1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаМолдавија

Молдавија: Чекор по чекор кон ЕУ

Роберт Шварц
22 јуни 2022

Покрај Украина, на самитот на Европската унија, што се одржува оваа недела, и Молдавија би требало да добие кандидатски статус. За таа мала земја на источната граница на Унијата, тоа би била историска одлука.

Maia Sandu
Фотографија: Dursun Aydemir/AA/picture alliance

Точно четири месеци од почетокот на агресорската војна против Украина, ЕУ сака да испрати политички сигнал: на самитот на 23. и 24. јуни,  Украина и Молдавија  би требало да добијат кандидатски статус. Со оглед на руската инвазија, јасна ЕУ-перспектива за двете земји би била историска одлука со голема симболичка сила, осум години откако тие го потпишаа Договорот за асоцијација со ЕУ.

Одлуката на 27 држави членки мора да биде едногласна, но шансата двете земји да добијат статус на кандидати се добри. За тоа на 16. јуни 2022, во текот на посетата на украинскиот главен град Киев, се заложи и европскиот квартет: германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот премиер Марио Драги и романскиот претседател Клаус Јоханис.

Европскиот парламент и Европската комисија исто така препорачаа на Украина и на  Молдавија  да им се одобри статус на кандидати. Но, со тоа е поврзано и барањето, натамошниот напредок во процесот на приклучување да се врзе со конкретни услови. За таа цел Украина и Молдавија мора да спроведат важни реформи, истакна претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Јасен проевропски курс

Молдавија,  која се наоѓа на границата со Романија, која е членка на ЕУ, официјално поднесе барање за членство во почетокот на март 2022. Сега е на потег ЕУ, за сонот на малата земја да го претвори во успешна приказна. По брилијантната победа на претседателските избори во ноември 2020. година над прорускиот претседател Игор Додон, проевропската претседателка Маја Санду во интервју за Дојче веле јасно ја дефинираше својата цел: сака да ја ослободи нејзината земја од корупција и лошо управување, сака независност на правосудството и владеење на правото, сака да биде „претседателка на европска интеграција“. Шест месеци подоцна, тој курс го потврдија преку 52 проценти од избирачите, гласајќи за нејзината либерална, прозападна Партија за акција и солидарност (ПАС) на предвремените парламентарни избори во јули 2021. година.

Веќе сега ЕУ е најголем трговски партнер на Молдавија и најголем инвеститор – околу 70 проценти од извозот на Молдавија оди во ЕУ. Меѓу земјите членки на ЕУ, Германија по Романија е најважен трговски партнер. За да работат во странство, од Молдавија заминаа преку еден милион луѓе, мнозинството од нив работат и живеат во ЕУ. Нивните дознаки во последните години сочинуваат и до 30 проценти од домашниот бруто производ. Поради повеќевековната заедничка историја со Романија, речиси една третина од граѓаните на Молдавија во меѓувреме имаат и романско државјанство, па така се и граѓани на ЕУ. Од 2014. година  сите граѓани на Молдавија можат да патуваат без визи во земјите од Шенгенскиот простор.

Стабилен партнер на исток

Жителите на Молдавија меѓутоа знаат дека добивањето статус на кандидат не е гаранција за брз прием во ЕУ. Но, за многумина тоа е некој вид сидро, кое им е потребно за поддржување на реформската политика на нивната влада. Во страсниот говор пред Европскиот парламент на 18. мај 2022. во Брисел, претседателката Маја Санду побара широка поддршка за кандидатурата на својата земја.  Влезот во ЕУ е од интерс за граѓаните на Молдавија, кои сакаат зачувување на својата демократија и слобода. Но, поради руската инвазија врз Украина и непосредната близина на нејзината земја со воените случувања, во интерес и на Европа е да има стабилен и доверлив партнер во своето источно соседство, додаде Санду, за што пожнеа голем аплауз.

Претседателот на молдавскиот парламент Игор Гросу во интервју за Дојче веле нагласи дека курсот на неговата земја води кон „цивилизацискиот модел“ на ЕУ: „По 24 февруари 2022. година светот драматично се промени. Сега сме соочени со два јасни обрасци: еден кој е агресивен и не ги почитува демократските вредности, плурализмот и опозицијата, за што сведочи инвазијата на Руската Федерација врз Украина, а другиот е европскиот цивилизациски модел на мир и просперитет.“ Гросу истакна дека големо мнозинство луѓе во неговата земја се определи за европскиот модел.

Претседателот на молдавскиот парламент, Игор ГросуФотографија: Simion Ciochina/DW

Изјавата на претседателот на молдавскиот парламент ја потврдуваат и неодамнешните истражувања, според кои 55 проценти од луѓето се за влез на Молдавија во ЕУ, додека 22 проценти се за членство во Евроазиската унија на чело со Русија. Мал, но важен детал е што во таа анкета не учествуваше претежно проевропската дијаспора, како ни населението на сепаратистички прорускиот регион Приднестровје.

Фактот што и покрај сите билатерални и меѓународни договори, руската војска и натаму е стационирана во  Приднестровје,  нималку не го олеснува влезот на земјата во ЕУ. Иако  Република Молдавија  својата неутралност ја внесе во уставот во 1994. година, надевајќи се на решение на приднестровското прашање, судирот е замрзнат и тој по налог на Москва може да избие во било кој момент. Слично е и со отцепените региони Абхазија и Јужна Осетија, кои според меѓународното право припаѓаат на Грузија. Таа земја исто така поднесе барање за членство во ЕУ, но статусот на кандидат веројатно ќе го добие подоцна.

Западна солидарност и руски обвинувања

Тоа што од избивањето на војната во Украина меѓународната заедница гледа на  Молдавија со други очи, се виде и на донаторската конференција во Берлин во април 2022. Три земји од ЕУ и НАТО – Германија, Франција и Романија, предложија платформа за поддршка за Молдавија. Високи претставници на преку 30 земји и девет меѓународни организации на Молдавија ѝ ветија околу 700 милиони евра. 

Знаците на западна солидарност со Молдавија предизвикаа бурни реакции во Москва. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини ЕУ дека станала „агресивен, милитантен актер“. Во интервју за една руска телевизија, Лавров рече дека Западот сака Молдавија да стане „втора Украина“. На таквите обвинувања молдавската претседателка одговори кратко, но одлучно: „Молдавија е независна и суверена држава. Нашите граѓани избраа да живеат во слободна земја во која ќе бидат почитувани и која ќе има просперитет.“

Сега е на потег Европската унија – да одлучи дали ќе ги прифати Молдавија и Украина како земји кандидати. Според зборовите на германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, неповикувањето на тие две земји на самитот на 23 и 24 јуни би било „фатална одлука“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми