Смог-аларм: воздухот во цел свет е сѐ позагаден. Во Германија за град со најзагаден воздух се смета Штутгарт.
Реклама
Многумина се радуваат на огнометите во новогодишната ноќ, но малкумина размислуваат околу загадувањето на воздухот што тие го предизвикуваат, иако накратко. На преминот кон Новата година во воздух се „истрелуваат“ околу 15 проценти од количеството на фината прашина која годишно ја „произведува“ сообраќајот. Во Германија посебно ревносни во истрелувањето петарди и ракети биле граѓаните во Лајпциг. Во еден часот таму биле измерени 1860 микрограми ситна прашина на кубен метар воздух, а дозволени се 50 микрограми, и тоа распоредени преку цел ден. И во Минхен и Нирнберг концентрациите краткорочно изнесувале над 1.000 микрограми на кубен метар воздух. Но, таму ветровите брзо го прочистуваат воздухот, што не е случај со Штутгарт, кој лежи во долина.
Штутгарт - престолнина на нечистиот воздух
Во зима над градот на Некар надвиснуваат облаци и студ. Затоа градоначалникот Фриц Кун размислува околу забрана на огнометот за следната новогодишна ноќ во Штутгарт, каде концентрацијата на ситна прашина на полноќ годинава пораснала на 172 микрограма на метар кубен воздух. А тоа значи аларм, при вакви вредности на граѓаните им е веќе препорачувано да се воздржат од употреба на камини и наместо приватни автомобили, да користат јавен сообраќај. Забрана за возење уште не е изречена. „Прописите на ЕУ дозволуваат пречекорување на дозволените гранични вредности вкупно 35 дена годишно“, истакнува Марион Вахман-Фибиг, раководител на Одделот за воздух во Сојузната еколошка служба. Мерната станица во Штутгарт лани регистрирала зголемено загадување на воздухот во 59 дена, а во 2015. година вредностите биле пречекорени во 72 дена.
Загадување во Полска, Кина
Во Полска, и без новогодишни огномети, оваа зима дозволените гранични вредности повеќекратно се надминати. Воздухот е загаден од честички од јаглен, зашто државата сѐ уште субвенционира термоелектрани, кои не одговараат на европските стандарди. Јаката зима ги принудува луѓето во Полска на интензивно загревање на домовите, иако и покрај тоа, според наводите на владата, од ноември досега од студ починале преку 65 лица.
Во Пекинг е прогласен највисок, црвен степен на смог-аларм. Поради загадениот воздух се затворени детските градинки и училиштата. За најчест виновник на прекумерната ситна прашина се посочува сообраќајот. Затоа во Мадрид и во Париз од сообраќајот беше исклучен секој втор автомобил. Во полскиот главен град Варшава беше воведено бесплатно користење на јавниот сообраќај. Во Пекинг кинеските власти посегнаа по забрани за користење автомобили според системот пар-непар.
Најчести загадувачи на воздухот, кои настануваат при согорувањето на фосилни горива во индустријата, приватните домаќинства и сообраќајот, се азотниот моноксид и азотниот диоксид. Освен тоа, воздухот се загадува и преку процесите во кои честички на ситната прашина од различна големина стапуваат во меѓусебна реакција. Тие се главен проблем за екологијата и за здравјето.
Големиот смог: Градови заробени од аерозагадување
Смог, јаглерод диоксид, отровни честички - аерозагадувањето е огромен проблем во повеќе градови во светот. Ова е преглед на градовите кои се најмногу погодени од проблемот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Улан Батор, Монголија
Улан Батор, освен што е еден од најстудените главни градови во светот, исто така е и град со висок степен на загадување на воздухот. За време на зимските месеци, живеалиштата се загреваат со јаглен и дрва што придонесува до 70% за формирање на смогот во градот. Аерозагадувањето во Улан Батор е седум пати повисоко од она што се смета за безбедно според СЗО.
Фотографија: DW/Robert Richter
Пекинг, Кина
Кинескиот главен град се соочува со толку големо загадување на воздухот што научниците велат дека е речиси невозможно да се живее таму - иако градот е дом на повеќе од 20 милиони луѓе. Истражувањата велат дека 3.5 милиони луѓе годишно умираат поради загаденоста на воздухот, една половина од нив се од Кина. Сепак, постојат други градови во светот кои имаат поголем проблем со смогот од Пекинг.
Фотографија: picture alliance/Photoshot
Лахоре, Пакистан
Загадувањето на воздухот е најголем проблем за животната средина во Пакистан. Ситуацијата е особено драматична во вториот по големина град, Лахоре. Смогот е предизвикан, првично од високиот обем на патен сообраќај, палењето на смет и прашината од околните пустини.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Њу Делхи, Индија
Во десетмилионскиот град Њу Делхи бројот на автомобили во последните 30 години се зголемил од 180.000 на 3.500.000 возила. Сепак, најголемите загадувачи се електричните централи кои работат на јаглен. Тие придонесуваат до 80% во вкупното загадување во градот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Ријад, Саудиска Арабија
Песочните бури, како што е прикажано на сликата во Ријад, придонесуваат за формирање на смог затоа што го зголемуваат бројот на честички во воздухот. На места како што е Саудиска Арабија, интензивното ултравиолетово зрачење ги претвара гасовите од транспортот и индустријата во озон.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Каиро, Египет
Лошиот квалитет на воздухот во Каиро е причина за голем број на заболувања кај жителите, како што се хронични проблеми на респираторниот систем и рак на белите дробови. Причината за загадениот воздух е зголемувањето на патниот сообраќај и растечкиот индустриски сектор.
Фотографија: DW Akademie/J. Rahe
Дака, Бангладеш
Според истражување спроведено од Макс-Планк институтот во Мајнц, околу 15.000 луѓе годишно умираат во Дака како последица на загадувањето на воздухот. Истражувачите откриле дека во Дака има најголема концентрација на сулфур диоксид во светот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Москва, Русија
Иако изгледа исто, смогот на различни места во светот има поинаков состав во зависност од градот. Смогот во Москва е карактеристичен по високите концентрации на јаглеводород. Западниот дел на градот често има ветрови поради што квалитетот на воздухот е подобар.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Мексико Сити, Мексико
Проблемот со смогот во Мексико Сити се продлабочува поради неговата географска локација. Градот е опкружен од три страни со планини. Поради високите нивоа на сулфур диоксид и хидрокарбонати во воздухот, Мексико Сити долго беше сметан за еден од најзагадените градови во светот. Состојбата сега се подобрува благодарение на новата сообраќајна политика и затворањето на некои фабрики.
Фотографија: picture-alliance/dpa
9 фотографии1 | 9
Агресивните микрочестички продираат во клетките
Многу токсични супстанции воопшто не се опфатени со мерењата, како ултраситните честички, кои не можат да бидат измерени поради малата тежина. Тие настануваат во процесите на согорување во електраните и во авиосообраќајот. Тие честички продираат длабоко во белите дробови на луѓето и во човечките клетки.
Вдишувањето на ситната прашина го загрозува човековото здравје. Загадениот воздух предизвикува заболувања на дишните патишта, води кон рак на белите дробови и прерана смрт. Европската агенција за екологија укажува дека половина милион Европејци под 65 години секоја година умираат предвремено поради хронични болести, при што загадениот воздух игра важна улога. Притоа, изостанува остра реакција кај граѓаните против загадувачите.
Ситната прашина - апстрактен проблем
Ситната прашина нема мирис, вкус и е невидлива. „Дискутиравме и со експерти, вклучително психолози, и дојдовме до заклучок дека не е можно заобиколување на проблемот, зашто мораме да дишеме“, истакнува Марион Вахман-Фибиг.
До намалување на емисијата на штетни честички може да води подобрената техника на возилата, како и намалено користење на горивата. Државите во ЕУ во декември се обврзаа на редуцирање на испуштањето на пет вида штетни материи, меѓу кои ситна прашина, азотен моноксид, азотен диоксид, органски соединенија како предстепен на озонот и амонијакот. Германија треба до 2030. година да ја намали емисијата на амонијак, создадена преку сточарството и ѓубрењето, за 29 проценти; Франција за 13 проценти и Австрија за 2 процента. ЕУ планира до 2030. година да го преполови бројот на прерани смртни случаи предизвикани од загадување на воздухот.
Проект „Без смог“- чист воздух за сите
Иновативниот дизајн продуцира чист воздух, а истовремено креира модерен накит.
Фотографија: Derrick Wang
Од друга планета
Кулата „Smog Free“ изгледа доста футуристички и како да не потекнува од нашата планета. Сепак, нејзината функција е поприлично „земјена“ - да обезбеди чист воздух.
Фотографија: Derrick Wang
Прочистување на амбиеталниот воздух
Во внатрешноста на кулата се наоѓа високо ефикасен филтер за воздух кој користи многу малку енергија и е способен да ги задржи и најситните честички кои се наоѓаат во воздухот. Како резултат на тоа, воздухот кој ќе помине низ системот на кулата е до 75% почист од останатиот воздух во средината.
Фотографија: Derrick Wang
Диши слободно
Очигледно е дека една кула не може да го прочисти воздухот во цел град. Идејата зад овој коцепт е да се создаде место каде луѓето може да се собираат и каде што ќе можат да размислуваат и дишат слободно. Со оваа кула тоа би можело да се постигне дури и во најзагадените градови во светот, како што е Пекинг (прикажан на фотографијата).
Фотографија: Laard Buurman
Што со отпадот?
Креаторот на кулата, дизајнерот Рузегард верува дека во иднината нема да постои отпад. Поради тоа, тој бара начин како да ги искористи филтрираните честички кои произлегуваат од филтрирањето на амбиеталниот воздух.
Фотографија: Studio Roosegaarde
Нешто скапоцено
Тимот на Рузегард одлучи под висок притисок да компресира ситни честички, а потоа да ги вметне во обвивка изработена од акрил. Резултатот е овој правоаголен орнамент кој потоа може да се користи во изработката на накит.
Фотографија: Studio Roosegaarde
Смела визија
Човекот кој стои зад овој подвиг, холандскиот дизајнер Дан Рузегард всушност сака да го овозможи човечкото право на чист воздух за сите луѓе.