1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Берлин да допре до Москва?

Н. Веркхојзер / М.Белингер / Е.М.Фиданоска6 март 2014

Во кризата околу Крим од Германија се очекува многу. Министерот за надворешни работи Штајнмајер има добри врски со Москва. Но, само тоа не е доволно за деескалација.

Merkel Putin Berlin Reichstag
Фотографија: Guido Bergmann/Bundesregierung-Pool via Getty Images

Односите со Русија во германската надворешна политика традиционално имаат посебно место. Германската влада се гледа себеси како посредник меѓу западните партнери и Москва.

Притоа, соработката во пракса често се покажува како тешка. Агресивната руска политика од позиција на голема сила кон поранешните советски републики, како Украина или Грузија, предизвикува неразбирање во Берлин веќе долго време, исто како што на неразбирање наидува непочитувањето на граѓанските права и притисокот врз опозицијата. Германската канцеларка Ангела Меркел во разговорите со рускиот претседател Владимир Путин постојано укажува на демократските дефицити, но тој, исто така упорно, тоа го игнорира.

Комплексната геостратешка состојба по крајот на источно-западниот конфликт постојано доведуваше до криза на довербата меѓу Москва и партнерите од Западот. Руското раководство се чувствуваше загрозено не само од проширувањето на НАТО на исток, туку беше разлутено и поради плановите на американската влада за создавање антиракетен одбранбен систем во Источна Европа. Руско-грузиската криза, летото 2008-ма, натамошно ги оптовари односите. Германската влада протестираше кога Русија ја призна независноста на Абхазија и Јужна Осетија и оцени дека е тоа спротивно на меѓународното право. И Украина досега била повеќе пати во средиштето на недоразбирањата, како во 2009 година, кога Русија ја затвори славината за гас за таа земја, а со тоа и за Европа.

Во последните месеци односите на Москва со Западот беа оптоварени поради руската поддршка за сирискиот претседател Асад. Путин поради тоа беше критикуван и во Берлин.

Руски војници влегуваат во Грузија во 2008-та годинаФотографија: Uriel Sinai/Getty Images

Пресврт преку приближување

Додека односот на Меркел и Путин е професионално-дистанциран, министерот за надврешни работи Франк-Валтер Штајнмајер уште за време на својот прв мандат на оваа функција (2005-2009) правеше обиди за континуиран дијалог, кој треба да придонесе за „пресврт преку приближување“.

Сега, по стапувањето на должност на големата коалиција, Штајнмајер го постави Гернот Ерлер за ополномоштеник за Русија, кој реторички е поумерен од својот претходник Андреас Шокенхоф, кој недвосмислено ја критикуваше авторитарната политика на Путин. Ерлер во јануари за Дојче веле оцени дека „треба да се води рационален дијалог за руските интереси“, при што руската страна ќе може да си го зачува образот.

Но пријателскиот став на Штајнмајер кон Русија беше ставен на тест со почетокот на неговиот втор мандат на функцијата шеф на дипломатијата. Во Киев беа во тек протести против Јанукович. „Револтирачки е како руската политика ја користи економската состојба во Украина“, рече тој за време на својот прв говор, но додаде: „Мора да се прашаме дали не успеавме да видиме дека за Украина е тешко ако мора да се одлучи меѓу Европа и Русија.“

Прв предизвик за Штајнмајер по стапувањето на должноста - протестите во КиевФотографија: B.Kilic/AFP/GettyImages

Сега владите на САД и на земјите на ЕУ трескавично бараат одговор на руската провокација на Крим. Старата поделба - остри зборови од Вашингтон, поумерени тонови од Берлин, се чини засега повторно функционира. „Европа е во најтешка криза по падот на Ѕидот“, рече Штајнмајер во понеделникот (3.03), но подвлече дека и натаму е за разговори: „Кризната дипломатија не е слабост, туку е понеопходна од кога и да е досега.“ Берлин сепак сака да избегне самостојни потези. Исто како партнерите и германската влада смета дека руската интервенција е спротивна на меѓународното право. Таа се приклучи на бојкотот на подготовките за самитот на Г8, но Берлин е сѐ уште скептичен кога станува збор за економски санкции, зашто ретко која друга земја во Европа е толку тесно економски поврзана со Русија како Германија. Германските фирми во 2013 година во Русија извезле стоки во вредност од 36 милијарди евра. Со увоз од Русија, пак, се покриваат 35% од германските потреби од гас и сурова нафта.

Истовремено, меѓутоа, германската влада сака да избегне потпирање на Путин на германската воздржаност. Затоа Штајнмајер не се откажува од закани. Без конкретни отстапки на Русија дискусијата на ЕУ-самитот сигурно „ќе мине така, што ќе бидат донесени мерки“, се закани германскиот министер, но не прецизираше за какви мерки може да стане збор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми