1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе биде ли посетата на Шолц пресвртница за С. Македонија?

10 јуни 2022

Германскиот канцелар од петокот е на турнеја низ повеќе балкански земји и Грција. Тој најавува дека сака да им даде нов поттик на земјите од регионот за нивната ЕУ перспектива. Но, проблем се билатералните спорови.

Олаф Шолц
Олаф ШолцФотографија: Janis Laizans/REUTERS

Германскиот канцелар Олаф Шолц сака уште еднаш да ги увери земјите од Западниот Балкан дека нивната ЕУ перспектива е реална, но има мали шанси да ги убеди нив и нивните соседи да ги надминат билатералните спорови. За два дена, Шолц минува низ Белград, Приштина, Солун, Скопје и Софија во обид да изрази германска поддршка за регионот и да помогне во надминување на спорните прашања.

„Многу е важно да се испрати нов сигнал на доверба и надеж дека ЕУ го посакува пристапниот процес со голема сериозност, и дека постојат реални шанси доколку секој направи напор", порача Шолц во петокот од Приштина. 

Клучните средби, барем од аспект на натамошното проширување на ЕУ, се закажани в сабота, најпрво во Скопје, па во Софија. Шолц ќе се обиде да влијае врз раководствата во двете земји да постигнат компромис кој ќе и го отвори патот на Северна Македонија за почеток на пристапните преговори. Шансите за успех не се големи. 

Голем потег, со неизвесен исход 

Посетата сама по себе е „голем потег на германскиот канцелар“, вели за ДВ поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, но исходот е далеку од извесен. 

„Толку пати сме изгорени што за жал го немаме луксузот да се надеваме дека оваа посета ќе биде пресврт“, вели ДимитровФотографија: Imago/A. Parsons

„Толку пати сме изгорени што за жал го немаме луксузот да се надеваме дека оваа посета ќе  биде пресврт".

„Без оглед на неговиот (Шолц, н.з.) напор, успехот е далеку од гарантиран затоа што во Бугарија имаме натпревар кој повеќе ќе ја тормози Македонија, а предничи претседателот Румен Радев чии потези се прилично на линија на неуспех“, проценува Димитров.

Во напорите да се надмине спорот од неодамна е вклучен и францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ. За Берлин и Париз, како и за Европската комисија, ова е клучен период и за заложбата да и се даде кандидатски статус и на завојуваната Украина, како и на уште две земји од поранешниот советски лагер- Молдавија и Грузија. Блокираната интеграција на Северна Македонија и Албанија ја прави проблематична таа заложба.

„Ова е кулминација на напорите на германската дипломатија да обезбеди пробив кој е важен не само за Балканот, туку и за Украина", објаснува Димитров.

Во Германија, и опозицијата очекува резултати од посетата на канцеларот Шолц на регионот. Како што порача пратеникот на ЦДУ, Кнут Абрахам очекувањата се дека Шолц ќе изврши притисок врз Софија за тргање на ветото кон Скопје.

Мора да се засили притисокот врз Софија, вели Кнут Абрахам од ЦДУФотографија: Anila Shuka/DW

„Мораме да извршиме огромен притисок врз пријателите во Софија и да им укажеме дека билатералните прашања, како што е македонско-бугарскиот проблем, не смеат да го блокираат целиот процес на проширување на Западниот Балкан“, рече Абрахам за ДВ. 

Прозорец на можности 

Во Бугарија, политичкиот аналитичар Даниел Смилов гледа шанса за позитивно решение.

„Можното решение би можело да биде базирано на обврската за вклучување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија и вметнување на елементи од постоечките договори меѓу двете земји во Преговарачката рамка со ЕУ“, вели Смилов за ДВ.

Но таквото решение е неизвесно поради одбивањето на Брисел, но и на Берлин, да се внесуваат билатерални проблеми во ЕУ. Извори на ДВ велат дека доколку Скопје, сепак, прифати да ги внесе билатералните прашања со Бугарија во Преговарачката рамка, тоа би можело да биде неволно прифатено.

Но, за Димитров, таквиот компромис не би претставувал долгорочно решение.

„Има ризик да се прикаже 'успех' кој нема вистински да биде успех, и кој ќе го пресели ветото во Преговарачката рамка. Така што, во потрагата по успех треба сите да бидат внимателни за тој да не биде плиток и краткотрајен“, вели Димитров. 

„Кочничарот“ Радев 

Но, за воопшто да може да се зборува за некаков компромис, клучен ќе биде ставот на бугарскиот претседател Румен Радев, во ситуација кога премиерот Кирил Петков веќе нема стабилно мнозинство во парламентот, откако владата ја напушти популистичката Има таков народ на Слави Трифонов. Радев во петокот веќе побара ветото за Северна Македонија да остане сè додeка не се формира ново парламентарно мнозинство во Бугарија. Случајно или не, Шолц ја завршува турнејата токму со средба со Радев во Софија. 

Радев е главниот кочничар во спорот, вели СмиловФотографија: BGNES

Бугарскиот аналитичар Смилов вели дека Радев е главниот кочничар во спорот.
„Претседателот Радев се позиционираше како главен ‘хардлајнер' за македонското прашање. Причините за оваа политика се воглавно домашни: современиот популизам е многу ефикасен во мобилизирањето поддршка зад тврдењата дека ‘народот не треба да подлегне на странскиот притисок'“, вели Смилов. 

Според пратеникот во германскиот Бундестаг, Абрахам, ЕУ и Германија имаат механизми да ја натераат Бугарија да го тргне ветото. Дали Шолц ќе ги искористи тие опции е друго прашање.

„Тука мислам на очекувањата на бугарската влада од ЕУ, но и билатералните очекувања, и ние мора тоа да го искористиме за да им ставиме јасно до знаење на пријателите во Софија, дека овој проблем е таков, што мора да се решава на билатерално, а не на европско ниво“, вели Абрахам“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми