„Момент на лудило“ во Париз однесе пет човечки животи
3 октомври 2019
Полициски службеник нападна со нож и смртно рани четворица свои колеги во Париз пред и самиот да биде застрелан од полицијата.
Се уште нема информации за мотивот за нападот кој се случи во срцето на францускиот главен град, во близина на катедралата Нотр Дам.
Шефот на полицискиот синдикат Жан-Марк Бајљол го опиша нападот како криминален, а не терористички. „Тоа беше момент на лудило“, изјави тој за локалните медиуми.
Претставник на полицијата и член на организација која се бори за подобри работни услови за полицајците, изјави дека напаѓачот имал проблеми со својот претпоставен.
„Знам дека имаше тензии меѓу него и неговиот директен претпоставен. Не мислам дека се работи за терористички акт“, изјави Кристоф Крепан.
Крвавиот при на напаѓачот започнал во една од канцелариите на полициската станица, а продолжил и во ходниците. Се уште не е познат точниот број на повредени.
Напаѓачот работел повеќе од 20 години во службата за аналитика во полицијата.
Вработен во полициската станица кој бил очевидец на настанот раскажува дека некои полицајци биле на колена и расплакани од настанот.
Нападот се случува еден ден откако илјадници полицајци маршираа низ улиците на Париз протестирајќи за поголеми плати, против долгото работно време и зголемиот број на самоубиства меѓу нивните колеги.
Француската полиција во изминатите години често беше цел на напади на екстремисти, најчесто инспирирани од Исламската држава.