1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Полска економски да ја стигне Германија?

Џо Харпер
26 февруари 2020

Полската економија забрзано расте. За десетина години ќе го достигне просекот на ЕУ, а за дваесетина – Германија, очекува Качински... Некои основи за оптимизам постојат, но сепак – дали се ова само патриотски соништа?

Faire Mobilität und Arbeitnehmerfreizügigkeit Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Овој јануари не беа малубројни оние во Германија кои останаа без зборови по најавата на лидерот на полската владејачка партија Право и правда (ПиС), Јарослав Качински: земјите од централна и источна Европа веќе во следните дваесетина години економски ќе ги достигнат земјите од западна Европа.

На чело на тој економски подем секако би требало да биде неговата земја, Полска. Нејзината економија расте со голема брзина и во 2040 година ќе ја достигне најбогатата држава во ЕУ, Германија, очекува Качински. Сепак, некои економски стручњаци во овој поглед тешко ја скриваа насмевката на лицето: моментно брутодомашниот производ на Полска е нешто над 500 мијарди долари, а во Германија е седум пати повисок, околу триипол билиони долари.

Александер Лешек, економист од варшавскиот институт Civil Development Forum го објаснува контекстот на таа изјава на полскиот партиски лидер: „До одредена мерка таа изјава е упатена кон избирачите на партијата ПиС во пресрет на претседателските избори во Полска, кои се одржуваат во мај. Целта да се достигне просекот на ЕУ до 2033 година тешко е достижна без политички реформи, но со малку среќа, сепак може да се постигне. Но, изедначување со Германија? Тоа не е можно“.

Сепак, варшавскиот Економски факултет во 2019 година објави студија според која Полска, ако успее да ја задржи стапката на економски растеж која ја имаше од 1990 до 2018 година, навистина ќе ја стигне Германија. Професорката од оваа институција Хана Годлевска-Мајковска укажува дека Полска уште во 2015 година ја достигна Грција кога е во прашање БДП по глава на жител, а оваа година, вели, ќе ја достигне и Португалија.

Брз раст по пристапувањето кон ЕУ

Кога Полска пред околу 16 години пристапи кон ЕУ, беше една од најсиромашните нејзини членки. БДП по глава на жител изнесуваше само 14.800 евра годишно. Посиромашна беше само Летонија. Стапката на невработеност изнесуваше 19 проценти, а просечното месечно примање беше само околу 510 евра.

Оттогаш економијата на Полска растеше со стапка од околу четири проценти годишно, повеќе од трипати побрзо од просечниот растеж на членките на ЕУ, кој беше околу 1,2 насто. Во 2004 година БДП на Полска изнесуваше само 44 насто од просекот во ЕУ, а во 2018 година веќе 67 проценти.

Консалтинг компанијата МекКинзи ги фали послките успеси, но потсетува дека таа сепак е уште на 22 место од 27 членки според БДП по глава на жител пресметано според куповната моќ. Во Полска БДП е едвај 26.000 евра, додека просекот во ЕУ е преку 35.000 евра.

Друг огромен проблем е продуктивноста: ако се мери стекнувањето на нова вредност по работен час, во Полска продуктивноста расте со стапка од четири проценти годишно, од 13 евра на час во 2004, на 21 евро во 2018 година. Во земјите од западна Европа пак просекот е окоу 40 евра на час. Значи, ако ја зголеми продуктивноста, Полска би успеала да стигне до европскиот просек, но и така би била далеку од Германија.

Јарослав Качински има амбициозни планови за полската економијаФотографија: AP/D. Bandic

Присутен е и проблемот со платите во Полска: во 2015 година просечниот работен час на ниво на ЕУ изнесуваше 24 евра, а во Полска само 8,60. Таа е значи според тоа една од „најевтините“ земји во Унијата. Економистката од Светската банка Емилија Скрок констатира дека платите во Полска само полека се приближуваат кон просекот, иако е виден растот на продуктивноста: продуктивноста од 2000 до 2016 година се зголемила за 51 процент, а платите само за 33 проценти, се наведува во извештајот на Светска банка.

Надворешна помош

Постои и уште еден проблем со кој Полска допрва ќе се соочи, а притоа дури и Западот за тоа нема вистински лек: при повисоки плати нема да бидат веќе рентабилни не само одделни полски фабрики, туку и цели стопански гранки. Полска на почетокот, како една од најсиромашните земји во ЕУ, лесно можеше да бележи висок раст, но колку што е поразвиена, толку потешко ќе биде одржување такво темпо.

Исто така, Полска е специфичен случај и поради тоа што е релативно голема земја со голем домашен пазар. Со оглед на тоа што Варшава и не помислува во некое догледно време да се одрече од националната валута, нејзиниот домашен пазар донекаде успеа да ги амортизира ударите низ кои поминуваше ЕУ во време на кризата, која изби во 2008 година. Но, за да се постигне тој „квантен скок“, Полска би морала да излезе од таа заштита и да почне да се мери со најдобрите во Европската унија.

Александер Лашек на сето тоа додава и дека економскиот раст на Полска меѓу другото е резултат и на надворешни поттици. „За економскиот раст Полска треба да се заблагодари на растежот на другите земји од ЕУ, кои својот врв го доживеаја во 2017 година. Но, кога повторно ќе дојде до заладување, Полска нема да биде имуна на последиците.“

Магазинот  „Економија“ неодамна укажа и на четири надворешни фактори: средствата за поддршка од ЕУ, дознаките на Полјаците кои живеат во странство, економската сила на непосредните соседи на Полска иполските фирми кои работат на пример во Германија и уште, потсетува магазинот: растот почна да се мери од многу ниско ниво.

Можни се две сценарија

Полскиот економски институт констатира дека Полска веќе добила или набрзо ќе добие 164 милијарди евра средства од ЕУ, што е отприлика двојно повеќе од актуелниот буџет на Полска. „За нас тоа беше нешто како Маршалов план. Тие приходи помогнаа во најголеите инфраструктурни проекти од 2004 година“, вели Пјотр Арак, директор на институтот.

Тој укажува дека има сектори во кои Полска може и повеќе: козметичката и фармацевтската индустрија, дури и авиосообраќајот. Полската авиокомпанија ЛОТ инаку е нов сопственик на германската компанија Кондор, некогашната чартер фирма на Луфтханза. А се гради и огромен аеродром кај Варшава.

Но, МекКинзи гледа две можни сценарија на развојот до 2030 година. Во првото, полската економија би растела со околу три проценти годишно, па до 2030 полскиот БДП  би пораснал за околу 200 милијрди евра.

Другото сценарио предвидува економски раст од пет проценти. За тоа, меѓутоа, на пазарот на труд би му требале повеќе Полјаци, продуктивноста би требало да биде зголемена, а инвестиците значително да пораснат. Само така полската економија би можела до 2030 година да порасне на околу 900 милијарди евра.

Двете сценарија, според МекКинзи, се проследени од бројни ризици: да има значително помалку луѓе способни за работа,субвенциите од ЕУ да престанат побрзо од очекуваното или да нема странски инвестиции. Освен тоа, растот на продуктивноста ќе опадне ако не се подобри образовниот систем и нема доволна размена меѓу универзитетите и претпријатијата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми