1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моликовите шишарки од Пелистер-украс на европските божикни елки

26 декември 2011

Шишарките од пелистерската молика од Македонија се дел од најубавите божикни и новогодишни украси во Европа, најмногу во Германија и Италија. Берењето на шишарките е тешка и опасна работа, ја вршат искусни берачи.

Моликови шишаркиФотографија: Pelister National Park

Моликовата шишарка во изминатите години стана можност за егзистенција на многу семејства во селата под Пелистер. Собирањето е тешко и исклучително опасно, но добро се плаќа, велат собирачите на шишарки. За секој собран килограм шишарки добиваат по 40 денари, а откупот на семе е 300 денари за килограм. Шишарките се користат за изработување украси. Семето го откупува Националниот парк „Пелистер‘‘ за пошумување на голите површини на Баба Планина.

Берењето шишарки е опасна и тешка работаФотографија: Pelister National Park

Во бербата се вклучени само искусни берачи на шишарки,од околните села под Пелистер.Годинава беше родна па во бербата беа вклучени 33 берачи. Еден од нив е 59 годишниот Ѓорѓи Дуртановски од битолското село Цапари. Тој собира шишарки веќе 46 сезони, почнувајќи од својата 14-годишна возраст. Вели дека се‘уште се сеќава на денот кога прв пат се качил на молика и ја наполнил првата вреќа со шишарки. Нивната семејна ќуќа на крајот на летото и почетокот на есента , од крајот на август до крајот на октомври, мириса на шумски плодови и смола. Уште на крајот на август нивниот двор е полн со шишарки кои се сушат на сонце и се подготвуваат за продажба. „Качувањето на моликата не е едноставна работа. Секој не може да собира шишарки, треба да бидеш физички способен и здрав и да не се плашиш од височини. Гранките се кревки и кршливи, а погрешен чекор може да биде опасен по животот. Моликовите стебла се високи 15-20 метра, а за качување не се користат никакви помагала, туку тоа се прави само со раце и нозе‘‘, појаснува Ѓорѓи. Го прашуваме до кога ќе бере моликови и други шишарки, а тој низ смеа вели, се‘ додека го држи здравјето. Ни појаснува дека еден килограм може да набере во просек за десет до петнаесет минути. Дневно собира по десет до петнаесет вреќи од по 5,2 килограми или од 60 до 70 килограми, а годинава собрал рекордни 1700 до 1800 килограми.

Фотографија: Pelister National Park

Ни појаснува дека ако веќе е отворена, шишарката ја фрла од дрвото наземи, а потоа ги собира во вреќи. А ако сака да го собере и семето, секоја шишарка уште зелена и нерасцветана ја собира во пластични вреќи, од кои потоа ги истура шишарките и ги распостелува во својот двор да ги суши. Шишарката потоа на сонце се отвора и пука, а тој семето го собира во вреќи. Потоа шишарките без семе се користат за украси, а семето за пошумување. Дуртановски потенцира: „Работата е чиста, бидејќи за шишарките колку и да собереш има пласман, а се плаќа веднаш во кеш од Управата во Националниот парк Пелистер, со кои имам повеќегодишна успешна соработка, а тие знаат да ја ценат мојата тешка работа‘‘. Тој вели дека иако работи во ЈП „Македонија пат“, ова му е дополнителен приход со кој успеал во овие тешки времиња да ја школува својата ќерка во Скопје.

Моликата ја има и во соседните земји, но најраспостранета е на Пелистер

Ендемичното растение, моликата, на големи површини вирее само на Пелистер, иако на сосема мали површини ја има и во некои делови на Србија, Бугарија и Албанија, појаснува Стеванка Пројчевска, шумарски инженер во Националниот парк „Пелистер‘‘ од Битола. „Моликовата шишарка е специфична по својата убавина и сјај по кој е надалеку позната, кога е отворена на врвот има светло златно -кафеава боја, а кон внатрешноста темно кефеава со различни нијанси. Шишарката од моликата обично зрее третата година, при бербата берачите, а и ние при откупот внимаваме шишарката да биде убаво отворена‘‘. Тоа според инженер Пројчевска, зависи од позицијата на теренот на која расте моликата, на кое место е шишарката и дали при растењето ја греело сонцето. Зашто, се случува на третата година некои од шишарките да бидат зрели, но да немаат квалитет. „Таквите шишарки не се убави и ги фрламе, зашто не се за извоз, а ги собираме и извезуваме само најквалитетните и најубавите“.

Моликовите шишарки годинава главно на пазарите во Германија и Италија

„За разлика од минатата година кога родот беше слаб, годинава беше родна и собравме над 30 илјади килограми најквалитетни моликови шишарки“, потенцира инженер Пројчевска. Таа ни појаснува дека шишарките се сместуваат во пластични вреќи на кои се прават мали отвори со специјална машинка, за шишарките да можат да се проветруваат. Моликовите шишарки најпрво се складираат во нивниот склад од каде потоа во вагони се извезуваат во европските земји. Годинава најголем дел од шишарките биле извезени во Германија и Италија. Пројчевска истакнува: „Тамошните врвни изработувачи на украси, на нашите прекрасни пелистерски моликови шишарки прво им додаваа некои додатоци, а потоа и бои. Потоа шишарките ги аранжираат во најубавите божиќни и новогодишни венци и икебани со кои ги украсуваат домовите и фирмите. Тие се преубави поради својата раскош, уникатна убавина и сјај, затоа и се и толку барани во европските земји. Да имаме и уште толку и тие ќе ги продадеме‘‘, потенцира со гордост инженер Пројчевска.

Шишарките се собираат во пластични вреќиФотографија: Pelister National Park

„Моликовите шишарки се и дополнителна заработувачка за нашиот Национален парк Пелистер, а со нив потоа финансираме повеќе проекти за уредување на паркот. Моликовите шишарки се едни од бројните природни раритетни плодови од Македонија, а кои се наша гордост, кои се многу ценети и се повеќе барани во европските земји‘‘, потенцира Пројчевска.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Ж.Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми