Могерини го „олади“ Нетанјаху
1 мај 2018Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини изјави дека според првичните проценки израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не презентирал никакви докази за тоа дека Иран не се држи до договорот од 2015 година за откажување од нуклеарно оружје. Таа укажа дека Меѓународната агенција за нуклеарно оружје (МААЕ) објавила веќе десет извештаи кои покажуваат дека Иран се држи до договореното. Доколку некој има спротивни информации би требало да се обрати до МААЕ или до заедничката Комисија на страните потписнички на договорот, вели Могерини. МААЕ е единствената независна меѓународна организација која е надлежна за технички надзор, додава таа.
Портпарол на германската влада изјави дека Германија сака прво да ги провери израелските обвинувања. Истовремено се бара и независна истрага.
Повеќе:
- Можат ли Макрон и Меркел да го разубедат Трамп за Иран?
- Трамп му даде последна шанса на нуклеарниот договор со Иран
- Путин со подршка за Техеран околу атомскиот договор
Иран: „Подгреани стари обвинувања“
Во меѓувреме, Иран се спротивстави на тврдењата на Нетанјаху дека Техеран и натаму има „ноу хау“ за создавање атомско оружје. Тоа се стари, подгреани обвинувања со кои атомските власти веќе се имаат соочено, напиша иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Сариф на Твитер. Тој го критикуваше американскиот претседател Трамп што ги „присвојува“ обвинувањата на Нетанјаху.
Нетанјаху во текот на мултимедијално инсценирана презентација на телевизија претстави голем број документи кои би требало да служат како доказ дека Иран има „тајна атомска програма“, која наводно може да биде активирана во секое време. Според него, информациите потекнуваат од „таен нуклеарен архив“ на Иран, од кој израелската тајна служба пред неколку недели добила десетици илјади документи. „Иран лажеше“, заклучи Нетанјау, нарекувајќи го договорот од 2015 година „ужасен“, односно договор кој никогаш не требало да биде потпишан.
Трамп смета дека неговите ставови се потврдени
Американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео оцени дека сознанијата од тајните служби презентирани од страна на Израел се автентични. Многу од нив за САД се нови, рече Помпео, кој до минатата недела беше шеф на ЦИА. Помпео ја даде изјавата при враќањето од турнејата на Блискиот Исток, во текот на која се сретна со израелскиот премиер и доби информации за материјалот.
Американскиот претседател Доналд Трамп во наредните денови би требало да донесе одлука за откажување на атомскиот договор. Тој изјави дека презентацијата на Нетанјаху покажува оти тој со своето мислење за Иран имал „сто проценти“ право. Нарекувајќи го атомскиот договор исто така „ужасен“, Трамп не даде информација дали САД ќе го напуштат. Тој спомена можност за евентуални преговори за нов договор.
Трамп до 12 мај мора да донесе одлука дали санкциите на САД против Иран ќе останат вон сила, што де факто се толкува и како одлука на Американците да останат дел од договорот. Други партнери на Техерен согласно договорот се Русија, Кина, Франција, како и Велика Британија и Германија.