијата „Мојот пратеник“ што ја издава Собранието, евидентира слаби активности на пратениците од дијаспората, што најдиректно го отвора прашањето за ефектот од нивниот избор.

Фотографија: MAKFAX

„Не знам“... „Во моментов не ми текнува“. Ова е најчестиот одговор што ќе го добиете ако направите анкета меѓу граѓаните, на прашањето кои се имињата на пратениците од дијаспората во македонскиот парламент. Иако велат дека редовно го следат тв-преносот од седниците на Собранието, од триесетина анкетирани, само еден знаеше две имиња, но им ги измеша презимињата. Седум од анкетираните знаеја едно име, но не како резултат на неговиот придонес во парламентот, туку по тоа што пратеникот неодамна беше спомнат како предизвикувач на инцидент врз вработена во државна институција, поради недоразбирања околу старателството за неговите деца.

Резултатот е сличен и ако прашањето го поставите обратно: Кои се Павле Саздов, Ристо Манчев и Васко Наумоски? Одговорите се прилично интересни. Двајца од анкетираните граѓани дадоа точни одговори, двесетина изјавија дека не знаат или не можат да се сетат, еден граѓанин „како од пушка“ одговори дека тоа се „познати изведувачи на изворни народни песни“, а двајца незнаeњето го ставија во актуелен контекст: „Да не се се тоа новите соработници во тимот на обвинителката Катица Јанева“?

Но, она што посебно изненадува е дека нивните имиња не ги знаат ни новинарите. Со исклучок на собраниските известувачи кои добро го знаат пратеничкиот состав, најголемиот број од другите анкетирани новинари знаеја само едно име, а во 10 отсто случаи - најмногу две.

Пратениците од дијаспората биле многу слабо активниФотографија: MIA

Слаб учинок

Веќе два месецa една од поттемите во работната група што го спроведува Договорот од 2 јуни, е гласањето на дијаспората на изборите. И додека копјата се кршат околу недостатоците во тој процес, премиерот Никола Груевски деновиве предложи од дијаспората да се избираат не само тројца, туку 20 пратеници!

„Бара дваесет, за да зачува три“, „Да се покажеа овие тројца, па да изберевме уште 30, ама и овие ништо не направија“, „За избор на тројца пратеници од дијаспората плаќаме како за триесет?“, беа дел од првичните реакции на јавноста во отворените тв-програми.

Ако се остават настрана калкулациите дека околу 1,1 милиони евра чини организацијата на изборите во дијаспората (за авионски билети, за престој на лица од државната администрација, за средства за дневници, за огласи и други оперативни трошоци), прашањето е каков е навистина политичкиот ефект од изборот на пратениците од дијаспората? Со оглед дека во поларизираното македонско општество секој одговор може да рефлектира крајна субјективност, најобјективен одговор може да се најде во публикацијата „Мојот пратеник“, која редовно ја издава Собранието на Република Македонија. Во неа има податоци за присуство и отсуство на пратениците на пленарните седници, за бројот на излагања на пленарна и на седниците на работните тела и совети, за бројот на поднесените предлози на закони и амандмани, за бројот на пратенички прашања, реплики, контрареплики, како и за бројот на регистрирани гласања.

Според таа статистика, во периодот од јануари до јуни 2015 година, пратеникот од Европа, Ристо Манчев, бележи четири „нули“: за тие шест месеци немал ни излагање ни реплика на пленарна седница, немал ниту едно излагање во работни тела, не поставил ниту едно пратеничко прашање и не поднел ниту еден предлог закон или амандман. Ист е „учинокот“ и на пратениците Павле Саздов од Америка и на Васко Наумоски од Австралија, со тоа разлика што првиот за шест месеци имал една реплика, а вториот поставил едно пратеничко прашање. Малку поактивни биле во претходниот период, од мај до декември 2014 година. Манчев имал едно излагање на пленарна седница, Саздов четири излагања и три пратенички прашања, а Наумоски три излагања. Ако од оваа статистика може да се извлече реална слика за ангажманот на тројцата пратеници од дијаспората, наспроти трошоците за нивен избор, не е тешко да се пресмета какви и колкави се ефектите.

Поефикасни и поевтини решенија

Во однос на гласањето на дијаспората, граѓанската асоција МОСТ, подолг период укажува на два спорни аспекта. Првиот е нееднаквоста на гласот во Македонија и странство, а вториот аспект е цената на чинење. Според буџетот за изборите во 2014 година, за гласањето во странство биле потрошени најмалку 1,1 милиони евра. Тој износ претставува околу 25% од вкупниот буџет за изборите и е непропорционален во однос на бројот на пратеници кои се избираат - 3, а се избрани од само околу 6.500 гласачи.

„Поради овие причини, можеби е добро гласањето во странство да се укине за следните избори, а потоа да се отвори широка дебата за сите негови аспекти - изборен систем, број на изборни единици, број на пратеници, еднаквост на гласот, со цел да се изнајдат подемократски, поефикасни и поевтини решенија“, предложи Дарко Алексов, извршен директор на МОСТ.

Треба ли дијаспората да гласа?Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Според политикологот Горан Јовановски, ваквиот предлог е најразумен и најприфатлив, се‘ до утврдување на исти услови за гласањато.

„Ако вредноста на гласот во Македонија и во дијаспората не е ист, тоа не значи ништо друго, освен делегитимирање на изборниот процес. Но, да не се лажеме, под образложението за ’зацврстување на контактите со дијаспората' и другите фрази од типот 'таа е нераскинлив дел од македонското ткиво', само се бара на лесен начин да се обезбедат плус пратенички места. Заложбите за поцврсти врски со дијспората најмалку се остваруваат преку можноста таа да гласа. Особено, ако се има предвид колку мал број избирачи го даваат својот глас. Тие врски со дијаспората треба да се одржуваат и унапредуваат преку многу други институционализирани економски и културни форми, какви што недостигаа во изминативе децении, а на преку квази- избори“, укажува Јовановски.

Иселениците и натаму се надеваат дека работната група ќе утврди решенија кои нема да им го одземат правото на глас, а ќе најде механизми да ги реши утврдените нееднаквости во процесот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми