1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Мора ли Германија да го испорача Пуџдемон?

Џенифер Вагнер
27 март 2018

Поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон беше уапсен во Германија по издадена европска потерница. Што значи овој налог за апсење и како натамошно ќе се одвиваат работите?

Belgien Ehemaliger katalanischer Präsident Carles Puigdemont im Interview mit Reuters in Brüssel
Фотографија: Reuters/E. Vidal

Кои се обвинувањата против Пуџдемон?

Карлес Пуџдемон во октомври 2017. година прогласи независност на Каталонија, прекршувајќи го уставот на Шпанија. Судството покрена истрага против него и други водечки сепаратисти. Поради тоа Пуџдемон побегна во егзил во Белгија. Шпанското правосудство го повлече во декември претходно издадениот европски налог за апсење. Но, во петокот беше издаден нов налог за апсење, кој сега е испочитуван. Според шпанските медиуми, на Пуџдемон му се префрла поттикнување бунт и проневера на јавни пари.

Што е европски налог за апсење?

Европскиот налог за апсење го забрзува и поедноставува испорачувањето помеѓу две држави членки на ЕУ. Освен тоа, нивните правосудства директно соработуваат. За испорачување на Пуџдемон би морало и во земјата во која е уапсен во кривичното право да егзистира кривичното дело за кое е обвинет во неговата земја. „Побуна постои во Кривичниот закон на Шпанија, но не и во Германија“, вели правниот експерт на вториот канал на германскиот јавен ТВ-сервис, ЦДФ, Јоахим Пол, но: „Во Германија постои кривично дело 'велепредавство'. Тоа е деликт кога некој се обидува да изврши насилно соборување на власта. Но, Пуџдемон не спроведуваше насилство.“ Како ќе се постапува натаму во овој случај, мора да разјасни правосудството. Во секој случај, смета Пол, постои нешто што може да биде искористено: проневера на државни пари, Пуџдемон е обвинет и за тоа дело. „Тоа би можело да послужи како причина за испорачување.“ 

Обвинението против Пуџдемон не спаѓа меѓу 32-те најтешки кривични дела, кои според европскиот налог за апсење би предизвикале тој веднаш да биде испорачан. Кај овие деликти, во кои спаѓа учество во криминална група или организација, тероризам, трговија со луѓе или измама, веќе не е нужно делото да егзистира во кривичниот закон на двете земји. Доволно е за тоа кривично дело во земјата која го издава налогот за апсење, за делото да постои казна затвор од најмалку три години.

Затворот во Нојминстер, каде е сместен ПуџдемонФотографија: Reuters/F. Bimmer

Колку брзо мора да се постапува?

Тука важат строги рокови: земјата во која е уапсено бараното лице, мора да го испорача на земјата која издала налог за негово апсење во рок од 60 дена. Ако Пуџдемон се согласи со испорачување, тогаш тоа може да се одлучи и во рок од десет дена.

За разлика од традиционалниот процес на екстрадиција, во случај на европски налог на апсење отпаѓа дипломатскиот пат, односно обидот за решавање на случајот по политички пат. Германската министерка за правосудство Катарина Барли, како што изјави за германскиот јавен сервис АРД, не сака да прибегнува кон политички средства. „Кога постои европски налог за апсење, постои многу јасен правен начин на постапување“, истакна таа.

Државите членки на ЕУ можат од 1. јануари 2004. година да користат европски налог за апсење. Во таков случај државите членки обострано ги признаваат судските одлуки.

Повеќе: 

Барселона на нозе - се бара ослободување на Пуџдемон

Каталонците бараат „Република сега!“

Пуџдемон сака да управува со Каталонија од егзилот во Брисел

Како натаму ќе се одвива случајот Пуџдемон?

Откако полицијата го уапси поранешниот претседател на Каталонија, тој беше изведен пред суд. „Тоа е чиста формалност“, изјави келнскиот експерт за кривично право Николаос Газеас за радио Дојчландфунк. Во таа прилика се утврдува неговиот идентитет и се одлучува дали поради опасност, на пример од бегство, мора да остане во притвор. Околу прашањето дали Пуџдемон ќе биде сместен во екстрадициски притвор, ќе одлучи Високиот покраински суд во Шлезвиг Холштајн. Врз основа на документите од Шпанија, тој носи одлука дали е правно издржано испорачување на шпанските власти. Доколку не постојат правни пречки за испорачување, конечната одлука ја носи Генералното обвинителство.

Газеас вели дека германските органи случајот од Каталонија ќе го оценуваат низ „очилата“ на германското право. „Доколку фактичката состојба е таква што и кај нас постои кривично дело, ќе се донесе одлука за испорачување.“ Притоа, можно е да биде одобрено испорачување, но со ограничување - Пуџдемон во Шпанија да биде обвинет само поради проневера на пари, а не и поради бунт.

Во Барселона пред германската амбасада демонстрираат луѓе против апсењето на ПуџдемонФотографија: Getty Images/AFP/J. Lago

Ќе мора ли Германија да го испорача Пуџдемон?

Правните експерти сметаат дека тоа ќе мора да се случи, но не поради сите обвинувања. Генерално важи дека една земја може да одбие испорачување на бараното лице само ако постои основана причина за тоа. На пример, ако лицето веќе е осудено за истото кривично дело, ако во земјата во која е уапсено се смета за сѐ уште малолетно или ако кривичното дело за кое е обвинето бараното лице во земјата во која е уапсено, спаѓа во делата кои се амнестираат. Исто така може да биде одбиено испорачување и ако деликтот не спаѓа во 32-те тешки кривични дела.

Што ќе се случи ако Пуџдемон поднесе барање за азил?

Имаше шпекулации дека Пуџдемон размислува да поднесе барање за азил во Германија. „Доколку тој се одлучи на тој чекор, тогаш како и во секој друг случај, за тоа ќе решава Сојузната служба за миграции“, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи на покраината Шлезвиг Холштајн. Но, очигледно е дека Пуџдемон нема намера да поднесува апликација за политички азил во Германија. Тоа го потврди и неговиот адвокат за каталонското радио.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми