Може ли Македонија повеќе да стори за бегалците?
21 август 2015Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, „поради зголемениот притисок на јужната граница и се позасиленото минување преку 'балканскиот мигрантски коридор', но и со оглед на состојбата во глобални рамки, било проценето дека е неопходна „дополнителна, зголемена и поефикасна контрола на граничниот појас каде што се забележани масовни илегални преминувања од грчка страна.“ Познатиот македонски филозоф, писател и публицист д-р Ферид Мухиќ реагира во својата изјава за Дојче веле: „Затворањето на границата за мигрантите е политички легитимно, но, од хуманитарно - етичка гледна точка тоа е апсолутно неприфатливо. Македонија не би смеела да ги затвора своите ’порти’ за овие страдалници, на кои се гледа како на натрапници, а не како на човечки суштества, на кои треба да им се помогне. Може и треба да се побара помош од Европската Унија“
Колку и како Македонија м помага на овие луѓе во неволја? Одговорот на ова прашањe го побаравме од Сузана Тунева - Пауновска, секретар на Црвениот крст на градот Скопје и од д-р Бунјамин Мемеди, професор по специјално образование на деца со попреченост во развојот од Државниот универзитет во Тетово, двајцата добитници на државната награда „Мајка Тереза“ за 2015 година за „остварување во областа на хуманоста и човечката солидарност, како и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката меѓу народите и припадниците на различните заедници, култури и вери“. Тунева - Пауновска укажува на активностите на Црвениот крст на Македонија: „По измените на законот за странци од почетокот на јуни до сега низ Македонија поминале вкупно 36 илјади и 500 лица, а само 845 побарале азил. Екипите на Црвениот крст на Македонија дневно имаат по 150 - 180 интервенции и околу 70 пренесувања во болница. Во изминатите два и пол месеца тие екипи интервенирале кај 6500 мигранти. Поголемиот број од нив се деца и бремени жени. Најчести здравствени проблеми се јавуваат кај мигрантите, кои се хронично болни лица, но, има и акутни состојби со заболувања на дишните патишта, цревни инфекции, кожни заболувања, шеќерна болест и два доживеани удара од електрична енергија. Меѓу бегалците - мигранти, кои минувале низ Македонија досега е забележан случај само на едно лице починато од срцев удар и 29 лица, кои загинале во железнички несреќи. Во текот на првите пет месеци од годинава Црвениот крст беше активен и во Транзитниот центар за странци во Скопје, каде што тој има своја амбуланта. Во тој центар им беа давани медицинска заштита и хуманитарна помош на 300 лица месечно.“
Бегалците во лоша состојба
Мемеди е категоричен дека Македонија ја пројавува својата хуманост кон бегалците - мигранти: „ Состојбата кај овие луѓе што страдаат не е добра, а кај децата, изнемоштените стари луѓе и кај жените состојбата е многу лоша. Но, добрата страна е тоа што во оваа ситуација хуманоста постои во Македонија: хуманитарните и невладини организации и многу луѓе им обезбедуваа храна, вода и други потребни работи на жените со мали деца, на болните, вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби. Им даваа и корисни информации, за да знаат каде се и што ги очекува на патот кон ЕУ. Имам свои непосредни информации дека луѓе на отворен простор им даваа чорапи, храна и што се не друго на мигрантите, кои минуваа низ патиштата. Црвениот крст, ’Ел - Хилал’и многу други невладини хуманитарни организации заедно со хуманите луѓе ги здружија силите, за да им олеснат на мигрантите на овој нивен тежок пат. Тие организации заедно со македонските граѓани даваат се од себе, во рамки на расположливите можности, за да им ги вратат колку - толку насмевките на овие луѓе, тие да имаат барем малку повеќе надеж за подобра иднина. Овие организации и граѓаните го положија својот индивидуален испит по хуманост, но, институциите на системот потфрлаат на таквиот свој колективен испит.“
Тунева - Пауновска се надоврзува: „Во својата активност Црвениот крст на Македонија е поддржан од Меѓународниот Црвен крст и Канцеларијата на УНХЦР - Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации во Скопје. Имаме многу донации од локалните компании, со кои соработуваме одлично. Секојдневно распределуваме храна, вода, хигиенски материјали за мажи и жени, бебешки пакети, облека, ќебиња ... Во оваа акција се вклучени и невладините организации ’Легис, ’Нун’ и ’Граѓанската иницијатива за поддршка на мигрантите’. Нашиот апел за итни состојби во моментов има план за реализација заклучно со годинашниов октомври, но, сме во подготовки на нов итен апел до Меѓународниот Црвен крст за период од дополнителни четири месеци.“
Хумана димензија
Притоа, таа нагласува: „Хуманата димензија кај нашиот народ многупати се потврди како дел од секојдневието. Сите досегашни кризи, било да се природни, или да се предизвикани од човекот, ја мобилизираа моќта на хуманоста во рамки на нашата држава. Институциите на системот и Црвениот крст, како и многу невладини организации, се вклучени со свои доброволци и со хуманитарна помош, која сами ја обезбедуваат. Македонија е мала земја, со ограничени човечки и материјални ресурси. Со ова што го правиме со поддршка на УНХЦР и со другите агенции на Организацијата на Обединетите Нации, со помош на компаниите и воопшто на корпоративниот сектор, и благодарејќи и на индивидуалните донации, многу коректно го даваме својот хуманитарен одговор на потребата за поддршка на мигрантите, кои минуваат низ Македонија. Не можеме да ги покриеме сите потреби на овие лица, но, можеме да бидеме задоволни со добриот однос и основната поддршка со хуманитарна помош.“
Но, „мигрантската криза“ во Македонија имаше и едно друго, „грдо лице“: полицијата интервенираше во претходните неколку месеци против организирани банди на криумчари од Кумановско, кои им наплатувале на мигрантите од 600 до илјада евра по едно лице, за префрлање од јужната до северната граница, кон Србија. Некои од мигрантите, почесто оние од Сирија, движејќи се низ Агино село, како и низ шумите на трасата на автопатот Скопје - Куманово, особено во јуни годинава, беа напаѓани и беа сурово претепувани со нанесување тешки телесни повреди, по што им беа одземани парите и мобилните телефони. Одделни мигранти сведочеле пред полицијата дека имало и други физички малтретирања, па и силувања членови на нивни семејства. Тунева - Пауновска вака ги коментира овие акти на нечовечност и бруталност кон мигрантите: „Во секоја криза постојат и групи на луѓе, кои ја искористуваат состојбата на беспомошните луѓе. Таквите групи на луѓе се појавуваат во секоја криза. Сакам да верувам дека ова се изолирани групи на профитери, кои ја заслужуваат казната што им се изрекува согласно со законските прописи во нашата држава.“
Симпатиите не се доволни
Професорот по социологија од Државниот универзитет во Скопје Илија Ацевски има свое видување на македонскиот третман на мигрантите, кои се бараат помин низ оваа држава на патот до државите од Европската Унија: „Ние сме навистина премногу хумани кон некој што тргнал на пат долг две илјади километри со бремена жена, со дете, во потрага по среќа. Не гледаме во него мигрант, туку страдалник, човек што бара помош. Но, кога Македонија ќе се соочи со бројка од 10 илјади, 20 илјади, 30 илјади мигранти, кои и нека транзитираат низ неа, тогаш ни престанува хуманоста и започнува реалноста. Ако се случи ситуација тие мигранти да останат макар и 6 месеци во Македонија, или ако се постави прашањето и само неколку проценти од нив, евентуално, да останат да живеат во земјата, тогаш таа ќе се соочи со вистинското лице на проблемот. Да не живееме во илузии: тогаш ќе почнеме да ги мразиме мигрантите. Сега им даваме вода, помош, но, кога нивната бројка ќе се зголеми, кога ќе се надмине индивидуалната димензија на мигрантската криза, тогаш ќе се редуцира, или ќе ја снема хуманоста. Македонија нема ресурси за да излезе на крај со енормната бројка на мигранти, што влегуваат и што минуваат низ неа.“
Ферид Мухиќ заклучува: „Страдањата на мигрантите се под нашите можности и под нашата готовност да им се помогне. Постојат симпатии кон тие луѓе, но, многу малку се презема тоа чувство да се преточи во акција. Има многу пропусти во активностите за давање помош на мигрантите. Сепак, мора да се каже дека, наспроти се, Македонија се одликува со многу поголема хуманост, отколку во земјите со деперсонализирани услови за живот, какви што се некои од развиените западни држави.