Можни соучесници на Анис Амри во визирот на истрагата
Ж.А. /агенции
4 јануари 2017
Истрагата за нападот во Берлин очигледно напредува- во визирот се две контакт-лица на осомничениот атентатор. И балистичкиот извештај од Италија нуди нови сознанија
Реклама
Истрагата, две недели по нападот врз еден божиќен панаѓур во Берлин, дојде до нови сознанија во врска со осомничениот атентатор Анис Амри и негови евентуални поддржувачи. Според италијанската полиција, споредбата покажала дека оружјето со кое Амри пред неговата смрт пукал врз двајца полицајци во Милано, е истото со кое при атентатот во Берлин е убиен полскиот возач на камион.
Германското сојузно обвинителство вчера изврши претрес во Берлин, земајќи во визирот две лица за кои се претпоставува дека биле во контакт со Амри. 24-годишниот Тунижанец е осомничен дека на 19. декември управувал со товарниот камион и свесно со него влетал во божиќниот панаѓур на Брајтшајдплац во Берлин, буквално покосувајќи невини луѓе. Притоа загинаа 12 лица, меѓу кои и полскиот возач на украдениот камион, застрелан од Амри во возачката кабина, а околу 50 беа повредени, дел од нив уште се во тешка состојба. Дополнително откриеното видео, во кое Анис Амри се колне на верност кон терористичката организација Исламска држава, сојузното обвинителство го смета за автентично.
Вчера припадници на германската сојузна полиција и на сојузната криминалистичка служба извршиле претрес на просториите на бегалски дом, каде бил сместен 26-годишен Тунижанец, за кој постојат индиции дека знаел за убиствените намери на Амри, а можеби и му помогнал во нивното реализирање. Сојузното обвинитество располага со информации според кои познанството на Тунижанецот со Амри датира најдоцна од крајот на 2015. година, а со него бил во контакт во релативно блиско време непосредно пред нападот. Тој официјално се смета за осомничен, но првично не било познато неговото престојувалиште. Лицето било привремено уапсено во врска со друг случај.
Втор претрес е извршен кај поранешен состанар на Амри, кого германското сојузно обвинителство го води како сведок. И тој контактирал со Амри во периодот околу извршувањето на нападот.
По балистичкиот извештај од Италија, истрагата сега е насочена и кон оружјето користено во Италија и во Германија и неговата евентуална употреба во други прилики. Германската полиција врши проверки и дали Амри побегнал во Италија или таму го чекале негови соучесници или поддржувачи, за што досега нема никакви докази. Тунижанецот стигнал првично во Италија во својство на бегалец во 2001. година, а поради различни кривични дела подолго време поминал и во затвор.
Хронологија: терористички заговори во Германија
Во неколку наврати во последните 18 месеци, полицијата успеа да спречи терористички напади и заговори во Германија. Земјата стана цел на исламските милитанти во Европа. Ова се досегашните обиди
Фотографија: Reuters/M. Rehle
Лајпциг, октомври 2016
Полицијата во Лајпциг го уапси 22-годишниот сириски бегалец Џабер ал Бакр по дводневна потрага откако беше откриен експлозив и опрема за производство на бомби во неговиот стан во Кемниц. Беше осомничен за планирање напад врз аеродромот во Берлин. Два дена подоцна, беше пронајден обесен во затворската келија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Willnow
Ансбах, јули 2016
Во јули годинава, „Исламската држава“ ја презеде одговорноста за два напади извршени од баратели на азил. 15 луѓе беа повредени во вински бар во близина на влезот на музички фестивал во баварскиот град Ансбах, откако сириски бегалец активираше бомба. Напаѓачот загина во атентатот.
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Karmann
Вирцбург, јули 2016
17- годишен барател на азил вооружен со секира и нож изврши напад во регионален воз кај Вирцбург. Пет лица беа тешко повредени, а напаѓачот беше застрелан од полицијата. Германските власти соопштија дека тинејџерот бил осаменик инспириран од „Исламската држава“, но не бил член на мрежата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Hildenbrand
Диселдорф, мај 2016
Три осомничени членови на „Исламската држава“ беа уапсени во три германски покраини. Власатите велат дека двете лица планирале да се разнесат со експлозив во центарот на Диселдорф, додека третиот напаѓач и четврто лице кое беше уапсено во Франција, планирале да отворат оган врз случајните минувачи.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Hitij
Есен, април 2016
Полицијата уапси три лица откако бомба повреди три лица во храм на Сиките во Есен. Бомбата беше активирана по свадбена прослава, уништувајќи ја внатрешноста на објектот. За нападот е осомничен 16- годишник кој и се предаде на полицијата, додека уште еден малолетник беше уапсен во неговиот дом.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kusch
Хановер, февруари 2016
Германката со мароканско потекло Сафиа С. е обвинета за напад со нож врз полицаец на главната железничка станица во Хановер. Оваа 16- годишна девојка била мотивирана од „членови на Исламската држава во Сирија да го изврши нападот“, вели јавниот обвинител Симон Хенрикс.
Фотографија: Polizei
Берлин, февруари 2016
Во неколку одвоени рации низ државата, полицијата уапси тројца Алжирци осомничени за врски со „Исламската држава“ и за планирање терористички напади во Берлин. Покраинското јавно обвинителство вели дека постоеле „конкретни“ планови за напад во главниот град.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
Оберурсел, април 2015
Локалната велосипедска трка беше откажана откако полицијата откри дека е можна цел на исламски терористички напад. Еден 35-годишен маж со турско потекло и неговата 34-годишна сопруга беа уапсени под сомнение дека планирале напад. Во нивниот дом полицијата пронајде материјал за изработка на бомби.