Многу прашања - малку одговори
12 март 2009Шок, лутина, тага - во тој триаголник од чувства се вртат сите директно засегнати, како и сите кои ја слушнаа веста за масакрот што го предизвика споулавеното момче во Виненден. Едни бараат поостри закони за поседување оружје, други се за поостри контроли, кои училиштата би ги претвориле во установи со висок степен на безбедносни мерки; некои сметаат дека учениците мораат да бидат подобро згрижувани од психолози, додека други, пак, повторно бараат забрана на видео- и компјутерски игри, кои го величаат насилство. Многу од овие работи наскоро пак ќе бидат заборавени - останува само збунетост, беспомошност и безизлезност. Оти, на едно прашање не може да се најде вистински одговор: како да се спречат такви настани во иднина?
Зошто - може само да се шпекулира
Во однос на другото прашање што понатаму се наметнува - што наведува некој младинец, како овој во Виненден, да споулави и да убие толку луѓе? - можни се во најдобар случај, само претпоставки. Според сите изјави на оние, кои го познавале, не станува збор за младинец кој може да биде означен како очигледен психијатриски случај. Тој потекнува од добростоечко семејство, не морал да гладува, ниту бил неизлечиво болен. Каков мотив можел да има тој или другите што предизвикаа крвопролевање како него, од САД до Финска и Германија? И, зошто тоа се случува токму во општества на благосостојба, во кои школскиот систем се чини дека е примерен - да го наведеме посебно примерот на Финска, како земја број еден во ПИСА-студиите?
Кој е решавачкиот фактор?
Тоа не може да се објасни со некаква апстрактна „светска болка“. Пубертетски проблеми, како на пример, омраза кон девојчињата, како што се претпоставува во случајот од Виненден, навистина можат да играат некаква улога, но ни оддалеку не се доволни за со нив да се објасни такво убиствено лудило. Ни можноста што се нуди - тој го земал оружјето од арсеналот на татко му - уште не прави убиец од некој младинец. Тогаш, што е во прашање?
Тој очигледно имал проблем со психичкиот притисок, кој се создава особено во општества на благосостојба. Ток- и кастингшоу програми, особено емисии како „Германија избира суперѕвезда“, создаваат чувство како да е најважен стремежот да се излезе од наводната анонимност. Еднаш во животот да се најдеш на насловните страници во весниците ширум светот - тоа беше желба уште на атентаторот од училиштето во Коломбајн во САД пред 10 години.
Негативни примери
Втор момент: Коломбајн служи како пример за углед, така на пример во одредена мера беше и во случајот од Ерфурт. Треба да се напомне - не преку весниците, радиото или телевизијата, туку преку медиумот на благосостојбата - интернетот. Тој е форум пред се’ за добростоечки млади луѓе, кој не подлежи на контрола, а кој и не може да се контролира. Во него цутат не само помалку или повеќе интелектуални идеи, туку и безопасно несоодветни, па дури и смртоносни антихумани идеи. Случајот од Виненден покажува дека монополот за информации на вообичаените медиуми го урнаа блогерите: во интернет можеа не само побргу да се добијат информации, туку и погрешни. И подоцнежните интерпретации на настанот од Виненден од страна на блогерската заедница ќе ги стави во сенка фактите, какви што беа пренесувани преку вообичаените медиуми. Овде наводно се практикува демократија - во големата понуда од информации секој го наоѓа она, што му е нему најблиско, па колку и да е цинично или антихумано, дури и ако анимира за натамошни масакри.
Врз психички лабилни луѓе, во кои спаѓаат не само младите споулавени предизвикувачи на масакри, туку воопшто многумина млади, сето тоа може да има исто толку опустошувачко влијание, колку и видео- и компјутерските игри или други фактори. Смесата што така настанува, формира буре барут.
Неопходни ни се повеќе морал и повеќе воспитување во духот на моралните норми. Морал во меѓусебното однесување, морал во односот кон медиумите. Морал, на кој се чини му се заканува да се загуби, пред се’ во делови на светот, кои всушност поради благосостојбата би можеле токму да го одгледуваат. И Германија очигледно спаѓа меѓу овие земји.