„Монсанто“ треба да плати милиони долари на заболен од рак
ЖА / агенции
11 август 2018
Суд во Сан Франциско донесе одлука аграрниот концерн „Монсанто“ да плати отштета на лице заболено од рак зашто негов производ - хербицид ја предизвикал болеста.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul
Реклама
Судска порота во судот во Сан Франциско смета дека хемиското-средство Roundup, производ на „Монсанто“, значително придонесло за појавата на рак кај тужителот Дивејн Џонсон, па аграрниот концерн треба да исплати отштета од околу 289 милиони долари на неизлечиво болниот поранешен хаусмајстор. Кај него е дијагностициран рак на лимфните жлезди, а за тоа, според судот, се одговорни хербицидите на „Монсанто“.
Поротата сметаше дека „Монсанто“ пропуштил да ги предупреди муштериите дека употребата на хербицидот може да предизвика рак, дејствувајќи „подмолно“. 46-годишниот тужител со години бил во контакт со големи количини хербици како вработен во повеќе училишта.
Во фокусот на судската постапка беше прашањето дали хемикалијата Глифосат, содржана во хемиското средство за уништување плевел, евентуално има поттикнувачко дејство за развој на рак. „Монсанто“, кој однеодамна припаѓа на концернот од Германија, „Бајер“, одрекува негативно влијание на својот производ, повикувајќи се на научни студии, според кои употребата на неговиот производ е без последици по човековото здравје.
Меѓутоа, експертите се поделени во мислењето околу тоа дали Глифосатот навистина може да предизвика рак. Заклучокот на Американската еколошка служба ЕПА, како и надзорните служби од Германија и ЕУ е дека хербицидот не претстваува опасност во поглед на развој на рак.
Но, Меѓународната агенција за истражување на ракот, која припаѓа на Светската здравствена организација, пред три години констатираше дека Глифосатот веројатно стимулира развој на рак кај луѓето.
Илјадници луѓе во САД заболени од рак одговорноста ја лоцираат кај „Монсанто“. Федерален судија во Сан Франциско минатиот месец одобри преку 400 натамошни тужби против концернот. „Монсанто“ најави обжалување на пресудата.
Фантастичниот свет на лековитите билки
Луѓето користат лековити растенија со векови. Тие и денес во медицината играат голема улога. Сепак, на околу 4.000 лековити растенија им се заканува изумирање.
Фотографија: Fotolia/steheap
И за традиционалната и за модерната медицина
Лековитите растенија се познати со векови и се користат и денес. Побарувачката, меѓутоа, има последици - околу 4.000 од 70-те илјади видови растенија кои се користат, се загрозени, соопшти Светската унија за заштита на природата. Еколошките организации бараат заштита на ова природно богатство.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Добро за кожата
Алое Вера потекнува од Африка. Денес расте во Средоземјето, Азија, Северна Африка и Блиски Исток. Алое Вера е под заштита. Нејзините листови, преработени во гел, се користат за третман на кожни заболувања или изгореници.
Фотографија: Imago
Тајната на Гете
Арниката расте во планините во Европа, Азија и Америка. Исушените цветови на арниката во вид на чај, маст или масло, се добри при повреди на мускулите, отоци, како и за поттикнување на циркулацијата и дишењето. Се вели дека Гете кога имал проблеми со срцето секогаш пиел чаша чај од арника.
Фотографија: Fotolia/Fel1ks
Вкусно и здраво
Артичоките не се само вкусни, туку имаат и лековито дејство кое им било познато дури и на старите Египќани и Римјани. Тие помагаат при стомачни болки, а нивното дејство се должи на флавоноидот и горчливите состојки во листовите.
Фотографија: CC-BY-SA-Brunswyk
Јужноамерикански трик
Татковината на болдото е Чиле, од каде што се увезува ова растение. Чајот од болдо е горчлив, но помага против грчеви во стомакот и проблеми со варењето.
Фотографија: CC-BY-SA- Penarc
Ја штити бешиката и бубрезите
Нема кој не ја знае копривата, која вирее речиси во цел свет. При допирот предизвикува болка, но ова растение има и тоа како добри особини. Неговите листови во вид на екстракт, чај или сок делуваат против болести на мочните патишта, реума и против камења во бубрезите. Освен тоа, екстракт од коренот на копривата е добар при проблеми со простатата и бешиката.
Фотографија: CC-BY-SA- Adampauli
Зајакнувач на имунолошкиот систем
Коренот на гинсенг е познат во традиционалната кинеска медицина повеќе од 2000 години. Во Европа бумот на оваа лековита билка почна дури во 20. век. Гинсенгот денес е загрозен поради преголемо користење. Тој потекнува од источна Азија и се увезува главно од Кореја. Гинсенгот во вид на чај го зајакнува имунолошкиот систем и е средство против замор, стрес и настинки.
Фотографија: CC-BY-SA-Lohrie
Ароматичен поттикнувач на апетит
Вкусот на ѓумбирот е омилен во божиќните пецива и азиската кујна. Коренот од југоисточна Азија го стимулира варењето и делува антисептички. Ѓумбирот во античка Грција и Рим го донесле арапските трговци.
Фотографија: Fotolia/awiec
Добра за стомакот и цревата
Камилицата е дома во цела Европа. Таа денес е позната ширум светот и ја има и на другите континенти. Цветовите и од нив добиеното етерично масло помагаат и внатрешно и надворешно, главно против болки во стомакот и воспаленија на кожата. Чај од камилица дејствува и смирувачки.
Фотографија: Fotolia/chulja
Жолт спасител на црниот дроб
Глуварчето е раширено на целата северна земјина полутопка. Растението помага против болести на црниот дроб, проблеми со жолчката, тешкотии со варењето и проблеми со бубрезите.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Убава и смирувачка билка
Од маракујата се прави благокисел сок, кој е омилен. Листовите, меѓутоа, се медицински корисни. Тие дејствуваат против нервоза, благи депресии, проблеми со сонот како и против проблеми кои се јавуваат во време на климактериумот.
Фотографија: Fotolia/StefanRiedmüller
Богатство во кујната и во домашната аптека
Жалфијата вирее во Средоземноморскиот регион, но денес може да се најде во градините во цел свет. Таа не е само зачин. Чајот од жалфија има антибактериско дејство и помага против воспаленија на непцата или грлото. Преработки од жалфија помагаат и при проблеми со варењето и прекумерно потење.