Монетарна реформа: „Ден нула“ за Куба
1 јануари 2021Конечно денеска дојде и тој ден: „Денот нула“ за кубанската монетарна реформа. Најавуван неколкупати уште од 2013-та, на преодот кон 2021, конвертибилниот пезос (CUC), кој беше воведен во 1994 година и е врзан со американскиот долар, ќе биде повлечен од оптек, а кубанскиот пезос (CUP) останува како единствено платежно средство.
„Платите треба да пораснат, ама и цените. И основните намирници ќе станат поскапи“, вели Енрике Делгадо од Хавана за претстојните реформи. Тој е вработен во една државна институција, но дополнително заработува и со возење такси поради што му го променивме името во текстов. „Едноставно ќе мора повторно да се прилагодиме на нешто ново“, вели тој стегајќи ги рамената.
Повеќе:
Куба се простува од комунизмот?
Куба како играчка на светските сили
„Многу амбициозна реформа"
Со укинување на конвертибилниот пезос прво ќе се укине досегашната пракса на различни девизни курсеви кои имаат влијание врз државниот сектор. Отсега за државните претпријатија, како и за останатиот дел од економијата ќе има единствен девизен курс во однос на американскиот долар од 24:1. Всушност ова значи девалвација на пезосот за државните компании кои досега делумно работеа со курс од 1:1.
Но, овој паралелен платежен систем всушност ги замагли вистинските производствени трошоци, вештачки го поевтини увозот и го направи извозот неекономичен. Целта на девалвацијата е да се зајакне производството и извозот.
„Ова е многу амбициозна реформа, која не е ограничена само на монетарно, туку подразбира и подлабоко структурно прилагодување на националната економија,“ вели кубанскиот економист Хуан Тријана во разговор за ДВ.
Повеќе еднакви можности, поголема мотивација
Реорганизацијата на монетарниот систем ќе биде проследена и со реформа на платите и цените, како и намалување на субвенциите. Треба да се зголемат платите, пензиите и нивната реална куповна моќ. Реформата треба на сите Кубанци да им гарантира повеќе еднакви можности и да поттикне повеќе работа, нагласи и претседателот Мигуел Диаз-Канел најавувајќи ја реформата.
„Од јануари јас ќе заработувам 3620 пезоси. Досега мојата основна плата беше 740 пезоси“, пресметува Иван Мартинез, кој работи како радиотехничар во јавниот сервис. Другар му Луис Мареро, кој работи како висински работник и е „тровец поединец“ како што се нарекуваат малите претпријатија во Куба, не влегува во реформата на платите во рамки на монетарната реформа. „Со оглед на ова соодветно ќе си ги зголемам цените за услугите“, вели тој.
Од 1 јануари на Куба предвидена е минимална просечна плата од 2100 пезоси (околу 75 евра) месечно. Просечната плата во јавната администрација ќе порасне од сегашните 900 на 3000 пезоси (107 евра). Најниската пензија пак ќе се покачи од 280 на 1528 пезоси (55 евра). Ова соодтветствува на пресметаната цена за основната потрошувачка кошница која владата ја зема како егзистенцијален минимум.
Успехот зависи од инфлацијата
Либретата, односно книгата со месечните бонови, засега ќе се задржи, но според плановите на владата постепено треба да биде укината. Многу од основните прехранбени производи кои досега беа субвенционирани ќе станат многу поскапи. Субвенциите за вода, јавниот сообраќај и струја ќе бидат укинати. Уште пред стапување на сила на новите цени, владата во понеделникот најави намалување на најавеното зголемување на цените на гасот и струјата откако новите тарифи предизвикаа голема вознемиреност кај населението.
И онака високата инфлација бездруго ќе расте. „Владата вели дека на крај ќе имаме повеќе пари в џеб. Но, ние всушност и натаму ќе мораме да преживуваме ден за ден”, стравува Мартинез.
„При девалвација се случува пораст на цените”, вели Тријана. Динамиката на порастот на цените не би смеело да се претвори во неконтролирана инфлација. „Во случајот на Куба е познато дека и во производството и во понудата имаме сериозни ограничувања. Затоа контролирањето на инфлацијата ќе биде една од најважните и пресудни задачи за успехот на мерката со преуредување на валутниот систем.”
Крај на тешката криза?
Сега не е најдобар момент за монетарна реформа, вели професорот по економија и посочува на комплицираните меѓународни околности. Но, и општо земено никогаш нема добро време за реформа чија суштина е девалвација. „Кога земјите прават реформа на валутата тоа е токму затоа што се во многу лоша ситуација”.
Падот во туризмот заради короната и заострените американски санкции Куба во изминатите месеци ја турнаа во тешка криза во однос на платежните обврски и снабдувањето. За да дојде до итно потребни девизи владата пред една година отвори државни т.н. девизни продавници во кои може да се купат уреди за домаќинство, автоделови, а од јуни и храна и хигиенски производи преку плаќање со картичка во странска валута.
Реформата не ужива поддршка
Сега следи ново монетарно и преуредување на платите и цените. За населението укинувањето на конвертибилниот пезос нема практични импликации, бидејќи и тој и кубанскиот пезос веќе подолго се користат синонимно како платежни средства.
Преку делумното „доларизирање” на економијата, американскиот долар го замени конвертибилниот пезос како „силна валута”. Денес де факто повторно има два курса на доларот. Додека еден американски долар според официјалниот курс чини 24 кубански пезоси, на црниот пазар се бараат 40 и повеќе.
„На реформата и' недостига поддршка", вели Тријана, „поддршка во финансиски поглед, како и во однос на надворешни приходи”. Тој алудира на парите од туризмот и меѓународните кредити. „Но, најмногу недостига ресурсот од кој луѓето имаат најмалку на располагање: време. Не е можно да си го земеш сето време на светот за да ја спроведеш оваа реформа. Таа е неопходна и мора да покаже позитивен резултат во најкраток можен рок.”