1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Морална поддршка од НАТО за Украина

Б. Ригерт/Б. Георгиевски5 септември 2014

Украина доби поддршка од НАТО во конфликтот против Русија на истокот на земјата. Засега само морална, затоа што Aлијансата исклучува било каква воена интервенција.

Фотографија: Getty Images

Украинскиот претседател Петро Порошенко нема големи надежи кога се во прашање преговорите со Русија за примирје на истокот на неговата земја. Порошенко вети примирје, доколку Русија се согласи на мировен процес. Дали воопшто може да дојде до договор остана отворено и по првиот состанок на НАТО во Њупорт. Генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен, вели дека слични најави од Моска слушнале веќе неколку пати.

„Она што се брои се фактите на лице место“, рече Расмусен, алудирајќи на борбите во источна Украина. НАТО ја обвинува Русија дека испратила повеќе илјади војници во Украина кои се борат на страната на сепаратистите.

Во Њупорт, НАТО му искажа солидарност на Порошенко. Барем вербална. Но, НАТО не може да има воена улога во овој конфликт, вели Расмусен. Ни германската канцеларка Ангела Меркел не звучеше премногу оптимистички по средбата со Порошенко. „Сепак постојат постојани контакти меѓу Порошенко и рускиот претседател Путин“, рече Меркел. „А, дали од зборови ќе се премине и на дела, ќе треба да видиме. Ја почувствував желбата на украинскиот претседател да тежнее кон политичко решение. Секогаш говорев дека воено решение нема и не може да има“.

НАТО, според најавите на германската канцеларка и на другите политички лидери, ќе ја зголеми поддршката за Украина и во политичката и во воената соработка. „Ние ја поддржуваме Украина и покажуваме солидарност. Подготвени сме со помош на дополнителни санкции да извршиме притисок за да ги оствариме политичките барања“, тврдеше Меркел.

Политички реформи во Украина

Порошенко се заблагодари на поддршката и на долготрајната соработка и најави дека одредени земји-членки сакаат да и’ испорачаат повеќе оружје на неговата армија. Украина ќе добие и дополнителни финансиски средства од НАТО за обука на својата армија. Притоа, Порошенко најави и политички реформи во земјата, меѓу нив и поголема автономија и поголема заштита на руското малцинство на истокот на земјата. Сега наведе и конкретен термин за тие реформи. „Војната на истокот не е оправдување за недостиг на реформи. Затоа во следните недели ќе ја претставиме нашата програма за реформи која е развиена во тесна соработка со ЕУ и НАТО“, рече тој.

Ангела Меркел и Петро Порошенко во ЊупортФотографија: Reuters/R.Naden

Денеска НАТО ќе расправа за тоа како подобро да ги заштити источните земји-членки од заканите од Русија. Треба да се донесе одлука за формирање на сили за брза реакција и за поробустно присуство на Балтикот, во Полска и во Романија.

Претставниците на НАТО во неформалните разговори сепак признаваат дека не знаат како да ја натераат Русија да се повлече од источна Украина и од Крим. Расмусен повторно испраќаше апели до Москва: „Ја повикуваме Русија да се откаже од насилството и да зачекори на патот кон мирот“.

Евентуалното членство на Украина во НАТО воопшто не е тема, уште еднаш повтори и Меркел. За тоа прашање во иднина ќе треба да одлучува украинскиот народ, порача Порошенко.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми