1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Монархија или република

12 март 2021

Британското кралско семејство мизерно промаши две шанси да се реформира. Не ја прифати младата бунтовна принцеза Дијана, и не ја прифати подеднакво гламурозната Афроамериканка Меган Маркл. Пишува Ивор Мицковски

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Караниците и семејниот конфликт во Куќата на Виндзор како да припаѓаат на некои други далечни времиња, караници кои се далеку поцивилизирани и само вербални, но кои потсетуваат на една поделена Британија како во времето на Војната на розите или првите години од владеењето на Куќата на Тјудор.

Династијата Виндзор владее веќе 104 години и иако е претерано да се каже дека монархијата е загрозена, судирот помеѓу одметнатите војвода и војвотка од Сасекс од една страна и кралицата Елизабета, Филип, Чарлс, Камила, Вилијам и Кејт од друга, дефинитивно ја разбуричка поблиската и подалечна историја и ја подели Британија и светот на два спротивставени табори.

Ако веќе ја деранжираме историјата тогаш овој конфликт помеѓу татко и син, снаа и снаа, брат со брат, наликува на дежа ву од времето на принцезата Дајана, пред, за време и после нејзиниот трагичен крај.

Судир помеѓу Америка и Британија

Ако излеземе пак од логиките и конфликтите во Британското кралско семејство, тогаш ќе видиме дека во вртлогот на историјата се измешани многу други аспекти, од судирот помеѓу американското и британското општество и политика, разликата во државното уредување помеѓу монархија или република, колонијалното и империјално минато на Британија, до актуелните расни поделби во време на обновената борба за права, но и на политички коректното, поттикнати од движења како „Black Lives Matter".

Сличен судир помеѓу Америка и Британија не е ништо ново. Меган Маркл, Афроамериканка, поранешна глумица, за своите обвинувања до кралското семејство веднаш беше нападната од англиската десница и одбранета и заштитена од американските демократи. Фактот дека Маркл е Американка, поранешна глумица и разведена жена беше доволно за Англија да се потсети на минатото и да развие повеќе од една предрасуда. Историјата се повторува и англиската јавност се присети на случајот со Волис Симпсон, разведената Американка која го примори Едвард Седми да адбицира во името на љубовта.

Географскиот аспект е битен и затоа што Меган и Хери се наоѓаат во Калифорнија, во самонаметнат и богато награден егзил, додека кралското семејство е во Лондон. Оттука, мнозинството Американци се на страната на својата сонародничка и пребегнатиот англиски принц, додека мнозинството Британци се на страната на кралското семејство.

претходни колумни: Вакцинската дипломатија и македонскиот дебакл

За многу аналитичари јасна е аналогијата со американската војна за независност од 1776 година против црвените мундири на Британската империја, и знаеме кој победи во таа војна. Според американската популарна култура аплицирана врз филмот и стрипот знаеме добро кои се лошите момци во тој дуел.

Два и пол века подоцна американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Маркл била храбра што јавно проговорила за расизмот и булизмот кои ја довеле до помисла за самоубиство. Не случајно само 24 часа подоцна, се огласи и британската кралица Елизабета, која прекршувајќи го златното правило на монархијата „never explain, never complain", изрази дека жали и е тажна за страдањето на снаата, додавајќи дека Хари, Меган и Арчи секогаш ќе бидат сакани членови на семејството.

Поуки од случајот со Дијана

Еспертите за ПР не изгубија време да потенцираат колку точен, концизен и мудар бил потегот на кралицата да не премолчи и паметно да ги одбере зборовите, притоа навестувајќи дека приказната има две страни и две верзии, како и дека обвинувањата за расизам ќе бидат сериозно истражени, но и решени во кругот на семејството.

Принцот Хари и сопругата Меган Фотографија: Harpo Productions/Joe Pugliese/REUTERS

Реакцијата на кралицата сигурно била поттикната од сеќавањето на високата цена која лично ја плати во поглед на имиџ и консензус, кога предолго молчеше и делуваше студено околу смртта на Дијана. Ништо помалку кралицата била свесна дека ниту Нејзиното височество не може и не треба да му спротивстави на Императорот на слободниот свет, односно американскиот претседател, па оттука Елизабета, како последниот жив сведок на 20-от век и најстариот шеф на држава во светот, одлично знае кога да молчи, а кога да зборува, за во случајов да прифати тактичко повлекување.

Наследна монархија

Но, кралицата е веројатно свесна и за еден друг аспект кој ги поврзува или разделува американското и британското општество. Елизабета никогаш немаше да стане кралица без интервенцијата на Волис Симпсон, која го примора кралот Едвард Седми да абдицира во корист на помалиот брат Џорџ Шести, инаку татко на актуелната кралица. Со други зборови, кралицата веќе е должник кон американските жени како Волис, нешто што во случајов може да се пренесе и на Маркл.

претходни колумни: Силна држава или силна власт?!

Американската критика неибежно се нафрли и кон еден друг аспект од прашањето, односно, колку според нив е анахрон концептот на наследна монархија и фактот дека шефот на државата не се бира од страна на народот, туку според наследна титула. Интересно е дека војната помеѓу дуото Хери-Меган и кралското семејство ја подели британската јавност и по ова прашање. Според Фајненшел тајмс огромно мнозинство од британската популација, поточно 80 проценти, се уште гледаат со одобрување кон монархијата и не би сакале никогаш да ја заменат со република. Но, доколку истото прашање и го поставите на младата британска популација помеѓу 16 и 29 години, тогаш одговорот е сосема поинаков: половина се за монархија, половина за република.

Оттука, доколку овој тренд продолжи, некаде во текот на оваа деценија, наследникот на тронот Чарлс, кој денес има 72 години, веќе измачен и прогнуван од духот на Дијана, а сега и од сенката на Маркл, кога евентуално би дошол на престолот, би можел да се најде со мнозинство кралски поданици кои се прорепубликански настроени. Се разбира ова не значи дека монархијата е загрозена или дека набрзо ќе исчезне, но може да излезе како редимензионирана или да се насочи кон трансформација преку абдикација на Чарлс во корист на помладиот Вилијам.

Вредно за споменување е дека прашањето околу одржливоста на монархијата и исправноста таа и понатаму да постои летоска стана многу актуелна тема откако поранешниот шпански крал Хуан Карлос ја напушти Шпанија, поточно побегна, поради истрага околу негови сметки во Швајцарија и други оф-шор дестинации, како и наводната провизија од 100 милиони долари добиена од Саудијците. Тогаш беше нагласено дека во апсолутна вредност најскапа за одржување е британската монархија со годишен буџет од 40 милиони фунти, пред холандската која вреди 31, норвешката 17, шведската 11, белгиската 10, и така натаму.

Сепак, во однос по бројот на популација, британската испаѓа како една од најевтините, веднаш по шпанската монархија, додека најскапа за одржување е сепак норвешката. Замерката кон британското кралско семејство беше дека со сите придружни и скриени трошоци, како оние за безбедноста, вкупната сума достигнува 330 милиони фунти годишно, или 5 фунти по жител годишно. Замерката од англиските републиканци отиде и на сметка на личното богатство на кралицата Елизабета, која тежи 340 милиони фунти, односно, од европските кралски куќи вреди помалку само од Лихтенштајн и од Кралството на Монако.

Кралското семејство и Брегзит

Земјотресот од интервјуто кај Опра има уште една интересна рамификација потврдена од анкетите. Во полемиката помеѓу војводите од Сасекс и кралското семејство, дури 70% од Британците кои гласале за Брегзит, одбрале да го поддржат кралството, додека оние што гласале за останување во ЕУ, речиси сите се на страната на Хери и Меган. Така да, за сите оние кои навиваат и одбрале страна добро е да знаат - кој е со кралицата на некој начин е за Фараж и Џонсон, додека оние што навиваат за Хери и Меган дефинитивно се проевропски настроени.

Дали навистина постои расизам во кралското семејство?!

Целата оваа поделба и полемика можеме да ја анализираме и од аспект на еден дуел помеѓу славните и кралските семејства, помеѓу стекнатата и наследената аристократија во светот. Светот на Холивуд, на Кардашијани, на Бијонсе, на американската прогресивна политика, речиси сите застанаа во одбрана на Меган и Хери наспроти конзервативната кралска институција, која реално им е единствен конкурент во таблоидскиот госип, популарноста и следбеништвото на светската јавност. Како да се работи за своевиден натпревар за тоа кој ќе ја освои душата на народот и нашето внимание, од каде всушност и го црпат своето влијание. Во случајот на Хери и Меган прашањето е дури и покомплексно, кои според некои индискреции, имаат договор од 130 милиони долари со Нетфликс за сопствена продукција, каде веројатно дел од цената е да раскажуваат пикантерии и да помогаат во екранизирање на животот и историјата на кралската куќа, истата таа која според многумина сега ја напаѓаат и ја рушат.

Конечно, битен аспект е расното прашање. Меган Маркл мудро ја искористи актуелната димензија на расното прашање и се претвори себеси во една риалити верзија на „Black Lives Matter". Искрено, повеќе не е важно кој и на каков начин искоментирал за Арчи. Меган никогаш нема да каже, додека Бакингам преферира прашањето да го реши во кругот на семејството. Тоа што е важно е дека Маркл поттикна прашање кое испровоцира една криза без преседан во рамките на кралското семејство, односно, дека бојата на кожата на едно дете е се уште проблем во 21-от век.

претходни колумни: Каде тера eвропската надворешна политика?

Дали навистина постои расизам во кралското семејство?! Како системски расизам тоа можеби е претерано, но дека некој си дозволил таков коментар или испад е мошне плаузибилно. Кралското семејство е составено од група на луѓе кои се претежно постари личности. Самата кралица, принцот Филип, целиот ентураж, бирократијата, луѓето кои ги советуваат од позадина, сите тие луѓе се креатури на едно друго време и припаѓаат на минатото. Оттука таков коментар е мошне веројатен, но тоа не значи дека тоа може или треба да се препише на целото кралско семејство како институција. Од друга страна лесно е да се критикува една од преживеаните институции на Британската империја, денес Комонвелт, на расни прашања поради колонијалното минато и опресијата врз голем број на луѓе и земји. Прашањето е дали мерилото и судот базиран на денешните вредности, права и принципи ќе го искористиме за вреднување на нештата од минатото. Лично сметам дека таа политичка коректност прави повеќе штета отколку добро, барем во објективноста на историското и во духот на времето.

Тоа што пак е евидентно во сегашноста, како што ќе наведе поранешниот уредник на Економист Бил Емот, е дека кралското семејство пропушти уште една огромна шанса да се промени и реформира. Во последните 30 години имаа две шанси за промена и двете мизерно ги промашија. Не ја прифатија младата и бунтовна принцеза Дијана, исто и како што не ја прифатија подеднакво гламурозната Афроамериканка Меган Маркл.

Виндзор неминовно ќе изгуби дел од почитта во очите на луѓето, но не е егзистенцијално загрозен во својот институционален континуитет, ниту пак во линија на наследство. Но, останува фактот дека перфидниот Албион штотуку доби конкуренција.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми