1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу регулација, малку квалитетни решенија за медиумите

Катерина Блажевска14 ноември 2015

Претставници на медиумската заедница неколку дена во различни групи дебатираат за медиумските реформи, но засега не е повидок заедничка согласност околу одредени решенија

Фотографија: Fotolia/THPStock

Неколку дена во Клубот на пратениците се одвива интензивна дебата за медиумските реформи, кои преточени во законски проекти треба да придонесат за подобрување на состојбите во таа сфера. За разлика од претходните, на вчерашната дебата која била и најмасовна, присуствувале само претставници на СДСМ и ДПА. Неприсуството на остатокот од „четворката“, новинарите го коментираа како „отсуство на нивен интерес за подобрување на медиумските состојби“. Медијаторот Питер Ванхауте расправата ја насочил на неколку приоритетни теми: елиминирање на насилството против новинарите, слободен пристап до информации, клевета и навреда, преиспитување на политичкото и владино рекламирање, саморегулација, промени во работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и во МРТВ. Од учесниците во дебатата - новинари, медиумски менаџери, професори, претставници на граѓанскиот сектор и на двете новинарски здруженија, Ванхауте побарал да се стават во улога на членови на Владата и од таа позиција да одговорат на прашањето - што ќе направат за да ги поддржат медиумите? Добил различни одговори и предлози за медиумски реформи. Присутните не се согласиле околу многу прашања: дали државата треба да издвојува средства за промоција на сопствени проекти, дали треба да се смени начинот на финансирање на МРТВ, дали финансиската поддршка на одредени проекти ја условува уредувачката политика... Според присутните, и оваа дебата во одредени моменти се претворила во обвинувања за партиско експонентство на некои од новинарите.

Сеанса на суети

Македонската асоцијација на новинари (МАН) го поздравува процесот на дефинирање решенија за медиумскиот сектор, но има и забелешки.

Фотографија: Petr Stojanovski

„Поради фактот дека не постои балансираност на медиумите кои учествуваат во овие дебати под меѓународно посредништво, и поради фактот дека дебатите се празни - а решенија ни се сервираат, МАН смета дека медиумските закони се однапред подготвени и ќе им бидат доставени на партиите кои потоа треба да ги усвојат“, вели Ивона Талевска, член на оваа новинарска асоцијација.

„Ова се должи на фактот дека она што треба да биде дебата, досега се претвори во психијатриска сеанса на суети. Конкретни предлози стигнаа единствено од двете новинарски здруженија: МАН и ЗНМ. МАН нуди решенија за медиумите, ЗНМ нуди политичка платформа, па затоа на крајот се соочуваме со меѓународни предлози кои нема да ја подобрат и унапредат состојбата во медиумите, туку ќе им послужат на партиите. Силни и независни медиуми можат да егзистираат во развиени економии. Македонија се уште е пазар во развој, а само проста споредба на буџетите и законите со другите балкански држави и земји од ЕУ, покажува дека мораме да создадеме единствен национален концепт“, сугерира Талевска.

Според МАН, за таа цел потребни се повеќе мерки: Искоренување на корупцијата во медиуми кои се финансираат од НВО и странски извори и транспарентна распределба на парите за медиуми по меѓународни стандарди, од домашни и странски извори; Вклучување на интернет порталите во медиумските закони поради обезбедување правна, социјална и професионална сигурност на лицата ангажирани во нив, но и обврска за нивно транспарентно финансиско работење; Лиценцирање на новинарите преку двете најголеми здруженија на новинари со потврда од медиумот во кој работат; Намалување на бројот на традиционални броадкастери преку заострување на критериумите за лиценци; Зголемување на казните за навреда и клевета за авторите на информациите, уредниците и правните лица на чии портали тие се објавуваат; Зголемување на казните за насилство врз новинари; Зголемување на казните за правните лица кои не го почитуваат Законот за медиуми во делот на правото на новинар да го изнесе своето мислење и да одбие да изврши налог; Поделба на сопственост и менаџмент во сите медиуми, вклучително и на интернет порталите; Обединување на двете најголеми новинарски здруженија...

Од ЗНМ, и покрај ветувањето, не ги образложија клучните предлози за реформи што биле презентирани пред Работната група.

Прекумерна регулација

И додека се бараат предлози за дополнителна законска регулација, Институтот за општествени и хуманистички науки - Скопје (ИССХ), најави кампања за зголемување на свеста за прекумерната законска регулација во медиумите.

„Во овој преоден период, многу е значајно да се адресира овој проблем и заеднички да се избориме за подобрување на слободата на медиумите. Во Македонија преовладува мислењето дека законодавството е 'во согласност со законодавството на ЕУ'. Доминира ставот дека 'законите се добри, но нивната имплементација е лоша'. Сакаме да го докажеме спротивното. За таа цел, во оваа кампања преку социјалните медиуми, подготвени се твитови/фб статуси кои се однесуваат на деталните и апсурдните регулативи, кои ја прават Македонија единствен пример во Европа каде владеат закони кои овозможуваат тела на извршната власт да регулираат програмски содржини и де факто да ја поништат секоја реална можност за уредничка слобода, кои дозволуваат совршено легално Владата да биде најголемиот комерцијален огласувач и низа рестриктривни одредби кои предизвикуваат самоцензура и сеопшта параноја во практикувањето на новинарската професија. Овие ужасно детални закони (кои функционираат истовремено и како правилници) се придружени со драконски глоби кои ѝ овозможуваат на извршната да ја преземе улогата на судската власт“, оценуваат од ИССХ.

Фотографија: picture-alliance/ZB

Важна саморегулацијата

Наспроти регулацијата, во Работната група внимание е посветено и на саморегулацијата, односно на прашања поврзани со досегашното функционирање на Советот за етика во медиумите (СЕММ). Марина Тунева, извршна директорка на ова саморегулаторно тело вели дека Работната група била запозната со компаративните искуства за работата на слични тела во регионот и Европа, како и со начинот на соработка на Советот за етика со Алијансата за независни совети за етика во Европа (AIPCE), каде што СЕММ стана членка во октомври годинава.

„Како најголем предизвик во досегашното работење го посочивме необјавувањето на нашите одлуки од страна на повеќе медиуми кои учествувале во прекршување на Кодексот на новинарите. Тоа беше нотирано и во Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија за 2015 година. Иако искуството од другите совети за етика во регионот и пошироко покажува дека е тоа процес кој се одвива постепено и кој бара време и трпеливост, апелираме до медиумите да соработуваат и да помогнат во создавањето култура во која саморегулацијата ќе функционира ефикасно. За таа цел, ја истакнавме потребата од континуирано и координирано дејствување и соработка со сопствениците на медиумите, уредниците и новинарите во афирмирањето на концептот на саморегулација“, објаснува Тунева.

Членовите на Работната група биле запознати и со препораките од Извештајот на УНЕСКО за проценка на работењето на СЕММ, кои во најголем дел се однесуваат на потребата од натамошно засилено информирање на јавноста и соработка со различни сегменти- граѓански сектор, судство, високообразовни институции...

Реформите во медиумската сфера се обврска од Договорот од Пржино и треба да бидат договорени до 20 ноември.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми