1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Архитектура

Како против урбаната мафија во општините?

Костадин Делимитов
29 септември 2017

Расчистување на урбанистичкиот хаос, раскринкување на урбаната мафија! Реалност или уште едно разочарување во најава? Граѓаните очекуваат правда, експертите бараат одговорност!

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ревизија и мораториум на Деталните урбанистички планови и сите проблематични градби! Во пресрет на локалните избори јавноста е сведок на зачестени најави и ветувања за прочешлување на процесот кој радикално го промени ликот но и живеењето во Скопје. Масовното бетонирање и окупирање на зеленилото во централното градско подрачје на метрополата одамна го вклучи алармот кај јавноста. Редица граѓани, невладини организации  застанаа во одбрана од масовната урбанизација но освен гласност не успеаја да постигнат ништо конкретно. Процесот не само што не запре, туку доби на динамика со наближувањето на тајмингот за локалните избори. Ако е за утеха, гласноста на граѓаните кои низ целиот процес беа дискредитирани и етикетирани, главно политички, предизвика оваа тема да доминира во предизборната кампања. Ваквите ветувањата звучат добро, посебно за оние во општините како Карпош, Центар, Аеродром, каде една по една секојдневно никнуваат огромни станбени зданија:

„Ветуваат дека ќе стават крај на урбаниот хаос, но она што лично јас сакам да го видам е одговорност. Некој мора да одговара за ова силување што му го направија на градот. Па не може секому да му се дозволува да гради каде сака и колку сака. Велат се било законски, а тој закон како го спроведуваат? Шверцерски и насилнички. Преку ноќ и во празници. Ете така истуркаа се` што можеше да се истурка во изминативе години. И што е најстрашно не запираат. Не знам, не сакам да губам надеж, но стравувам од сево ова да не испадне уште едно разочарување“, реагира 54 годишниот Димитар, жител на населбата Тафталиџе 1, каде само периодов се градат 24 нови згради.

И експертите бараат одговорност

За експертите е разбирливо што граѓаните стануваат се` погласни во револтот. Состојбата на теренот можеби не дава надеж за позначајна „корекција“ на она што веќе е направено, но затоа правда и одговорност велат мора да има:

„Ревизија и мораториум на сите Детални урбанистички планови а со тоа и на градбите ќе мора да има и тоа под итно. Зошто? Затоа што ќе ја изгубиме државата. Едни од главните алатки со кои се гради држава е урбанизмот и планирањето. За жал кај нас во изминатите години се практикуваше урбанизмот без, нагласувам, без планирање“, предупредува Дијана Мицковиќ, архитект. 

... и 2016 годинаФотографија: Jane Dimeski
Во урбанистичкиот хаос во Скопје особено страда зеленилото, како што може да се види од овие фотографии од кејот на Вардар кај зградата на новото МНР од 2009Фотографија: Jane Dimeski

Клучниот проблем според нејзе е што наместо стручно, целиот процес на планирање се спроведувал стихијно и по нарачка, со постојани законски измени за сметка на интересите на поединци инсталирани во централната и локалната власт. Ваквиот процес вели таа е всушност совршен рецепт  како да “изградите” комплетно нефункционална држава која водејќи се исклучиво под притисок на капиталот, влегува во исклучително брз процес на самоуништување.

„Урбанизмот и планирањето се сложени процеси, но еве ќе ви посочам само еден пример како овие процеси се практично заобиколени за да се направи најголемата кражба на државно земјиште и јавни површини. Просторен план за скопскиот регион не е изработен, веројатно намерно и се пристапило веднаш кон изработка на Генерален Урбанистички План во 2012-та година. Во ГУП-от за Скопје, во сите најатрактивни населби и зони, зелените површини се сведени на нула проценти на нула хектари. Па така, при изработката на Деталните урбанистички планови се оставило простор, секоја зелена или јавна површина која се водела на РМ сосема комотно да се отуѓи по потреба. Во овој и ваков криминален процес најоштетени се станарите кои живеат во повеќесемејни станбени објекти градени во СФРЈ“, објаснува Мицковиќ.

Процеси по мерка на урбаната мафија

Проблемот е што за овие објекти, во процесот на приватизација на земјиштето не биле оформени градежни парцели соодветно на нивните урбанистички параметри, туку им е дадено право на сопственост само на 1 метар околу објектот:

„На тој начин, целото земјиште околу тие објекти (пристап, паркинг, парк), кое останало во сопственост на РМ практично останало во милост и немилост на урбаната мафија инсталирана во централната власт и во рацете на клиентелистичката локална власт. Совршен пример за ова е Тафталиџе каде во само еден блок на сите, повторувам, на сите слободни зелени површини околу старите објектите се впишани 8 нови површини за градба за повеќесемејни станбени објекти за кои се оформени градежни парцели на сметка на старите објекти. Ова под итно мора да се спречи и да се лоцира одговорноста“, предупредува Мицковиќ.

Зградата на Фијат Цаноски која беше урната поради наводни неправилности во 2011 годинаФотографија: Petr Stojanovski

Дел од експертите очекуваат правда, но не и драматично подобрување на состојбите:

„Урбанизмот е сериозна наука без која развој, функција на град и начин на живеење се невозможни. Грешките во урбанизмот се непоправливи и оставаат далекусежни последици по градот. Нас ни се случи токму тоа. Ваквите најави можат да донесат правда на ниво на некаква сатисфакција, но не и драматично подобрување на состојбата, бидејќи најголем дел, особено од Центар е веќе изграден. Објектите главно се комерцијални станбени згради кои се приватна инвестиција и приватна сопственост и ги имаат сите потребни дозволи. Како и на кој начин ги добиле тоа е друга приказна“, реагира архитектот Сања Раѓеновиќ Јовановиќ.

Еден од клучните проблеми според нејзе е и тоа што начинот на кој е направен Деталниот урбанистички план остава простор за корупција по сите нивоа, односно создава еден маѓепсан круг на спрега од сопственици на локации, градоначалници, референти, шофери во општини, инвеститори, градежни инспектори, од кој излегувањето е многу тешко:

„Во голем дел од тие згради станови имаат и сопствениците на локацијата кои на пример во Центар добиваат по околу 30% од изградената површина. На тој начин се градени најголем дел од станбените згради. Имав прилика да ги видам анкетните листови за ДУП Дебар Маало 2, каде 70% од барањата на жителите беа за зголемување на дозволената површина за градба. Вина постои по сите нивоа. Општините се самофинансираат и најголем приход е од комуналии, граѓаните кои живееле во некои не баш соодветни услови одеднаш се обидуваат да решат станбено прашање барем на две генерации, а инвеститорите бараат се поголем профит. Ова е најизразено во Дебар Маало и Буњаковец каде се случува и голем дел од ноќниот живот во градот. А парадоксот е што во тие населби е и најскапа цената на станот“, реагира Раѓеновиќ Јовановиќ. 

Зградите на Фиком и натаму зјаат празни, а становите им беа продавани на повеќе лица истовремено. Фотографија: DW/Aleksandar Manasiev

Излезниот механизам е во нов ГУП

За долгорочно решение и корегирање на состојбите експертите апелираат дека е неопходно да се започне со просторно планирање во кое би се дефинирале сите стратешки цели во однос на рамномерен и одржлив развој на целата територија на РМ:

„Најпрвин треба да се изработат просторни планови од каде ќе се црпат информациите и насоките понатаму за изработка на нови ГУП-ови, и понатаму за изработка на нови ДУП-ови. Ова не се однесува само за Скопје, ова се однесува за сите градови и за целата држава“, укажува Мицковиќ.

Целиот овој процес според експертската јавност треба да го редуцира процентот на изграденост согласно густината на населеност и инфраструктурата, но и да го искорени проблемот со паркирање кој поради зачестеното замижување на надлежните станува се` поизразен:

„Во сите изводи од ДУП стои “потребите за паркирање ќе се решаваат во рамки на сопствената парцела со почитување на потребен број паркинг места, како основен услов за изградба до максимално дозволената висина и површина за градба. Потребниот точен број на паркинг места ќе биде дефиниран со проектна документација на градежната парцела, согласно член 57 и член 61 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Ова самото покажува дека урбанизмот не ги задоволува потребите за паркирање и тоа го знае, но сепак тој урбанизам е на сила. И изградените објекти не задоволуваат паркирање и тоа се знае , но сепак се градат“, укажува Раѓеновиќ Јовановиќ.

Каква е моменталната состојба доволно зборува податокот дека само во моментов во централното градско подрачје на Скопје во тек е изградба на повеќе од 100 големи станбени згради, од кои добар дел и со по стотина, или повеќе станови. Во исто време редица новоизградени згради зјаат полупразни што го наметнува и прашањето. За кого толку многу се гради и дали навистина има толкава потреба за тоа? Многу дилеми, но малку одговори. Оттука и не чудат сѐ погласните шпекулации дека целата оваа масовна операција во себе можеби крие и една голема пералница на пари.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми