1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Бугарија да ја чува источната граница на НАТО?

Александар Андреев/ Жана Ацеска11 април 2014

Бугарија стравува од ескалација на ситуацијата во регионот на Црното Море. Таа, како членка на НАТО, треба да ја штити источната граница. Но, бугарската армија самата смета дека не е во состојба тоа да го изврши.

Фотографија: BGNES

Како членка на НАТО, Бугарија е надлежна за 354 километри долгата делница од источната граница на НАТО. Овој бугарски брег на Црното Море е 500 километри оддалечен од Крим и истовремено граничи директно со областа во која оперира руската црноморска флота и руската извидничка авијација. Од една страна, Бугарија има обврска да врши контрола на воените активности на Русите во и над Црното Море. Од друга страна, во Софија владее влада во која доминираат социјалистите, пријателски настроена кон Москва, која се обидува да направи комплицирана шпага меѓу своите обврски кон НАТО и ЕУ и симпатиите кон Русија.

Овие симпатии се длабоко вкоренети и во бугарското општество, поради што и тоа самото е поделено. Имено, историски и културно условените проруски расположенија колидираат со стравот кој се чувствува во медиумите од можно брзо вовлекување на Бугарија во воен судир во областа на Црното Море. За таков судир, Бугарија очигледно нема никакви капацитети. Јавната дискусија околу потенцијалната опасност и опциите за деескалација на ситуацијата во Бугарија течат со полна пареа.

Со руски авиони за НАТО против Русија?

Извештај на бугарското Министерство за одбрана, цитиран од новинската агенција БТА, констатира дека бугарските воени авиони се премногу стари и не одговараат на модерните барања. Генералот Саби Сабев, воениот бугарски претставник во Главниот штаб на НАТО во Брисел на заминување, јавно ја критикува воената реформа во Бугарија. Намалувањето на персоналот и штедењето во секторот на воената опрема и структура ја ослабеа армијата. Бугарија не е веќе во состојба да ги извршува обврските како НАТО-гранична земја, вели Сабев во интервју за БТА.

Американски воен брод кај Босфорот на пат кон Црното МореФотографија: Reuters

Поранешниот министер за одбрана и безбедносен експерт, генерал Аниу Ангелов во разговор за Дојче веле укажува на проблемите кај воздушната одбрана: „Можеме да сметаме дека воената авијација може да го обезбедува бугарскиот воздушен простор само со енормни напрегања“. Според негови проценки, бугарската воена авијација е само делумно ефикасна против руските борбени авиони МИГ-21.

Стравови и стравувања

Фактот што бугарската воена авијација, како и радарските системи, се целосно од руско производство, може да и‘ биде од предност на Русија ако дојде до конфликт во регионот на Црното Море. Во повеќе публикации се шпекулира со тезата дека во ваков евентуален случај руската војска може да го „изигра“ радарското набљудување на НАТО-членката.

Истовремено, од почетокот на годината е евидентиран зголемен број на руски извидувачки летови во областа на Црното Море, поради што, како што вели бугарскиот министер за одбрана, Ангел Најденов, „нашите авиони мора да полетуваат и да ги контрлираат“. Според Најденов, ова е речиси секојдневен случај. Што конкретно носат со себе руските извиднички авиони Иљушин-20 и каква задача извршуваат, не се знае. Во медиумите меѓутоа се формулира стравувањето дека тие ги надгледуваат бугарските радарски системи.

„Нема опасност за членката на НАТО“

И покрај сите заплашувачки сценарија и стравови во јавноста, поранешниот министер за одбрана Тодор Тагарев не верува дека постои акутна опасност за Бугарија. Тој смета дека е многу неверојатно Русија оти може да ја нападне членката на НАТО, Бугарија.

„Ако тоа се случи, автоматски доаѓа заедничкиот одговор на земјите на НАТО, согласно членот 5 од договорот“, вели Тагарев. Во Бугарија следните денови се очекува доаѓањето на генералниот секретар на НАТО во заминување, Андерс Фог Расмусен. Бугарскиот министер за одбрана Ангел Најденов посетата ја нарекува „важен сигнал со оглед на руско-украинската криза, безбедносната ситуација во регионот на Црното Море и на источната граница на НАТО“. Неговиот претходник Аниу Ангелов е на мислење дека Бугарија задолжително треба да ја искористи посетата на Расмусен.

„Единственото што можеме да го направиме во сегашнава ситуација е да побараме консултации со раководството на НАТО, да го информираме дека не сме целосно во состојба со нашите авиони да ги контролираме извидничките летови на Русите над Црното Море. Значи, ни треба дополнителна поддршка од НАТО“.

Фотографија: BGNES

НАТО покажува присуство

Ангелов е еден од оние кои гледаат реална опасност за Бугарија.Тој ги повика надлежните национални органи да преземат веднаш мерки за да ја зачуваат бугарската безбедност.

„Националниот совет за безбедност на владата и оној на претседателот треба да се начисто за големината на опасноста. Ако Бугарија фактички сака да ја сноси НАТО-одговорноста за колективната безбедност, треба да бидат преземени сите неопходни мерки, зашто ситуацијата не е безопасна“.

Поранешниот политичар посакува решителни потези од страна на ЕУ и НАТО кон Русија, зашто... „Во Москва одлуките ги носи еден единствен човек. Ако тој брзо по анексијата на Крим сака да направи натамошен чекор, никој во Русија нема да го запре“, вели Ангелов.

САД и НАТО веќе покажуваат присуство во регионот на Црното Море. Вашингтон во меѓувреме повторно испрати таму еден воен брод. Разорувачот „УСС Доналд Кук“ таму ќе биде во рок од една недела, беше речено во Вашингтон (07.04). Со ова американската војска, по руската анексија на Крим, сака да даде знак за поддршка на источноевропските сојузници во НАТО. Минатиот месец Вашингтон веќе привремено го премести во Црното Море разорувачот „УСС Тракстан“. Истовремено САД испратија борбени авиони Ф-16 во Романија поради планираните вежби на НАТО во регионот на Црното Море за овој месец. Уште пред неколку недели НАТО ги прошири надгледувачките летови на авионите Авакс над територијата на Полска и Романија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми