1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можеше ли дронот да пушти гулаби место знаме?

Катерина Блажевска16 октомври 2014

Историска нетрпеливост меѓу Србите и Албанците, протест против „русификација“ на регионот и ксенофобијата кон албанските навивачи, се лоцирани како причини за инцидентитe во балканскиот триаголник Белград-Тирана-Скопје.

Фудбалскиот натпревар меѓу Србија и АлбанијаФотографија: Reuters/Marko Djurica

Каков епилог ќе имаше случајот „Белградски стадион“ ако наместо знаме со „голема идеја“, дронот пуштеше балони, гулаби или пораки за пријателство, кои во триаголникот Белград - Скопје - Тирана немаше да бидат дочекани со националистички, туку со пароли за пријателство и разбирање? Секако, сосема поинаков, но вакви варијанти, според аналитичарите, во моментов, за жал, не се можни во тој балкански триаголник. Причните што ги истакнуваат се различни: историска нетрпеливост меѓу Србите и Албанците, превласт на етничкото чувство над државното, протест против разни гасификации и русификации на регионот, реакција против ксенофобијата кон албанските навивачи...

Српски аналитичари во инцидентот препознаваа двојна провокација. Според политичкиот аналитичар Бранко Радун, „зад инцидентот не стои само Албанија, туку веројатно и некои центри на моќ од Западот, кои сакаат да создат хаос пред доаѓањето на Путин во Белград, но и обид за дестабилизација на состојбата во Србија и удар врз власта во Белград“.

Фудбалскиот натпревар меѓу Србија и АлбанијаФотографија: Reuters/Marko Djurica

Што беше добрососедство?

Но, зошто реакциите се регионализираа? Што се славеше на плоштадите во Струга, Тетово и Скопје по инцидентот во Белград, со знамиња и пароли за Голема Албанија? Според аналитичарот Назим Рашиди, собирите во Македонија се само знак на поддршка на албанскиот национален тим.

„Причините се различни - од фактот што фудбалерите во албанскиот тим се по потекло од сите краеви на регионот, па сѐ до поддршка и израз на национално достоинство“, тврди Рашиди.

Дел од аналитичарите сметаат дека токму политичарите и медиумите придонеле за пошироко ескалирање на инцидентот. Сашо Клековски потсетува дека инциденти на спортски натпревари предизвикани од екстремни навивачи се доста чести: палење на знамиња на ривалските нации и шовинистички скандирања.

„Но, обично овие инциденти се ограничуваат на навивачките групи. Инцидент се случи, но не се изолира. Тука разликата е што политичарите и медиумите ја ескалираа работата. Навивачите во Тирана ги дочекале и повеќе министри, а српските министри бараа оправдувања за тоа што се случи. Сето тоа, се случува една недела пред историската посета на Еди Рама, премиерот на Албанија, на Србија. Во ваква ситуација, можно е откажување или одлагање на посетата. Тоа би предизвикало штета и за двете земји, како и за целиот регион. Добивки би имале само силите кои се против добрососедството и против евроинтеграците на регионот. Славењето, не на албанското знаме, туку на политичката порака на „Голема Албанија“, ќе предизвика негативни реакции кај сите соседи. Која е пораката на сограѓаните етнички Албанци? Дека е во ред на спортски натпревари со Грција да се провоцира со карти на Обединета Македонија? Така не се гради добрососедство“, укажува Клековски.

Министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, на прашање на српски медиуми веќе навести дека „во моментот сите опции за посетата на Белград од страна на премиерот Рама се отворени“, што најавува голема неизвесност дали таа ќе се реализира. Истовремено, потенцира дека „албанското МНР најостро го осудува насилството, провокациите и медиумските дезинформации кои се во спротивност со спортот и добрососедската политика“. Додавајќи дека „гостопримството е згазено како никогаш порано, во антиспортска и ксенофобична атмосфера“, Бушати апелираше до сите Албанци „каде и да се, во Тирана, Приштина, Скопје или Митровица, да останат смирени, да покажат култура и великодушност, кои го каракетиризирале и албанскиот тим на натреварот во Белград.

Фудбалскиот натпревар меѓу Србија и АлбанијаФотографија: Reuters/Marko Djurica

Гневот - врз автобусите

Апелот, изгледа, не се слушна во Скопје. Засега неидентификувана група демолирала една авотобуска постојка, а со искршени стакла завршија два двокатни автобуси во скопската општина Чаир и еден во општина Сарај. Повредени патници нема, но во прашање се лузните што остануваат во меѓуетничкиот соживот. Можеше ли да се спречи инцидентот и неговото прелевање во регионот? Аналитичарот Ибрахим Мехмети, смета дека тоа што се случи во Белград не е случаен инцидент, туку одраз на политичката реалност.

„Инцидент од ваков тип можеше да се предвиди и да се спречи, но за такво нешто се потребни предуслови кои очигледно не постојат во Србија, но и пошироко на Балканот. Тоа што се случуваше не мечот Србија-Албанија наликуваше на црно бели слики од дамнешни времиња кога фудбалските натпревари стануваа повод за војни. Овој тажен настан ја вади на виделина пред светската јавност сета површност на оценките за демократскиот капацитет на балканските држави и ги открива националистичките фрустрации. Мислам дека Србија како организатор на овој настан требаше и можеше да направи повеќе, за да го заштити својот углед како држава кандидат за членка на Европската Унија, со тоа што ќе обезбедеше понормална атмосфера пред овој меч. Се надевам дека јавноста во Србија и Албанија ќе се дистанцираат од примитивизмот кој владееше пред, и за време на инцидентот, но и дека нема да се дозволи нов бран на анимозитет меѓу соседите“, вели Мехмети.

Токму во атмосферата пред почетокот на мечот, Рашиди ги лоцира причините за подоцнежните настани.

„Големата тензија пред натпреварот, со забраната од страна на спрските влласти за учество на албанските фанови, со дикрективи за неносење на шалови или други реквизити, само креираше тензија. Под вакви услови, идејата дронот да го спушти 'забранетото' знаме, одекна како интересна реакција. Некои ја нарекоа 'лоша шега', но не и причина за насилството кон фудбалерите. Целата понатамошна реакција произлезе од сликите каде обезбедувањето ги тепа албанските фудбалери и информации за инциденти во соблекувалните, каде се сметаше дека беа сигурни. Тензијата произлегува целосно од историската напнатостост меѓу Албанците и Србите. Никој тоа не го поврзува со посетата на Путин. Напротив, пред натпреварот во албанските медиуми на големо се зборуваше за посетата на Еди Рама во Белград“, вели Рашиди.

Фудбалскиот натпревар меѓу Србија и АлбанијаФотографија: Reuters/Marko Djurica

Заради Путин

Но, во Србија, сепак, владее поинаково мислење. Српскиот премиер Александар Вучиќ не ја исклучи можноста дека инцидентот е провокација пред посетата на рускиот претседател, а медиумите сметаат дека целта била да се наруши имиџот на Србија, која во моментов е одлично позиционирана во очите на Брисел и важи за „најдобар ученик“ во регионот. Според српскиот претседател, Томислав Николиќ, инцидентот е „атентат врз воспоставувањето на пријателство меѓу Србија и Албанија“.

„Очигледно е дека на Албанија ќе и бидат потребни децении, ако не и векови да стане нормална држава, без омраза кон Србите“, изјави Николиќ. Шефот на грчката дипломатија, Евангелос Венизелос го осуди инцидентот, истакнувајќи дека спортските настани мора да бидат израз на пријателство и соработка меѓу луѓето и нациите, а грчиот претседател Каролос Папуљас упати критика дека „некои луѓе го експлоатираат спортот“.

Во Македонија, поважно од утврдување на мотивите за прелавање на „расположението“ од Белград, засега е откривањето на учесниците во домашните нереди. Опозициската СДСМ побара да се санкционираат учесниците во нарушувањето на јавниот ред и мир низ неколку градови во Македонија, по фудбалскиот натпревар во Белград.

„Уставот е јасен - не е дозволено поттикнување национална омраза и нетрпеливост. МВР вчера со молкот и непостапувањето согласно надлежностите тоа го дозволи“, реагираше СДСМ.

Од друга страна, барање секојдневно да се пронаоѓаат „сторители“ кои работат на унапредување на меѓуетничките односи во земјата и во регионот, засега никој не доставува!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми