Можна ли е Голема Албанија?
13 март 2008Факт е дека со незвисноста на Косово постои втора дражава чие мнозинско население е албанско. Меѓутоа, веќе прашањето дали е тоа втора албанска држава е спорно и меѓу самите Албанци. „Тоа е Косово, а друго сме ние„ често може да се слушне од Албанија, како и спротивното од страна на Косоварите. „Ние имаме доволно проблеми“, вели новинарот Адмирим од главниот албански град Тирана. Албанија се бори со сиромаштија и невработеност, па не може уште да се занимава и со политичките проблеми на Косово. Освен тоа, сталинистичкиот диктатор Енвер Хоџа по Втората светска војна ја изолираше земјата: „Ние со децении бевме поделени. Кога границите се отворија, забележавме колку сме различни“, објаснува еден психолог од Тирана.
И професор Реџеп Исмаили од Акедемијата за науки и уметности од Косово во предупредувањата за Голема Албанија пред се гледа пропаганда. „Во моментов не се поставува прашањето за обединување на сите Албанци во една држава“, вели Исмаили за „Ди пресе„. На пример, македонските Албанци избраа да живеат заедно со Македонците во заедничка држава. „Важно е само тие во таа земја да ги имаат сите права“, вели научникот. Кога во иднина Косово, Албанија и Македонија ќе бидат интегрирани во Европската унија и НАТО на овие земји и онака ќе им се отворат големи можности за соработка. „На тој начин обединување во една држава ќе биде бесмислено“.
Во спорот на Скопје со Атина околу името, албанските партии се на страната на владата, вели експерт во македонскиот главен град. „Тоа е знак дека тие денес се идентификуваат со државата“. Приштина од друга страна има највисок интерес за стабилна Македонија зашто преку соседот врви главната рута за снабдување.
Фатос Лубоња од Тирана тоа го гледа поинаку: додуша во моментов ниту една сериозна партија нема програма за големо-албанска држава. Меѓутоа, во албанската свест постои желбата за обединување. „Овде често се користат два јазика: еден за интерна употреба и друг во дијалогот со Запад“, вели Лубоња.
На меѓународен план идејата за Голема Албанија не е на добар глас. Така планот на Марти Ахтисари предвидува независно Косово да не смее да се приклучи кон ниту една друга држава. Дури и ако афинитетите за заедничка држава на сите Албанци се големи, спроведувањето ќе води кон големи тешкотии. Кој би бил новиот главен град: Тирана, Приштина или Тетово во Македонија? Во Тирана малку кој би прифатил да го водат „планинците„ од Косово. „И обратно, елитата во Приштина не би сакала да ја дели новата власт со елитата од Тирана“, смета Верена Краус од Европската иницијатива за стабилност: „Подобро голема риба во мала тава, отколку мала риба во голема тава“, вели Круас, со чии зборови весникот „Ди пресе„ ја завршува статијата.