Москва го повикува Западот да запре со „деструктивната“ политика за Украина
2 мај 2014Руската влада предупредува дека акцијата на украинската армија против сепаратистите на истокот на Украина може да има драматични последици. Акцијата против сопствениот народ ја води земјата кон „катастрофа“, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Тоа ја обвини владата во Киев дека во градот Славјанск почнала „одмаздничка акција со учество на терористи“ од десноекстремистичката групација Десен сектор.
Првиот дипломат на ЕУ, Кетрин Ештон, во Брисел побара „деескалација“ на кризата и нагласи дека Унијата ја следи состојбата со „сѐ поголема загриженост“. ЕУ бара што е можно поскоро спроведување на Женевскиот договор, кој предвидува и напуштање на окупираните згради во источна Украина од страна на проруските милиции. „Тоа мора да се стори со воздржаност, но зградите мора да бидат испразнети“, нагласи Ештон. На прашањето дали постапките на државните органи во Украина претставуваат деескалација, таа не сакаше да одговори: „Немам што да додадам. Потребна е деескалација. Сите наши напори одат во таа насока“, рече таа, додавајќи дека треба да бидат ослободени и сите илегално заробени лица, меѓу кои и воените набљудувачи на ОБСЕ.
Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер денеска исто така побара враќање кон договорот од Женева. Во Женева Украина, Русија, САД и ЕУ постигнаа договор за спречување на „секаква форма на насилство, заплашување и провокации“.
Офанзива во Славјанск
Украинските владини трупи утрово започнаа напад врз проруските милиции во градовите Славјанск и Краматорск, на истокот на земјата. Единиците на армијата, националната гарда и Министерството за внатрешни работи ја преземале контролата врз повеќе контролни пунктови на сепаратистите, напиша министерот за внатрешни работи Арсен Аваков на Фејсбук. Аваков ги повика граѓаните во областа каде што се спроведува „антитерористичка акција“ да не ги напуштаат домовите и да не се задржуваат во близина на прозорци. Според официјални наводи, во борбите се урнати два армиски хеликоптери и убиени се најмалку двајца војници. На страна на проруската милиција е пријавен еден загинат и повеќе ранети.
Славјанск од април е во рацете на проруските сили. Портпаролот на рускиот претседател Путин, Дмитирј Песков, оцени дека акцијата на украинските сили е „одмазда“ и дека со нејзе е убиена и последната надеж за опстанок на договорот од Женева. Песков денеска (2.05) извести и дека со указ на рускиот претседател Владимир Путин во југоисточните рускојазични региони на Украина бил испратен неговиот специјален претставник Владимир Лукин, кој треба да преговара за ослободувањето на меѓународните воени набљудувачи од мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) кои се заробени во Славјанск. Меѓутоа, портпаролот на Кремљ рече дека откако изутрината започна воената операција на украинската армија, Москва не може да се поврзе со Лукин.
„Крајно сме загрижени од тоа што во зоната на операцијата се наоѓа не само специјалниот претставник на претседателот Луки, со кој не можеме да комуницираме во моментов, туку таму се присутни и руски новинари и претставници на странски медиуми“, рече Песков додавајќи дека Москва побарала од Киев да биде гарантирана нивната безбедност. Според него, претседателот Путин оперативно ги добива сите информации за состојбата во југоисточна Украина од почетокот на воената операција.