1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Монте Карло во Монтенегро

20 септември 2009

По законот со кој се забранува коцкањето во Русија, земјите од Југоисточна Европа се спремни да ги „прифатат“ руските коцкари. Црна Гора интензивно гради коцкарници, очекувајќи да прерасне во Монте Карло на Балканот.

Казино во хотелот „Маестрал“во МилочерФотографија: Filip Slavkovic

Толпи туристи се туркаат во тесните улички на Будва. Тој град, со своите куќи од камен, тврдина од 15-тиот век , како и многу бутици и ресторани, е привлечна дестинација за странските гости на црногорското крајбрежје. Најмногу гости, до душа, доаѓаат за време на трите месеци во летото, некои доаѓаат уште во мај или септември. Следната година, тоа би требало да се промени. Се планира градење коцкарници. Црна Гора сака да привлече коцкари од целиот свет.

Многумина веќе зборуваат за новото Монако на Балканот. Но не се сите среќни поради тоа. На пример младиот фризер Борис: „ Онаму отспротива, каде што го гледате натписот „Трокадеро“, тоа ќе биде најголемата коцкарница во Црна Гора. Не е дека навистина се радуваме за казината. На пример, моите другари сакаат да се коцкаат, некои од нив веќе одамна прокоцкаа се‘. Сите се зависни од тоа. Тоа се проблемите на нашиот град. Бидејќи од здодевност веќе нема што да правиш, или ќе читаш, или ќе седиш во кафуле, или ќе се коцкаш – така ти е во зима во Будва.“

Потенцијалните играчи ќе доаѓаат со чартер летови

Драган Ивачевиќ: „Развојот на казино-туризмот носи и опасности“Фотографија: Filip Slavkovic

Будва има околу 10.000 жители, а во зима понудата за работа е слаба. И покрај тоа, во градот има повеќе стотина милионери кои својата земја ја продадоа на инвеститори, пред се‘ од редовите на руските приватници. Хотелскиот менаџер Драган Иванчевиќ увидува дека развојот на казино-туризмот може да донесе и опасности со себе: „Не сметаме дека е добро да се градат голем број казина и такви места каде што локалното население би се анимирало и би се создавале социјални проблеми и зависници од коцкање“.

Иванчевиќ едно време беше заменик министер за туризам и одговорен за развојот на туризмот во Црна Гора. Со австриските партнери, човекот во своите средни педесетти, презеде еден хотел со 500 легла во поранешното рибарско место Бечиќи. Во август, 75 насто од хотелот му припаднаа на познатиот сопственик на трговски центри и на казина- московската групација Корстон.

„Веќе од октомври започнуваат со чартер летови, бидејќи досега покажаа интерес повеќе од 6.000 туристи, потенцијални играчи. Тие би се рекреирале во нашиот хотел и активно би учествувале во игрите на среќа. Тоа е еден голем потенцијал од Русија", вели Иванчевиќ.

Коцкањето како вид разонода

Мартиновиќ: „Казино- биснисот не направи лош имиџ ниту во Монте Карло“Фотографија: Filip Slavkovic

Потенцијалот, по забраната за казина во Русија, е толку голем, што веќе денес, по завршувањето на туристичката и почетокот на градежната сезона, многу хотели во Црна Гора ги претворија своите соби во коцкарници. Дозволи за тоа издава владата во Подгорица. Следната година се очекуваат десетина нови дозволи за такви места. Во моментов, во Црна Гора, има еден вистински коцкарски рај, хотелот „Маестрал“ во малото рибарско село Милочер. Марија Мартиновиќ е шеф на продажба. Таа нагласува дека казината всушност претставуваат еден вид на разонода. Според неа, зборот коцкање не звучи добро, а играњето игри на среќа го споредува со шопингот, изнајмувањето јахта и сличните начини на забава.

„Маестрал“ припаѓа на еден словенечки ланец хотели и е специјализиран за гости од италијанскиот југ. Тие најчесто доаѓаат со чартер летови, за време на викендот, раскажува Мартиновиќ. Тоа се пред се‘ семејства каде што мажот со задоволство игра игри на среќа, а жената си дозволува неколку дена опуштање во „велнес" центрите во хотелот, тврди одлучната млада Црногорка, седејќи на терасата од хотелот со погледот насочен кон не така оддалечената Будва: „На лето, во нашето вариете, настапува руско кабаре-шоу. Кога тоа ќе се каже, можеби имате предрасуди, но тоа се млади, школувани балерини, кои ја прилагодиле својата кореографија. Не значи дека е вулгарно, не е стриптиз, тоа не се замрачени простории каде што се одвива нешто сомнително.“

„Казино-бизнисот нема да направи лош имиџ“

Дали казината ќе донесат повеќе проституција, дрога и перење пари?Фотографија: Filip Slavkovic

Проституција, користење дрога, перење пари, ќе одат во чекор со масовното градење казина, предупредуваат западните набљудувачи. Марија Мартиновиќ противречи: „Казино- биснисот не направи лош имиџ ниту во Монте Карло. Монте Карло не е познат по проституција и лоши нешта, туку е елитно место во кое доаѓаат и луѓе кои се коцкаат. Лас Вегас исто така има своја приказна – ниту е негативен, ни е лош, а во еден филм за Џејмс Бонд, казиното е претставено како елитно место“.

Дел од последниот филм од серијалот за Џејмс Бонд се одвива во Црна Гора, каде што се зборуваше за имагинарното казино „Ројал“. Филмот сепак не беше сниман во Црна Гора. И елитите кои досега доаѓаат во Црна Гора се, пред се‘, руски олигарси, кои доаѓаат да ги „посетат“ своите нови недвижнини.

Автор: Филип Славковиќ / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми