1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можна е енергетска (р)еволуција!

Геро Ритер/ Зоран Јордановски1 декември 2015

Напуштање на користење нафта, јаглен и гас како енергенси и премин кон обновливи енергии е услов за ограничување на промената на климата. Можен е пресврт? Да, и тоа до 2050. година, вели едно актуелно сценарио.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Julian Stratenschulte

До 2050. година светот може речиси целосно да премине на снабдување со енергија од обновливи извори. Тоа би било технички изводливо и финансиски атрактивно, а згора на тоа уште би создало и милиони нови работни места.

Сценариото за енергетска (р)еволуција го изработија еколошката организација Гринпис и Германскиот центар за воздухопловство и вселенски летови (ДЛР) и се базира врз мноштво поединечни студии. Тоа е во моментов најобемното глобално сценарио за одржливо и климатски благопријатно снабдување со енергија и на самитот за климата во Париз му нуди факти за можниот пат.

Напуштањето на фосилно енергетско стопанство се смета за важен елемент за ограничување на затоплувањето на климата на помалку од два степена. На глобално ниво денес три четвртини од гасовите што предизвикуваат ефект на оранжерија настануваат при експлоатација и согорување на јаглен, нафта и гас, а другиот дел од уништување на шумски површини и од земјоделството.

„Во меѓувреме е созреана технологијата за обновливите енергии и може да им конкурира на штетните за климата термоцентрали на погон на јаглен и ризичните атомски централи.“, вели Свен Теске од Гринпис, главен автор на студијата. „Во сите сектори е изводлива целосна преориентација кон обновливи енергии. Сега мораме бргу да појдеме по патот на чиста, безбедна и економична енергетска иднина“.

Сценариото на 364 страници опишува еден економичен пат кон чиста енергија со се’ помали емисии на ЦО2 во областите електрична енергија, греење и сообраќај. Студијата не третира други извори на емисии на ЦО2, како меѓународниот воздухопловен и поморски сообраќај, и емисиите условени од индустриски процеси, кои, на пример, настануваат при производството на цемент. „Нивниот удел во глобалните емисии на ЦО2 изнесува околу десет проценти. Но, тие не се вклопуваа во обемот на студијата“, а и „потешко е да се оценат“ мерките за далекусежна редукција на ЦО2, рече Томас Прегер од ДЛР.

Соларен парк во КинаФотографија: picture-alliance/dpa

Но, затоа пак авторите многу прецизно истражуваа различни технологии и различен развој во сите региони на светот. Тие покажуваат како може до 2050. година да се овозможи одржливо снабдување со енергија за 9,5 милијарди луѓе.

Како до помалку ЦО2? Инфографика

Помали трошоци и повеќе работни места

Голем поттик за производство на енергија без ослободување на ЦО2 првенствено дава бумот на соларна и на енергија добиена од ветер: само во минатата година во нив во светски рамки беа инвестирани 250 милијарди долари (234 милијарди евра). Намалените трошоци го забрзуваат натамошното ширење, а особено кај соларната енергија не е на повидок крај на паѓањето на цените.

Поради тоа авторите сметаат дека ширењето на климатски благопријатните енергии ќе напредува побрзо отколку досега. За глобален енергетски пресврт, според сценариото, до 2050. година се потребни инвестиции од просечно илјада милијарди долари годишно. Истовремено би биле заштедени трошоци за горива во износ од околу 1070 милијарди годишно.

Според студијата, преориентацијата би била позитивна и за пазарот на работна сила. До 2030. година би можеле да настанат 19 милиони дополнителни работни места. Без забрзан енергетски пресврт, бројката на вработените во енергетската бранша во светот до 2030. година благо би опаднала на 27 милиони; забрзан пресврт кон 100-процентно обновливи енергии би придонесол во 2030. во таа бранша да работат 46 милиони луѓе.

Струја наместо нафта и во сообраќајот

Авторите гледаат голем предизвик и во редукцијата на ЦО2 во сообраќајот. Околу 14 проценти од глобалните емисии на тој гас настануваат со согорување на гориво во моторите и турбините. „Потребна ни е револуција во транспортот - не само електроавтомобили, туку мора да развиваме и нови транспортни технологии и синтетички горива од обновливи енергии“, вели Теске.

Базичниот принцип гласи струја наместо нафта. Со помош на струја добиена од сончева енергија, ветер или вода, можат не само да возат автомобили и возови на батерии, туку можат да се произведуваат и синтетички горива - технологија која веќе денес функционира. Синтетички произведени горива ќе ја направат веќе непотребна нафтата, која е штетна за климата.

Пилот-фабрика за гас во ШвајцаријаФотографија: HSR

За пресврт во сообраќајот авторите на студијата препорачуваат политиката да донесе соодветни мерки за на луѓето, на пример, да им стане примамливо користењето на помали автомобили, а и транспортот мора да биде поефективен. Важен чекор секако е јакнењето на јавниот сообраќај со автобуси и возови.

Дејствување со добивка

Со сценариото Гринпис покажува дека е можно одржливо снабдување со енергија за 9,5 милијарди луѓе до 2050. година и дека „нема поголеми економски и технички пречки“.

Авторите препорачуваат побрзо и порешително дејствување на политиката - сега е битно индустријата, потрошувачите и пазарите да се стимулираат за поголемо користење обновливи енергии и поголема енергетска ефективност. Важен чекор е и брзо укинување на субвенциите за јаглен, нафта и гас. Минатата година тие стари енергии, според Меѓународната агенција за енергетика, добија од државните буџети речиси 500 милијарди долари.

Куми Наиду, челник на Гринпис, го препорачува сценариото како лектира првенствено на скептиците, кои сметаат дека не е можен брз енергетски пресврт: „Овде се дознава дека тоа е можно, дека мора да биде направено и оти на крајот сите ќе профитираат од тоа“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми