1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Молдавија: Ќе пропадне ли европскиот сон?

Роберт Шварц
31 октомври 2016

На претседателските избори во Молдавија ниту еден кандидат не доби апсолутно мнозинство по првиот круг гласање. Одлука ќе падне во вториот круг. Притоа проевропските сили воопшто немаат лесна задача, смета Роберт Шварц.

Moldau Wahlen
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Doru

Без одлука е исто така одлука. Впрочем и сосема прифатлива гледано од страна на проевропските сили во Република Молдавија. Нивната кандидатка, пранешната министерка за образование Маја Санду, во првиот круг на претседателските избори оствари подобар резултат од очекуваното. Иако нејзиниот ривал, прорускиот лидер на социјалистите, Игор Додон победи во првиот круг, сепак за малку не ја оствари поставената цел- победа на претседателските избори уште во првиот круг. Неговата агресивно водена изборна кампања против приближувањето на неговата земја кон Европската унија, очигледно повеќе му наштети отколку што му беше од полза.

Додон за вториот круг на гласање за две недели мора да се подготви на непријатности. Нему не му останува ништо друго освен Молдавците да ги убеди во тоа дека неговите проруски позиции не се насочени против Европа. Дали ќе успее во тоа е прашање. Пред сѐ младите гласачи нема да му го прифатат овој цик-цак курс. Додон доаѓа од политичкиот лонец на Комунистичката партија, која економски ја руинираше земјата.

Меѓутоа и Маја Санду е во тешка позиција. Нејзиниот проевропски табор во последните години не се прослави. Многу Молдавци ја сметаат таканаречената проевропска влада за одговорна за тешката економска и финанзиска криза, од која земјата не наоѓа излез. Маја Санду му најави борба на корумпираниот естаблишмент и сака да им се спротистави на семоќните олигарси. 

Роберт Шварц

Нејзиниот едноставен и отворен настап придонесува за нејзината веродостојност и би можел да се погрижи за поддршка пред сѐ кај неодлучните гласачи. Таа има сигурно мнозинство меѓу населението на главниот град Кишињев и кај многу Молдавци во странство, кои разочарани ѝ го завртеа грбот на својата татковина. Но тоа нема да ѝ биде доволно, за да го оствари европскиот сон на Републиката. Таа мора да убеди и дел од населнието во селата и помалите места дека нејзината политика нема алтернатива. Реставрација на советски начин само би ја продлабочила кризата во Молдавија.

Многу луѓе во Молдавија се разочарани од ЕУ. Тие се надеваа на благосостојба со проевропскиот курс на нивната земјата, но таа изостана. Трговското ембарго на Москва по потпишувањето на Договорот за асоцијација со ЕУ, одведе во пропаст многу земјоделци. Доцна, за некои и предоцна, ЕУ реагираше на ваквиот развој на настаните. Западот за жал не успеа на Молдавците да им создаде чувство дека нивните грижи се сфаќаат сериозно. И сестринската земја Романија само колебливо му помагаше на својот источен сосед. Кандидатката Маја Санду додуша доби јасно политичко охрабрување од Брисел и Букурешт, меѓутоа во нејзината изборна кампања, таа во најголема мерка е препуштена сама на себе и на својата убедителна моќ.  И на поддршката на сите сили од расцепканиот проевропски табор. Дали навистина ќе ја добие ќе се знае на 13. ноември. Натамошни политички интриги и игри во Кишињев би можеле да придонесат европскиот сон на Молдавија да пукне како меур од сапуница.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми