1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу ризична ситуација за Македонија

Зоран Арбутина / превод: ЕМФ14 април 2016

Јохана Дајмел, експерт за Балканот и заменик директор на германското Друштво за Југоисточна Европа ја анализира состојбата во Македонија по одлуката на Иванов за амнестија и вели - ситуацијата е многу ризична.

Фотографија: Southeast Europe Association

ДВ: Како ја оценувате актуелната криза во Македонија?

Дајмел: Тоа што Претседателот прoгласи анулирање на процедурите (аболиција, амнестија н.з.) претставува апсолутна ескалација. Со тоа тој се стави надвор од правната држава и надвор од сите напори на меѓународната заедница и на Специјалното обвинителство и со тоа во очите на граѓаните уште повеќе ја дискредитира целата влада и политичката класа. Луѓето се лути, излегуваат на улица и настана една многу запаллива ситуација.

Како ќе се развиваат работите?

Многу се надевам дека Претседателот ќе ја повлече одлуката. Предупредувањата, како од кабинетот на Могерини, така и од господинот комесар Хан, како и од германска страна, од германската влада, се многу јасни: ако оваа амнестија остане, тогаш тој се става надвор од правната држава и со тоа навистина го ризикува патот на европска интергација на Македонија.

За Претседателот - дали тој по ваквата одлука има воопшто некаква политичка перспектива?

Тоа подобро прашајте ја ВМРО, прашајте го господин Груевски. Мислам дека генерално е неопходна промена на политичката култура и на политичкото милје. Видовме дека има договор, но се прават секакви тактички вешти потези за ВМРО да си ја задржи сегашната позиција на власт, која е силна. По сите скандали со прислушувањето и.т.н. се знае колку всушност силни авторитарни државно набљудувачки структури настанале и тоа е опасно. Значи, во основа, мора да има промена - и тоа не само Претседателот, туку и други раководни личности во партиите.

Дали актуелниот развој на настаните во Македонија може да се сфати како навреда на меѓународната заедница?

Да, се разбира. Беше постигнат договор и се тргна на заеднички пат, и Претседателот тоа го поддржа. Тој рече дека ќе го почитува, дека ќе ја почитува и работата на Специјалното обвинителство. И тоа сега го смете од маса со еден замав на раката и се изолира. Тоа што сега се случува е многу ризично за земјата.

Каква е европската перспектива на земјата во ваква ситуација?

Мислам дека вратите се отворени и дека и натаму ќе биде пружена поддршка. Мислам дека од страна на ЕУ, како и од други држави, е дадена голема помош и посредување. Мислам дека вратата не е затворена и се надевам многу дека тоа се прифаќа за да се направи чекор за излез од оваа кризна ситуација. Зашто, на Е не и‘ е потребна ваква кризна ситуација на европско тло, плус една нестабилна држава и тоа на надворешните граници кога станува збор за бегалската политика.

Зборувавте за напорите на ЕУ за држење на вратата за приближување на Македонија кон ЕУ. Но, истовремено има и критички мислења, според кои ЕУ воопшто не е толку невина во врска со ваквиот развој на настаните, затоа што таа предолго толерирала премногу работи или не се јавила правовремено за збор.

Македонија за тоа е само еден пример. Има и други земји, па и земји членки на ЕУ, кои во меѓувреме покажуваат дефицитарни структури на правната држава. Проблемот е што Македонија е кандидат за ЕУ од 2005 година, но проблемот ни е познат: се‘ додека не се реши спорот за името, Грција ќе се спротивставува, а вакви работи мора да се донесат едногласно. ЕУ е силна унија на 28 членки која вакви одлуки носи едногласно со сите тешкотии кои се со тоа поврзани. Но, ЕУ правеше напори и натаму да и‘ помага на Македонија, и покрај ваквата ситуација на блокада.

Добро, тогаш може можеби да се рече дека не целата ЕУ, туку една ЕУ-членка сноси исто така голема вина за ваквиот развој на состојбите...

Не, не сакам на тоа да гледате така. Се разбира дека проблемот со името е централен проблем, тоа го знаеме, и тоа е Грција, и тоа го знаеме. Но, тука се и „меѓубенчмарковите“ каде други земји членки можеби исто така би гледале проблем. Но, сепак, и покрај се‘, се правеа секогаш обиди вратата да се држи отворена и на Македонија да и‘ се помага во процесот на реформи и приближување преку специјални формати. За тоа е, се разбира, неопходна и соодветна подготвеност на земјата. Тоа не е еднонасочна улица, туку се оди во двете насоки и ако Македонија и натаму правеше напори и ако спроведуваше вистински реформи на подобар начин, тогаш ќе можеа можеби да бидат отворени и други врати. Но, забележуваме дека се уназадува и тоа многу се уназадува.

Госпоѓо Дајмел, како натаму? Што сега мора да се случи во Македонија за таа да се врати на патот?

Многу посакувам господин Груевски да го натера господинот Иванов да ја повлече одлуката. Тоа е првиот чекор. Апсолутно е неопходно оваа амнестија да не се случи, и потоа да има избори кои одговараат на стандардите на ЕУ.

Д-р Јохана Дајмел е заменик директор на германското Друштво за Југоисточна Европа и добар познавач на состојбите на Балканот

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми