Можен ли е заеднички живот на Косово?
25 мај 2007
� да живеат заедно и да си простат.
Митровица, некогаш индустриски центар на регионот, денес е поделен, тажен и сиромашен град кој нестрпливо го очекува решението на косовското прашање. Тука живеат 130 илјади луѓе, 80 проценти Албанци и 20 насто Срби.
Низ средината на градот минува познатиот мост кој не поврзува, туку дели два народа. Судбоносниот мост преку Ибар го чуваат трупите на КФОР стацинорани во средината и го посматраат секое движење. Градот постојано беше средиште на конфликти. На 17 март 2004, тука се случи најголемиот насилнички судир од крајот на војната во 1999 година. Во борбите меѓу локалните српски и албански жители, загинаа 26 лица за само 2 дена. Конфликтот што започна во Митровица бргу се прошири низ цело Косово: голем број српски куќи и преку 30 православни цркви беа запалени. Оттогаш Митровица е најголемиот етнички проблем на Косово.
Во јужниот дел на градот, од оваа страна на Ибар се’ е албанско: луѓето, улиците, таблите и музиката. Кога ќе се мине мостот, се добива впечаток дека се наоаѓате во Србија. Српското знаме се вее речиси пред секое кафуле, сите улици и продавници се испишани на српски, а автомобилите имаат српски таблички. Секој странец внимателно се посматра, па чувството е добро само во придружба на некој од жителите.
Се чини, мирен соживот не е можен без меѓународно присуство. Предлабоки се трагите од минатото, преголем потенцијалот можно насилство во регион каде што крвната одмазда се уште е прашање на честа.
Младата генерација сепак гледа поспокојно. Многумина српски млади не ги интересира политиката од Белград и Приштина, тие само сакаат да живеат во мир:
„Би сакала да имаме некаква заедничка држава. Би сакала град во кој би можеле да живееме заедно, каде што нема да има граници и мостови и да живееме како порано„, вели оваа студентка.
Дека е можен релативно мирен соживот меѓу Албанците и Србите, сфаќаат во Пеќ, третиот по големина град на Косово на кој му припаѓаат 5 општини. Тука живеат 120 илјади луѓе. Скоро сите 5 општини се мешани. Во исто место живеат и Албанци и Срби. Како и во селото Брестовик со 750 жители, во кое Србите и Албанците секогаш заедно ја обработуваат земјата. Благодарение на различни проекти на Европската унија за враќање на бегалците, се чини дека во Брестовик владее добра клима. Од пред 4 години се вратија скоро сите негови жители и немало инциденти:
„Јас живеам во мир со Србите во селото, тогаш и денес. Понекогаш одам кај нив, пијам кафе или малку разговарам. Во ова село живеам 60 години. Во 1943 година купив парче земја и се уште сум тука„.
Азем Хисени има 82 години. Во 1999 година, кога Србите му ги убија ќерката и внуката, како и најстариот син, тој го напушти Брестовик и избега во Албанија. Се врати по една година во куќата што беше изгорена. Ја обнови на истото место:
„Моите синови и нивните пријатели не разговарат радо со Србите и имаат свои причини: на најголемиот број им биле убиени сестрата или братот. Но, јас им велам – разговарајте. Ако краделе, сепак можете да се вратите, ако ги палеле нашите куќи, повторно можете да се вратите, но ако на нивните раце има крв, тогаш бегајте„.
Во Брестовик живеат 275 Срби. Стево Џавриќ е еден од нив. 65-годишниот го напушти домот во 2000-та година во деновите кога Азем Хисени се врати. По три години се врати со сопругата и ги најде куќата и неговата шума изгорени:
„Во Србија однесов само прекрстени раце. Се ми остана овде. Кога се вратив не најдов ништо. Не ми е криво за куќата, ниту за парчето шума. Но, за овошките ми е жал, зашто јас нема да живеам толку долго за уште еднаш да ги видам големи„.
И тој повторно ја изгради својата куќа. Работи на својата нива каде што одгледува зеленчук и чува крави. Веќе не сака да си оди:
„И пред војната и за време на војната живеев со нив добро. Мора да живееме заедно. А, што друго да правиме? Имаме ниви едни покрај други, зарем не треба да разговараме„?