Молк за новата масовна гробница во Србија
24 ноември 2020Пред повеќе од една недела, директорот на Институтот за судска медицина, Арсим Грџалиу, изјави дека во Кижевак, општина Рашка, е пронајдена масовна гробница. Два дена потоа, претседателот на Комисијата за исчезнати лица на Владата на Србија, Вељко Одаловиќ, рече дека се верува оти во гробницата се наоѓаат помеѓу 15 и 17 тела и дека нивната идентификација ќе биде можна по анализата на ДНК. Истиот ден, Одделението за воени злосторства на Вишиот суд во Белград побара ексхумација на телата на пронајдените.
Таа вест не ја коментираше речиси никој од власта во Србија, а единствен претставник на опозицијата кој за тоа рече нешто е претседателот на Граѓанскиот демократски форум (ГДФ), Зоран Вулетиќ. Тој во соопштението потсети дека масовната гробница во Рашка не е единствената пронајдена во Србија и дека „скриените гробови ја покажуваат континуираната неодговорност на државата и несомнено соучесништво во злосторството“.
Забранет влез во Косово
Неколку дена по откривањето на гробницата во Рашка, објавена е веста дека на српскиот претседател Александар Вучиќ му е забранет влез во Косово. Ниту за ова не се огласи никој од официјалните претставници на Србија, а од Кабинетот на Претседателот на Србија не одговорија на молбата на интернет порталот „Косев“ да ја прокоментира веста за тоа.
На прашањето на ДВ дали на Вучиќ навистина му е забранет влез на Косово и што била причината за таквата одлука, Министерството за надворешни работи на Косово одговори со линк до соопштението на министерката Мелиза Харадинај-Стубла: „Барањето на Вучиќ, Вулин, Ѓуриќ и Петковиќ да го посетат Косово во време кога Косово се соочува со повторно отворање на раните и големата болка поради исчезнатите лица и откривањето на масовните гробници на Албанците“ претставува „повеќе навреда, отколку провокација“, наведува Харадинај-Стубла и додава дека „секое барање на Србија во вакви околности секогаш ќе има ист одговор.“
Меѓу ретките, но не и единствен, кои се осврнаа на веста за забраната за влез на Вучиќ во Косово, повторно е Зоран Вулетиќ. Тој го праша Претседателот на Србија дали забраната за влез во Косово е во каква било врска со пронаоѓањето на гробницата. Судејќи според се', одговор досега нема.
Подготвеност за решавање на прашањето на исчезнатите?
Кижевак е петто место во Србија на кое се откриени масовни гробници. Порано гробници, со вкупно 941 тело, се откриени во Батајница, Перуќац, Петрово Село и Рудница.
Прашањето на исчезнатите лица е дел од агендата на дијалогот помеѓу Белград и Приштина под капата на ЕУ, а решавањето на тој проблем влезе и во договорот потпишан во Вашингтон на 4 септември годинава.
Иако двете страни се обврзаа „дека ќе ги забрзаат напорите да ги лоцираат и идентификуваат останките од исчезнатите лица“, некои изјави на официјални претставници на Србија го демантираат уверувањето од страна на Белград дека тоа и навистина има намера да го направи.
„Што ќе правиме со Србите кои им поткажуваат на Албаците и Хрватите, зборуваат различни глупости, им покажуваат каде се закопани Албанци ширум Србија? Вељко Одаловиќ, таа Комисија за исчезнати лица, малку-малку па одат да истражуваат некои локации кои ги дојавуваат одредени шпиони“, рече во септември во интервју за една белградска телевизија новиот претседател на српскиот парламент, Ивица Дачиќ.
Неполни два месеца подоцна, Дачиќ за „Спутник“ изјави дека Србија работи на истрага за воените злосторства, откривањето гробници и исчезнатите лица, и дека „во Србија никој не спречува нешто да се открие или да се санкционираат виновниците“.
Конгрес на САД: Не се казнети сите виновници
Токму на пресудите на Хашкиот трибунал се повика Одборот за надворешни работи на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, кој на Твитер пренесе дека констатирал оти за криење на телата на убиените Албанци во Хаг е осуден Властимир Ѓорѓевиќ, но дека во Белград не им се судело на останатите кои учествувале во тоа.
Фондот за хуманитарно право (ФХП) во 2017 година на ова прашање му го посвети досието „Операција на криење на тела“ и потсети дека одлуката за криење на трагите од злосторствата на Косово е донесена во 1999 година на највисоко државно ниво, и дека Слобдан Милошевиќ барал од министерот за внатрешни работи Влајко Стојиљковиќ да стори се' за да се отстранат закопаните тела на албански цивили.
ФХП наведува дека од документацијата на полицијата и војската произлегува дека во прикривањето тела на убиени Албаци учествувале десетици припадници на МВР на Србија и на Војската на Југославија. Утврдено е дека, по налози на полициски функционери, во отстранување на телата на убиени Албанци учествувале и цивилни работници и вработени во јавни претпријатија.
Докази за преместување на тела од Косово во Србија се изведувани во процесите пред Хашкиот трибунал против Никола Шаиновиќ и други високи српски функционери, како и во постапката против Властимир Ѓорѓевиќ. Освен тоа, некои од доказите за криење на тела на убиени Албанци се изведувани и пред Вишиот суд во Белград, во предметите „Сува Река“ и „Битиќи“.
Сепак, никој од припадниците на МВР на Србија кои се споменуваат во досието на ФХП, не е процесуиран.