Могерини: Ако не се реши прашањето за името, можна е дестабилизација
2 септември 2014Федерика Могерини, која пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот настапи во својство на претседавач со Советот на Унијата, посочи дека е потребно да се вложи поголем напор со цел да се реши деценискиот спор меѓу Македонија и Грција, јавува МИА.
„Треба поголем напор, не само во контактите со Македонија, туку и со другите држави. Треба да се обидеме да го решиме тоа прашање и работите да тргнат напред, оти и внатрешната ситуација во земјата може да отиде во непосакуван правец ако прашањето за името не се реши и работите не се променат“, истакна Могерини.
Иако посочи дека проширувањето е на агендата на Италијанското претседателство со ЕУ кое ќе трае до крајот на годината, Могерини повтори дека за Македонија да напредува во процесот на приклучување кон Унијата, треба да се реши спорот за името со Грција.